Македонија може да влезе во нова политичка криза ако во вториот круг од претседателските избори не биде постигнат цензусот, од кој зависи успешноста на изборниот процес. Според законот, за претседател е избран кандидатот што добил мнозинство гласови од избирачите што гласале, доколку гласале повеќе од 40 отсто од избирачите.
Според членот 81 од Уставот „доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка“. Но, Уставот не определува никаков рок во кој би била повторна целата постапка.
Таа празнина не е прецизно затворена ни со одредбите во Изборниот законик, па толкувањата одат по „аналогија“ на роковите предвидени за други околности на престанок на мандатот на претседателот.
Поради недореченоста на регулативата и стравување од нова криза, засега сите навиваат за успешен изборен процес
Поради недореченоста на регулативата и стравување од нова криза, засега сите навиваат за успешен изборен процес.
„Успехот на изборите не зависи ни од ДИК, ниту од кои било државни органи. Успехот зависи од претседателските кандидати, дали тие ќе ги убедат избирачите да излезат на гласање“, вели претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски.
На прашањето – каква е гаранцијата дека во случај на неуспешен процес повторените избори би биле успешни, кусо одговара: „Никој не може да даде таква гаранција“.
Летото неповолно за нови избори
Но, токму поради опасноста да се влезе и во втор неуспешен круг избори, со кои државата ќе има само нови финансиски трошоци, а можеби повторно нема добие претседател, дел од правните експерти сметаат дека нови избори треба да се распишат само откако ќе се елиминираат причините за неуспешните избори: или да се намали цензусот или да се премине кон избор на шеф на државата во парламентот.
Тоа значи почеток на постапка за уставни измени, за која ќе бидат потребни најмалку четири месеци, период, во кој функцијата шеф на државата привремено би ја вршел претседателот на Собранието. Според дел од експертите, заради авторитетот на функцијата претседател и балансот на власта, би било добро шефот на државата и натаму да се избира на непосредни избори, а да се интервенира исклучиво во намалување на цензусот.
Но, дали постапката за евентуални уставни измени може да ѝ претходи на обврската за повторување на изборите или мора да уследи потоа?
Поради недореченоста на членот 122 во Изборниот законик, кој без никакви рокови предвидува „повторување на целата постапка“, Деркоски вели дека на ова прашање одговор треба да се побара кај претседателот на Собранието, бидејќи тој ги распишува изборите. Членот 12, став 1 од Изборниот законик, вели дека „актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржувањето на изборите“.
Претседателот на парламентот, Талат Џафери вели дека нема дилема: прашањето е регулирано во членот 12, став 4, од Изборниот законик, според кој „од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена“.
Под претпоставка да треба да одиме на избори веднаш, тогаш првиот круг би требало да се одржи на крајот од јули, а вториот во август. Дали летото би било подобен термин за избори, кога луѓето се на годишни одмори?, вели претседателот на Собранието
„Зборувам за одредби и процедури. Под претпоставка да треба да одиме на избори веднаш, тогаш првиот круг би требало да се одржи на крајот од јули, а вториот во август. Дали летото би било подобен термин за избори, кога луѓето се на годишни одмори? Што е добивката, ако околностите не произведуваат поволна клима за успешен процес? Ние и за овој круг избори се раководевме од датумите, односно гледавме првиот круг да не биде на Велигден и термините ги усогласивме заедно со сите партии во парламентот. Изборите не ги правам за себе. Тоа е чин кој треба да се спроведе успешно. Затоа, во моментов е најважно сите да се сконцентрираме на успешноста на изборите и на постигнување на цензусот“, вели претседателот на Собранието.
Тој не сака хипотетички да зборува што би било ако не биде успешен изборниот процес, но ако се случи такво нешто, најавува консултации со сите партии во Собранието.
Не за 90 или 70, туку за 40 дена
Но, според правните експерти, законската одредба што ја посочува Џафери не е соодветната. Тие велат дека создава конфузија повикувањето на член 12 став 4 од ИЗ во однос на распишувањето на изборите, бидејќи решението треба да се бара во одредбите од главата посветена на избор на претседател на Републиката поради престанок на мандатот.
Посочуваат дека при неуспешни претседателски избори поради недоволна излезност во вториот круг, за одржување на нови избори се применуваат одредбите од член 81 став 8 од Уставот, и соодветно член 14 став 2 од Изборниот законик („Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот“).
„Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот“
„Овие одредби јасно определуваат дека во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката ‘од кои и да е причини’, изборот на нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот. Со оглед на тоа што мандатот на претседателот Иванов ќе истече по вториот круг од сегашните избори (на 12 мај), ќе се применува рокот од 40 дена, бидејќи тоа претставува престанок на мандат по сила на Уставот. Тој рок ќе почне да тече од моментот на престанокот на неговиот втор мандат. Поточно, член 137 став 2 од Изборниот законик регулира дека претседателот на Собранието донесува акт за распишување избори за избор на претседател на Република во рок од 48 часа од објавувањето на актот на Уставниот суд, со кој се утврдува настанување на условите за престанок на функцијата“, објаснуваат нашите соговорници.
Овие одредби, всушност, се преземени од законските измени и дополнувања од 2004 година на Законот за избор на претседател на Република Македонија од 1994 година, по трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски и потребата за пополнување на законската празнина за организирање на процесот за избор на претседател поради престанок на мандатот.
Избор во парламентот – за и против
Според ова, и избори што би се одржале 40 дена по констираниот престанок на мандатот на Иванов, би навлегле во неповолен летен период – крајот на јуни. Законската обврска изборите да бидат повторени, но и извесноста дека би биле неуспешни во екот на летните одмори, повторно води кон нужни консултации на партиите, кои треба да постигнат договор – што и како понатаму.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред десетина дена изјави дека за нив е прифатливо претседателот на државата да се избира и во Собранието, доколку не биде обезбеден потребниот цензус на претстојните претседателски избори.
„Ние оваа тема ја потегнавме пред 10 години. Тогаш немавме поддршка од нашите меѓународни пријатели, но сега изгледа дека е оправдано да се мисли на такво нешто. Претседателот може да се избира и во Собранието и мислам дека тоа е оправдано“, изјави Ахмети.
Ако се има предвид дека за почнување постапка за уставни измени е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, неизвесно е дали такво мнозинство ќе го има.
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари вели дека не е сигурен дали во вториот круг ќе се обезбеди неопходниот цензус. Но, потенцира дека во иднина решението може да се најде во една од опциите што тие повеќепати ја посочуваат: на непосредни избори да се избира претседател заедно со заменик-претседател, при што вториот би бил и спикер на парламентот.
Според него, на тој начин граѓаните би биле помотивирани да излезат на гласање.
И додека во албанскиот блок има разногласие по ова прашање, партиите во македонскиот блок се фокусирани приоритетно на постигнување на цензусот и откривање на дополнителните резервоари на гласови.
Засега е неизвесно дали и колку гласовите од Блерим Река, „неистргувани“ и по слободна волја на гласачите ќе го супституираат можниот бојкот во македонскиот електорат
Еден од такви резервоари Сиљановска го смета можното „премислување“ на структури од десницата или блиски до неа, кои го бојкотираа првиот круг, а со кои таа најави средби за да им ја објасни важноста од учеството во овој изборен процес. Но, бранување на таа тема вчера стигна од Демократска фракција на ВМРО-ДПМНЕ.
„Испиленото кукавичко јајце во гнездото на ДПМНЕ и партиските камикази учествувајќи во вториот круг на претседателските избори ќе го запечатат за навек историскиот пораз на ДПМНЕ од Заев и неговите соработници. (…) Поради чесната и искрена желба да се спаси понатамошната деградација и обезличување на партијата и државата, и да се сопре опасноста од апсолутната власт на СДСМ и ДУИ, Демократска фракција јавно му нуди на Мицкоски гаранција за неговата партиска позиција и фотелја во замена за повик на бојкот на вториот круг на изборите“, се вели во соопштението од Демократската фракција.
Засега е неизвесно дали и колку гласовите од Блерим Река, „неистргувани“ и по слободна волја на гласачите ќе го супституираат можниот бојкот во македонскиот електорат, особено што очекувања од нив имаат и двајцата претседателски кандидати.
Ризичен цензус
Во моментов, единствениот мобилизатор за излезноста останува тесната разлика меѓу кандидатите на власта и опозицијата и фактот дека во втората рунда влегуваат со „нула“ гласови.
„Првиот круг на претседателските избори покажа дека кај електоратот постои исклучително ниска мотивираност за излегување и гласање“, вели аналитичарот Петар Арсовски. Според него, тоа се должи на неколку причини.
„Првата е ниската заинтересираност за претседателски избори воопшто, зашто таа функција нема директно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните, а потоа политичката цена за непопуларните потези во последниот период. Незадоволството од динамиката на реформите, воведувањето на владеењето на правото, борбата против корупцијата и економијата, најмногу влијаат граѓаните да не бидат мотивирани да излезат за избор на претседател“, оценува Арсовски.
„Ако само една третина од гласачите на Река одлучат да не гласаат во вториот круг (бидејќи нивниот кандидат не се пласирал), а тој дефицит СДСМ и ВМРО ДПМНЕ не го компензираат со дополнителна мобилизација, цензусот ќе биде невозможен“, вели аналитичарот Петар Арсовски.
Според него, ниската излезност претставува сериозен ризик за вториот круг, односно постои сериозна опасност да не избереме претседател.
„Ако само една третина од гласачите на Река одлучат да не гласаат во вториот круг (бидејќи нивниот кандидат не се пласирал), а тој дефицит СДСМ и ВМРО ДПМНЕ не го компензираат со дополнителна мобилизација, цензусот ќе биде невозможен. Прашање е дали ДУИ ќе се мобилизира дополнително и каде ќе одат гласачите на Река, но ако се задржи ваквата ниска мотивираност, Македонија може да не избере претседател, па со тоа да влезе и во нова политичка криза“, вели Арсовски.
Ако изборите не успеат, тој смета дека ќе биде многу тешко да се променат условите.
„Така, можно е единствената опција да бидат нови предвремени парламентарни избори, кои, пак, претставуваат нова, подлабока реевалуација за вкупната насока во која се движи државата“, вели тој.