Претседателот на Судот на Босна и Херцеговина, Ранко Дебевец, за БИРН изјави дека сѐ уште државното обвинителство не го известило, дали лицето или лицата кои минатата година му се закануваа со смрт, се идентификувани.
Ниту другите судии и раководители на судски институции на државно ниво, кои во исто време добија закани, не се информирани за тоа дали лицата што им се заканувале, се идентификувани.
„Јас немам информации и сè уште верувам и се надевам дека обвинителството и полициските агенции ќе ги пронајдат сторителите на овие кривични дела. Мислам дека одамна требаше случајот да се затвори, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“, вели Дебевец, чиј суд ги решава предметите на воени злосторства, тероризам и на организиран криминал.
Дебевец, во јули 2018 година, изјави дека добил заканувачка текстуална порака, која започнала со зборот „фетва“.
Во пораката го обвинуваат дека соработува со израелската разузнавачка агенција, Мосад, и дека поради тоа е осуден на смртна казна.
Во август минатата година, на Дебевец и на неколку други судии и обвинители, повторно им беа упатени закани, при што тие се обвинуваат дека му ја ‘продале’ ослободителната пресуда на босанскиот тајкун, Фахрудин Радончиќ, лидер на партијата Сојуз за подобра иднина на БиХ, кој во мај 2018 година, беше слободен од обвинението за попречување на правдата, односно дека наредил да се изврши притисок врз сведок, лажно да сведочи на судењето на голем шверцер со дрога во Косово.
Ружица Јукиќ, потпретседател на Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС) на БиХ, која од непознат телефонски број во август 2018 година доби смртни закани, изјави оти државното обвинителство ѝ испратило писмено известување дека работата на случајот сѐ уште трае.
„Јас немам добиено дополнителни известувања и не знам што прават. Мислам дека тоа не е во ред“, нагласи Јукиќ.
Смртна закана, истиот ден кога доби Дебевец, доби и Јадранка Локмиќ-Мисирача, втората потпретседателка на ВСОС.
Локмиќ-Мисирача истакна оти верува дека обвинителството прави сé што може, за да ги пронајде сторителите.
„Верувам дека моите колеги вложуваат и вложија максимални напори во овој период. Верувам во тоа, не верувам дека работите се поинакви“, рече таа.