Клуч за Антикорупциската комисија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Прашањето да го затвориме за век и векови, амин!“. Оваа реплика можеби ќе можевме да ја чуеме во однос на прашањето за името од претставник на црквата, но на крајот на паметот не ми беше дека некогаш вакво нешто ќе може да се чуе од првиот човек за борба против корупцијата во земјава, и тоа за имотот на Никола Груевски, човек кој беше на чело на државата полна деценија.

Со вчерашната прес-конференција, првиот човек на Државната комисија за борба против корупцијата, Горан Миленков, буквално згазна врз институцијата со која раководи, а со тоа и врз задачата на антикорупционерите – да следат дали и колку одреден функционер се збогатил додека бил на функција. Функција, која им била платена од буџетот, која директно или индиректно им ја дале граѓаните и за тоа, доколку има одредени сомнежи, да одговараат пред јавноста и пред институциите.

Но, наместо тоа, Миленков вчера се појави пред камерите, дури вторпат во последнава година, за да го оправда лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски дека навреме го поднел анкетниот лист за имотната состојба кога си заминал од функцијата „премиер“. Што содржи тој анкетен лист, никој не можеше да види, освен да чуе дека имало „незначително “ зголемување во однос на трансакции и депозити. Што значи зборот „незначително“ за членовите на комисијата, не е познато, но познати се законите кои содржат санкции дури и за еден проневерен или незаконски стекнат денар.

Не знам кој е Банко од Бангладеш или пак, чичко Томе, но верувам дека ниту двајцата не можат да се споредат со лица кои биле на високи функции во власта десетина години, па оттаму нивната одговорност не завршува со самото поднесување на последниот анкетен лист за имотната состојба, кој патем е таен и познат само за антикорупционерите.

Никој не можеше да чуе за „незначителното зголемување“, затоа што Миленков не можеше да се изначуди зошто јавноста толку се интересирала за имотот на Груевски или пак, за неговиот личен имот. И сето ова го презентираше со крајна ароганција кон новинарските екипи кои само сакаа да го одработат она што им е задача – да му служат на јавниот интерес. А имотот на функционерите, додека тие биле на функција, и тоа како е од јавен интерес.
„Да беше Банко од Бангладеш, ќе разбереше до сега…. Вие може да барате анкетен лист и за чичко Томе, но тие се физички лица“, им рече тој на новинарите.

Не знам кој е Банко од Бангладеш или пак, чичко Томе, но верувам дека ниту двајцата не можат да се споредат со лица кои биле на високи функции во власта десетина години, па оттаму нивната одговорност не завршува со самото поднесување на последниот анкетен лист за имотната состојба, кој патем е таен и познат само за антикорупционерите.

Доколку тој последен анкетен лист e личен податок, тогаш чуму е воопшто постоењето на овие анкетни листови, ако јавноста не може да направи споредба? Кога веќе со години немаме чуено дека Комисијата поднела до Управата за јавни приходи барање да се испита имотот на некој функционер за кој има сомнежи дека се збогатил повеќе од тоа што му го дозволува буџетската плата, тогаш во најмала рака може на увид да ги стави анкетните листови пред јавноста, па граѓаните сами да заклучат. Бидејќи повеќе од очигледно е дека од овој состав на комисијата, нема да чуеме дека е поведена постапка за одреден функционер. Единственото нешто што можеше да се чуе е дека одреден функционер во некоја мала општина, имал кумулација на функции, односно бил член во општината, а имал и фирма, па комисијата го „замолува“ да ја напушти едната функција.

„Човекот е од крв и месо“, рече Миленков на прашањето за тоа колку е зголемен имотот на Груевски. Но, од крв и месо се и сите граѓани, од крв и месо се и криминалците и политичарите и бизнисмените и новинарите. И сите треба да носат одговорност за она што го прават и работат. Но, од оние што се платени со пари од буџетот, се очекува и нешто што се нарекува отчетност.

Веб-страницата на ДКСК е полна со одржани семинари и конференции, но малку од тоа можеме да видиме што е спроведено во практика. Во контекст на тоа, голем дел од граѓаните вчера се чудеа кој е човекот што зборува во име на ДКСК, не знаејќи дека тој е претседател на една од институциите која треба да е моќна, независна и неселективна кога станува збор за борбата против криминалот. Новинарите во текот на вчерашниот ден, дури успеаја и да го видат ликот на портпаролката на комисијата, Антонија Андонова, бидејќи последниве години ова лице за односи со јавност се нема појавено пред камерите. Односот кон јавноста не постои ниту на телефон, бидејќи портпаролката никогаш, барем во моето искуство, нема одговорено на повик.
Ако јавноста не заслужува да знае колку богати доаѓаат, а колку богати си одат луѓето кои се избрани и именувани за функционери, ако јавноста, преку новинарите, не може да се запознае со тековните активности на институцијата, ако јавноста не гледа резултат од борбата против корупцијата која и тоа како расте и се развива во Македонија, тогаш треба да се размисли за тоа во што е претворена оваа институција, а со тоа и да се отвори прашањето за основаноста на нејзиното постоење.

Ако до пред неколку години новинарите имаа можност да откриваат афери и корупциски скандали со помош на наодите на антикорупционерите, сега голем дел од нив не знаат ни каде е седиштето на комисијата, бидејќи нема зошто да одат таму – ништо не се случува. Па дури и кога претседателот ќе пушти срце и ќе викне прес-конференција еднаш во годината, тој нема што да соопшти, освен дека не е надлежен (како во случајот со прислушувањето) или пак, дека прашањето е затворено „за век и векови“ (во случајот со имотот на Груевски). А преку таквиот однос, тој пренесува една многу суптилна порака, дека власта едноставно е недопирлива.

„Човекот е од крв и месо“, рече Миленков на прашањето за тоа колку е зголемен имотот на Груевски. Но, од крв и месо се и сите граѓани, од крв и месо се и криминалците и политичарите и бизнисмените и новинарите. И сите треба да носат одговорност за она што го прават и работат. Но, од оние што се платени со пари од буџетот, се очекува и нешто што се нарекува отчетност. Ете затоа јавноста сака да знае колку богати си заминале од функциите и Груевски и Јанкулоска и Јанакиески и Мијалков и сите останати функционери. Првиот анкетен лист за имотот не значи ништо без последниот. И ако антикорупционерите замижуваат пред тој последен анкетен лист, не треба тоа да го очекуваат и од јавноста. Зошто ако и јавноста замолчи, тогаш значи дека се помирила со неотчетност, едноумие, неприфаќање одговорност.

Оттаму, прес-конференцијата Миленков не треба да ја гледа како правење кеиф на медиумите, бидејќи во комисијата добивале многу повици, па ете, им излегуваат во пресрет. Одржувањето средби со новинарите, антикорупционерите треба да го гледаат како нивна задача, која не треба да се остварува еднаш во годината туку на неделно или месечно ниво.

Дојдени се на функцијата за да се борат против корупцијата и криминалот, а ако вака лесно ги затвораат прашањата „за век и векови“, тогаш затворањето на оваа институција би било многу подобро решение. Барем додека не се создадат услови за вистинска борба против корупцијата, која не се води само преку семинари и конференции туку и преку конкретни дела.