Вести

Бетон ќе ја гради НБРМ за 24 милиони евра

Новиот објект на НБРМ е лоциран на улицата „Филип Втори“, веднаш зад новата зграда на Министерството за надворешни работи / Фото: БИРН

Новиот објект на НБРМ е лоциран на улицата „Филип Втори“, веднаш зад новата зграда на Министерството за надворешни работи / Фото: БИРН

Новиот објект на Народна банка на Македонија ќе го гради градежната компанија „Бетон – Скопје“ за 24 милиони евра. Договорот меѓу НБРМ и „Бетон“ е склучен на 5 октомври откако компанијата е избрана на електронска аукција меѓу 7 понудувачи, а како главен критериум за избор е наведена – најниска цена.

Со последниов договор градежната компанија „Бетон – Скопје“ останува убедливо најзастапен изведувач во рамките на проектот „Скопје 2014“ со 32 објекта и договори во вредност од над 215 милиони евра.

Новиот објект на НБРМ е лоциран на улицата „Филип Втори“, веднаш зад новата зграда на Министерството за надворешни работи. Градежното земјиште ѝ е доделено на НБРМ на трајно користење од страна на Владата на седницата одржана на 3 јануари 2013 година.

Новата локација Народна банка ја доби откако претходно ја врати доделената парцела пред зградата на „Лумикс“, на плоштадот „Македонија“.

Според најавите, новата зграда на НБРМ ќе биде изведена во стилот на објектите карактеристични за „Скопје 2014“, со столбови, скулптури и псевдо-класичен архитектонски израз. Градежниот проект го изработи Друштво за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги ЛОУ ТЕК ДООЕЛ Скопје врз основа на идејното решение на архитектите Никола Стакинов и Лазар Димов. Двајцата автори ги потпишуваат и идејните решенија на повеќе фасади во централното градско подрачје, измената на изгледот на Министерството за правда, фасадата на објектот „Пелагонија“, како и деловната зграда на АД ЕЛЕМ.

Со последниот договор за објектот на НБРМ, сумата во базата на податоци на БИРН „Скопје 2014 под лупа“ се искачи на 667 милиони евра.