Регион

БиХ: Меѓународни потерници пo 41 лице, обвинети за воени злосторства

Судот на БиХ | Фото: БИРН

Судот на Босна и Херцеговина му достави на БИРН список со 41 недостапно лице, против кое во моментов се води судска постапка пред овој суд и по кои е распишана меѓународна потерница, од кои многумина живеат во соседна Србија.

На списокот има неколку осомничени за геноцидот врз Бошњаците од Сребреница, извршен во 1995 година од страна на силите на босанските Срби, меѓу кои е и поранешниот министер за внатрешни работи на Република Српска, Томислав Ковач.

Меѓу обвинетите за геноцидот во Сребреница, по кои е распишана потерница, се и Радослав Јанковиќ, поранешен разузнавачки офицер во одделението за разузнавање и безбедност при Главниот штаб на Војската на Република Српска (ВРС), Светозар Косориќ, поранешен началник на одделението за разузнавачки работи на дринскиот корпус на ВРС, Борислав Стојишиќ, поранешен командир на воената полиција на власеничката бригада на ВРС и Рајко Дракулиќ припадник на воената полиција на истата бригада, како и Миломир Савчиќ, поранешен командант на 65-тиот заштитен моторизиран полк при  Главниот штаб на ВРС.

Списокот содржи и име на човек за кого се знае дека починал – Ненад Бубало, поранешен воен полицаец на ВРС, обвинет за учество во убиства на најмалку пет бошњачки цивили во 1992 година во Бихаќ.

Србија ја презеде постапката против Бубало, а Вишиот суд во Белград неодамна потврди дека постапката е прекината поради смртта на обвинетиот. Според одговорот што го добивме од Судот на БиХ, тие не се  информирани за ова.

На списокот на недостапни лица се и Недељко Милидраговиќ и Алекса Голијанин, кои се обвинети за геноцидот во Сребреница, иако против нив со години се води постапка во Србија.

„Имињата што ги споменувате во прашањето (Милидраговиќ и Голијанин) се однесуваат на лица кои сѐ уште се наоѓаат во нашата евиденција, бидејќи обвинението против нив е потврдено пред Судот на БиХ, иако им се суди пред Вишиот суд во Белград“, ни одговорија од Судот на БиХ.