Апелациониот суд Скопје денеска ја потврди одлуката на кривичниот суд, со која експремиерот Никола Груевски беше осуден на две години затвор за случајот „Тенк“, за набавката на половина милион тешкиот тендер за „мерцедесот“.
Груевски има можност да поднесе Барање за заштита на законитоста (БЗЗ) до Врховниот суд со кој раководи Јово Вангеловски, но тоа не го одложува извршувањето на казната.
За Груевски да почне со издржување на затворската казна, прво судот треба да издаде упатен акт. Овој документ треба да го издаде судија за извршување санкции во рок од 15 дена од пресудата, вели за БИРН адвокатот Александар Тортевски.
„Во упатниот акт ќе се наведе датумот кога тој треба да се јави во казнено-поправната установа. Овој датум се определува во координација со затворот, но според моја проценка сето тоа не би требало да трае повеќе од еден месец. Може да се поднесе приговор кон упатниот акт, но тоа не го одложува извршувањето. Нема да има одложување ниту ако поднесе жалба до Врховниот суд. Ако не се јави на издржување на казната на определениот датум, затворот го информира судот, кој потоа распишува потерница, и осудениот може да биде приведен каде било“, објаснува Тортевски.
Сепак постои веројатност и Груевски да не оди во затвор, доколку веднаш поднесе барање за заштита на законитоста (БЗЗ) до Врховниот суд и ако истото му биде уважено во краток рок, пред судот да го издаде актот за извршување на казната.
Скандалот што беше откриен во „бомбите“ на СДСМ, каде што можеше да се слушне како Груевски директно го нарачува „мерцедесот“ од тогашната министерка Гордана Јанкулоска.
Овој случај го работеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Второстепениот суд му ја намали казната на поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, од шест и пол на четири и пол години.