Вести

Антикорупциската комисија привремено недостапна

По оставките што ги дадоа петмината од седум членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, оваа институција како да стави клуч на врата. Единствените членови кои не поднесоа оставки, Најдо Спасевски и Сузана Таскова Аџикотарева, не одговараат на телефонските повици, а до редакцијата на БИРН стигна и известување дека „поради објективни причини“, комисијата не може ниту да одговара на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

БИРН уште пред еден месец до комисијата поднесе две барања за информации од јавен карактер кои се однесуваат на постапки во надлежност на Антикорупциската комисија.

Во одговорот што стигна речиси еден месец подоцна, пишува дека „имателот на информациите од објективни причини, познати во јавноста (оставки поднесени од мнозинството членови на ДКСК), не е во можност да одлучи по истите“.

Нејасно останува зошто е потребен комплетен состав на Антикорупциската комисија за да се одговори на барања за пристап до информации од јавен карактер, кога тоа најчесто спаѓа во работни обврски на административните службеници во институцијата. Оттука произлегува и прашањето како и дали комисијата воопшто ќе отвора нови случаи во овој период, кога не може да одговори ни на барања за слободен пристап до информации.  

Извори во Собранието велат дека се поминати сите собраниски процедури односно констатирани се оставките на петмината членови на ДКСК. Според Законот за спречување на корупцијата, Собранието сега треба да објави оглас за именување за член на Државната комисија со мандат во траење до истекот на мандатот на разрешениот член. Тоа значи дека новоизбраните членови, кои ќе се бираат по претходно распишан конкурс, ќе имаат мандат до 15 април 2019 година, а потоа ќе се пристапи кон бирање на комплетно нов состав на Антикорупциска.

Членовите од актуелниот состав на комисијата, кои во својот мандат не се прославија со борба против криминалот и корупцијата, почнаа да поднесуваат оставки по обелоденувањето на информацијата од страна на порталот „Сакам да кажам“ дека членовите земале пари за патни трошоци со лажни налози. Дел од нив дадоа оставки поради здравствени причини, а некои пак, во своите оставки напишаа дека ги даваат поради политички притисоци.