Вести

Базата на БИРН за земјоделски субвенции доби прва награда од ЕУ

Првонаградениот Димитриевски со амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар | Фото: МИА

Александар Димитриевски, автор на базата на податоци за субвенциите на БИРН е добитник на првата награда на конкурсот за најдобра истражувачка сторија во 2016 година што денеска во Скопје ги додели Европската Унија.

Базата ја документира распределбата на субвенциите за растително и за сточарско производство во периодот од 2010 до 2014 во вредност од 450 милиони евра.

Во рамките на овој обемен истражувачки потфат се објавени и наодите кои произлегуваат од добиените и обработени податоци за субвенциите кои ги откриваат петте најголеми компании што зеле поддршка од државата и колку потрошените пари во овој период придонеле за развој на земјоделството и на производството на храна во државава.

Втората награда на конкурсот ја доби новинарот Зоран Јовановски од „360 степени“ за сторијата за еколошките последици од работењето на ископот Осломеј „Пеплишта на смртта“, додека најдобар млад истражувач е неговата колешка од „360 степени“ Славица Филиповска за темата „Бугарски пасоши за чиста Македонија“.

Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство се доделува трета година по ред, а за 2016 година се пријавиле 26 автори со 32 стории.