Тимот на БИРН Македонија е добитник на втората награда што ја доделува Македонскиот институт за медиуми (МИМ) за новинарската награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија, за истражувањето „Странските инвестиции под лупа“, објавено на „Призма“.
„Новинарите на БИРН и овозможија на јавноста сеопфатен увид во реалната вредност на инвестициите наспроти ветувањата и информациите од претходната влада, како и во неоправданото трошење на огромни суми од државниот буџет за поддршка на влезот на странски инвестиции“, рече Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми на доделувањето на наградите.
Првата награда ѝ припадна на Менче Атанасова Точи за серијалот текстови за сомнителниот паралелен увоз на лекови, објавени на интернет-порталот Нова ТВ, истражување, кое, според комисијата, покажало сериозни злоупотреби од страна на институциите, манипулирање на граѓаните и богатење на одредени фармацевтски моќници.
Третата награда ја поделија Петар Клинчарски, за сторијата „Изгубени во 1000 преводи“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М и Лиридона Вејсели за сторијата „Каде е штабот на џихадистите во Македонија?“ објавена на интернет-порталот Журнал.
Комисијата одлучи да ѝ додели пофалница на Славица Филиповска за демонстрираниот исклучителен новинарски израз и квалитетна обработка на сторијата „Колку време ни треба да го уништиме најстарото езеро во Европа?“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М.
Наградата на МИМ се доделува по 17-ти пат, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава.