Да не биде после Цацко крив

Никој не им верува, ниту на полицајката, уште помалку, пак, на Спасовски | Фото: Влада на Република Македонија

Кога министерот за транспарентност и отчетност, нашиот поранешен колега, Роберт Поповски соопшти дека го ангажирал Љупчо Бубо Каров како надворешен советник кој ќе му помага во комуникацијата со јавноста, на крај на памет не ми паѓаше дека владиниот пи-ар ќе се претвори во една цела сезона од хумористичниот серијал К-15, каде што Бубо маестрално го играше популарниот Цацко Конопишки.

Шегата на страна, меѓутоа вистинска комедија, додуша со елементи на трагедија, е начинот на кој министерот Оливер Спасовски „го искомуницира со јавноста“ инцидентот во кој вестерн-јунакот од ДУИ, Беќир Асани, ја нападнал полицајката, која со „пајак“ требало да му го собере каубојски паркираниот „ленд ровер“.

Па, полицајката да ја зборуваше вистината и ништо друго освен вистината, онаа шарада пред министерот, во која ни раскажа дека се самоповредила од пајак-возилото, а Асани „само ѝ викал“, го постигна сосема спротивниот ефект. Никој не им верува, ниту неа, уште помалку, пак, на Спасовски, кому му се падна „најтешката“ задача, да ја испрашува Јаначковска дали Асани вистина ја удрил или, сепак, само бил непристоен.

Кога го видов она несреќно соопштение на МВР и фотките како полицајката простум седи спроти министерот, првото нешто што ми падна на памет е дека Спасовски и пи-арот околу него не комуницираат со граѓаните, туку тие се расправаат со остатоците од вмровската пропаганда, која прва рипна со веста дека Асани ја „здробил“ и ја „искршил од ќутек“ полицајката.

Спасовски, наместо да го расчистува инцидентот, тој им реплицира на „куририте“ со фотките, кои, нели, треба корпус деликти да им докажат дека физички ништо не ѝ недостасува на Јаначковска.

И доколку некој се прашува што требало Спасовски да направи, кога еве овие „куририве“ безобразно ја исфилувале приказната, одговорот му стигна во форма на реакција од Хелсиншкиот комитетот.

„Останува прашањето зошто МВР нема поднесено кривична пријава против лицето Бекир Асани за кривично дело Напад врз службено лице… Во никој случај не може само физичкиот напад да се смета за исполнување на битието на делото, бидејќи самата одредба од Кривичниот законик потврдува дека за напад се смета и заканата, малтретирањето и навредата“, се вели во реакцијата на Хелсиншки.

Од јасно, појасно здравје.

И доколку МВР и Спасовски се оглушуваат, само заради мирот в куќи со ДУИ, тогаш не ми е јасно што прави она новореформираното Јавно обвинителство.

На новиот обвинител Љупчо Јовевски доволен му е допрениот глас да отвори постапка, да побара медицинска документација, ама веднаш, не по десетина дена. И доколку утврди дека полицајката навистина била удрена, освен Асани, во тој случај треба да одговара и оној што се обидел да го прикрие нападот врз службеното лице.

Оти вака испаѓа дека само Цацко е крив.