Вести

БИРН во потесен избор за најпрестижната глобална награда за дата новинaрство

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Базата на податоци „Странски инвестиции под лупа“ на БИРН Македонија е меѓу петте номинирани за глобалната Награда за дата новинарство 2017, во категоријата – мали редакции. Тие се избрани во конкуренција од вкупно 99 апликации во оваа категорија.

На овој престижен конкурс вкупно аплицираа 573 медиумски проекти, од кои 69 се номинирани за награда во некоја од 11-те категории.

Наградата ја доделува Глобалната мрежа на уредници (Global Editors Network) со поддршка од Google News Lab и Knight Foundation, а во соработка со Chartbeat. Годинешнава церемонија на доделување на наградите ќе се одржи во палатата Хофбург во Виена за време на седмиот Самит на Глобалната мрежа на уредници на 22 јуни.

Претходни лауреати на најголемото глобално признание за дата новинарство, меѓу другите, се: BuzzFeed, Quartz, The New York Times, The Guardian, ProPublica, La Nación, но и помали редакции како Ojo Publico, Civio Foundation и Convoca.

Базата „Странски инвестиции под лупа“, која БИРН Македонија ја објави во јануари 2017 ги истражува резултатите од политиката на привлекувањето на странските инвестиции во Македонија. Таа открива дека e инвестирано седум пати помалку од најавеното и дека се отворени три пати помалку работни места отколку што беше ветено.