На 12-ти април, Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов објави „ одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротиставените страни“.
Она што не беше најавено во одлуката беше дека станува збор за помилување на 56 индивидуи обвинети за најразлични кривични дела, притоа вклучувајќи и бизнисмени со оф-шор компании и медиумиски магнати.
Најголемиот број од случаите се започнати под мандатот на Специјалното Јавно Обвинителство предводено од Катица Јанева, со што ефективно се стави крај на работата на споменатото Обвинителство.
Ако било кому цитатот од официјалното соопштение му звучи чудно, во право е. Претседателот, наводно работејќи за доброто на државата, изјави дека ќе ги стопира сите постапки „меѓу“ политичари.
Но, проблемот е што, освен дневни навреди и размена на соопштенија за јавност, политичарите кои се во прашање не водат постапки меѓу себе. Нашиот Претседател не беше запознаен со фактот дека ова е задача на судската власт, одделена и наводно независна од извршната и законодавната власт, каде што најголемиот дел од политичарите функционираат.
Ако обвиненијата се докажат ќе се соочиме со парадоксот – нелегитимен Претседател да ги помилува извршителите на сопствениот нелегитимен избор
Некои од политичарите на списокот се обвинети за местење на избори, помеѓу останатите, и оние на кои самиот Иванов беше избран. Ако обвиненијата се докажат, што сега е доста неверојатно, ќе се соочиме со парадоксот во кој што нелегитимен Претседател ќе ги помилува извршителите на сопствениот нелегетимен избор. Ви се сврте?
Во неговата изјава, Иванов тврди дека делува за доброто на државата, штитејќи ја од туѓи интереси. За Претседателот, кризата е започната, одржувана и искористена за интересите на странски сили, одлучни да го разединат македонското единство.
Нашиот Претседател не беше запознаен со 3000 негови граѓани коишто беа подготвени уште истиот ден да му покажат колку не е во право.
За само неколку часа, протестантите почнаа да фрлаат со јајца на Народната Канцеларија на Претседателот во центарот на Скопје, продолжувајќи подоцна до седиштетот на ВМРО ДПМНЕ и Владата. Или странци се имаат камуфлирано во граѓани на Македонија или воопшто немаше странци на протестот против диктатурата.
Претседателските помилувања ставија крај на она што преостана од меѓународно договорен Пржински договор, а се уште не беше стопирано, заобиколено или уништено од владеачката коалиција.
ВМРО ДПМНЕ веќе ја има претворено парламентарната истрага во фарса. Нема договор за разрешување на медиумската пристрасност пред изборите. Во меѓувреме, од 330.000 проблематични гласачи на изборниот список, само 89.000 се проверени на терен.
Будалесто е да се очекува од криминална група да започне да го почитува законот одеднаш и да се потклекне под притисоците на мирни протести
Сите одлуки донесени од министрите назначени од опозициската СДСМ се поништени. Работата на Специјалното Јавно Обвинителство беше последната надеж дека сторителите на дузини кривични дела откриени преку сниманите разговори ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Колку и да е ова пораз за про-демократските напори на граѓаните на Македонија, исто така е пораз за меѓународната заедница, посебно Европската Унија.
Во препораката која ја напишав заедно со Никола Димитров и Дане Талески пред две недели за Европскиот Фонд за Балканот, аргументиравме дека е нелогично да се очекува индивидуалци обвинети за отпочнување на кризата да се однесуваат одговорно и да ја разрешат. Понатаму, се залагаме за силно, конзистентно меѓународно присуство во обликот на меѓународен претставник како единствена надеж за решавање на кризата.
Европската Унија, во соработка со САД, треба да назначи претставник кој би вршел постојан притисок, првенствено на владеачката коалиција, да ги почитува и исполнува условите предвидени во договорот од Пржино.
Како што се виде вчера и завчера, граѓаните и СДСМ ќе ги искористат сите правни и демократски мерки за фер избори. Протести се најавени секој ден во 6 часот. СДСМ има побарано да се свика вонредна седница на Собранието со единствена точка – гласање за недоверба на Иванов од позицијата на Претседател. Одговорот на Претседателот на Собранието, Трајановски е дека Собранието е распуштено.
Будалесто е да се очекува од криминална група да започне да го почитува законот одеднаш и да се потклекне под притисоците на мирни протести. Така што, ако меѓународната заедница не интервенира, или криминалнава група ќе победи, или протестите нема да бидат мирни повеќе. И едното и другото ќе бидат разорувачки за земјата.
Изгледа дека ЕУ можеби е на вистинскиот пат за да сфати дека меѓународен претставник е единственото кредибилно решение на кризата. Комесарот Јоханес Хан изјави дека „Имајќи ги во обзир последните случувања, се сомневам дека кредибилни избори се се уште возможни“. Европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан изјавија дека претседателските помилувања сериозно го поткопуваат владеењето на правото.
Но, се уште не сме слушнале за планови и конкретни чекори освен повикот сите страни да ги продолжат преговорите.
Во оваа криза која трае веќе две години, имаме направено многу работи за прв пат. Имаме испишано лекции по историја за идните генерации и имаме воспоставено вистински граѓански стандарди за демократија. Од вчера, ни се случи уште една работа за прв пат: Прв пат имаме претседател кој ги има прогласено граѓаните кои бараат повеќе демократија за непостоечки.