Регион

БиХ: Поранешен полициски командант, обвинет за злоставување на затвореници

 

Обвинителството на БиХ. Фото: БИРН.

Обвинителството на Босна и Херцеговина, го обвини Малко Короман, за злосторства против човештвото, извршени врз десетици бошњачки цивили, незаконски притворени во зградата на станицата за јавна безбедност (СЈБ) и во фискултурната сала во Пале, каде биле злоставувани, мачени и тепани.

Како резултат на злоупотребата и тешките телесни повреди, неколку затвореници починале истата ноќ или следниот ден, соопшти обвинителството.

Короман е обвинет за „прогон на цивили, Бошњаци, спроведен преку убиства, противзаконско притворање, тортура и други нехумани дела, во својство на началник на СЈБ Пале и командант на редовните и резервни полициски сили, со што сторил кривично дело, злосторства против човештвото“, стои во соопштението.

Злосторствата се извршени како дел од „широк и систематски напад на војската и на полицијата на Република Српска, како и на паравоените формации, на бошњачките цивили во регионот на Пале и околните области“, се додава во соопштението.

Короман се товари и дека како командант на СЈБ Пале, не презел мерки за да ги заштити цивилите и дека знаел, одобрувал и учествувал во извршените злосторства.

Тој, исто така, е обвинет дека заедно со припадниците на војската, го организирал и водел нападот на селото Хреновица и на околните места, населени со Бошњаци.

За време на нападот, како што се наведува, куќите биле запалени и уништени, а голем број цивили биле заробени.

Од нив биле одвоени околу 35 бошњачки цивили, кои биле транспортирани и незаконски притворени во гимназијата во Пале, каде што биле измачувани, тепани и злоставувани.

Обвинителството на БиХ, денес го обвини и Миладин Трифуновиќ, за злосторства извршени над Бошњаци во населбите Вогошќа и Илијаш, од јули до декември 1992 година.

Обвинителството на БиХ го товари Трифуновиќ, дека за време на распространет и систематски напад врз бошњачките цивили во населбите Вогошќа и Илијаш, бил одговорен за убиства и смртни страдања, како и за физичко и психичко малтретирање на голем број лица, незаконски затворени во објектот наречена „Плањина куќа“, во местото Свраке.

Во обвинението се тврди дека Трифуновиќ е одговорен за извршните злосторства, како командант на вогошќанската бригада на Војската на Република Српска (ВРС).

„Обвинетиот, во повеќе наврати, им давал согласност на своите подредени и лично издал наредба за употреба на притворените цивили од „Плањина куќа“ во првите борбени редови, каде што биле користени за принудна работа во зоните на огнено дејство како човечки штит, што резултирало со убиство на најмалку 22 лица, 18 ранети, како и за малтретирање на повеќе десетици затвореници“, се вели во обвинението.

Двете обвиненија се доставени до Судот на БиХ на потврда.