Светско првенство

Светското првенство во фудбал кое се одржува во Бразил влегува во својата завршна фаза, па ајде малку да напишам нешто и за него и за тоа како македонските компании го искористија овој голем настан да го подобрат своето работење и да постигнат подобри резултати. Додека големите светски компании креираат и создаваат производи и услуги специјално дизајнирани за овој настан, инвестираат огромни средства во маркетинг и промоција, користат заштитни лица од светот на спортот се со цел да постигнат подобри резултати, бидејќи знаат дека во такви прилики потрошувачите трошат повеќе, кај нас е тотално различно. Каква е нашата реалност?

За жал, се потврдува македонскиот бизнис-менталитет и инвестициите во маркетинг и креирање нов производ или услуга поврзан со светски настан, изостануваат. Освен сопствениците на кафеаните и кафулињата, кои искрено се потрудија да направат нешто, ги брендираа локалите во духот на фудбалот, направија одлични промотивни понуди за потрошувачите и на крајот сето тоа добро го изрекламираа согласно со своите можности, и неколку странски компании што по директива само ги спроведоа кампањите на глобално ниво, другите ништо, едно големо ништо.

Повторно мора да констатирам дека македонските менаџери сѐ уште го гледаат маркетингот како трошок, наместо како инвестиција. Големите македонски компании од прехранбената индустрија, посебно пиварниците не се потрудија ама баш никако да направат нешто посебно, некоја limited edition на некој производ, етикетата да биде поврзана со фудбал или со Бразил 2014, да направат наградна игра поврзана со првенството, ништо, ама баш ништо. Не можам да разберам како менаџерите или сопствениците на компаниите толку летаргично гледаат на својот бизнис, станува збор за своја компанија, за раст на таа компанија, за остварување профит, но не, веројатно се очекува бизнисот сам по себе да се движи и производите сами по себе да се продаваат. Како потрошувачите ќе стигнат да слушнат и да разберат за тие производи, не е битно. Нешто на стара слава, ќе се направи некоја ситна компензација на некој медиум кој тотално ги промашува неговите потрошувачи, ќе емитува некоја стара реклама или ќе се измонтира нешто евтино кај свој познајник или пријател во некој медиум, и потоа очекува да ги жнее плодовите на својот грандиозен труд и да остварува големи профити. Кога тоа нема да се случи, вината е секогаш кај некој друг и дека парите дадени за маркетинг се непотребни. Се покажало дека, иако се рекламирал, ништо не постигнал и ќе констатира дека маркетингот е трошок, а посебно во криза двојно непотребен трошок што треба да се отстрани.

Не дека во Македонија не постојат креативни агенции и луѓе што си ја знаат својата работа и можат да направат одлични работи, дека не сме креативни и неспособни да создадеме добра реклама или да смислиме одлична стратегија. Не дека сме глупави, неспособни и некреативни. Не е тоа. Доказ се наградите што македонските агенции и креативци ги освојуваат на фестивалите и признанијата пофалбите што ги добиваат на истите.

Разликата е во македонските менаџери, кои никако да сфатат и да разберат дека треба да размислуваат и да работат само бизнис, да сфатат дека преку бизнис размислување може да се работи профитабилно, дека не треба да мислат само на владини тендери и повици, туку да се свртат кон реалните потрошувачи. Треба да им остават на професионалците да си ја работат својата работа и на крајот да сфатат еднаш засекогаш: маркетингот е инвестиција, а не трошок.