Темни облаци над судскиот процес „Монструм“

Блог на Арсим Зеколи

По две години истрага, судење, одлагање и многу контроверзии, судот во Скопје во понеделник ќе го има последниот збор во срамниот случај кој што полицијата го нарече „Монструм“, што се води за убиство на пет Македонци извршено во 2012 година.

На обвинителната клупа седат пет Албанци обвинети за заговор и извршување на ладнокрвно злосторство, што ја шокираше нацијата и дополнително го продлабочи јазот меѓу двете главни етнички заедници во земјата – Македонците и Албанците.

Привидниот мир, кој што траеше за време на судењето, откако државниот обвинител Гордана Гешковска ги презентираше своите завршни зборови пред судот, како да заврши.

Нејзиниот говор околу фактите, беше краток, но затоа пак беше исполнет со многу алузии и инсинуации што наведуваа дека зад злосторството стојат религиозни мотиви.

„Пукаме на Велики Четврток, за да ви биде крвав Велигден. Пукаме во млади момчиња, за да ви ја уништиме верата, нацијата и иднината на државата“, рече Гешовска, чиј говор наликуваше на говор на крстоносец, обидувајќи се да го убеди судот дека овие зборови излегле од устата на обвинетите.

Наместо професионално и фактичко базирано обраќање со утврдени докази, наместо негирање на зборовите на одбраната и презенирање на убедлива, добро аргументирана документација, сето тоа личеше на „Ако даде Господ“, односно вид на повик за одмаздничка казна за обвинетите.

Државата, вака, го заврши случајот на речиси истиот потпалувачки начин на кој и го започна, со апсења на обвинетите чија презумпција на невиност веднаш беше прекршена од страна на министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која ги наслика како „исламски терористи“.

Во високо поларизирано општеството како што е македонското, ова може да се смета за однапред изречена казна, уште пред почетокот на судењето.

Со желба да ја запечати судбината на обвинетите, Гешовска, во размислувањето на јавноста, ги запечати предрасудите за претстојната пресуда.

На другата страна на етничкиот коридор, судот на албанската јавност создаде своја верзија на случајот, во која обвинетите не се ништо друго, туку група невини луѓе, во исчекување на својата доза на неправда од приврзаниците на македонската влада.

Имајќи го предвид горчливото искуство од минатото со пристрасни, лажни или чисто политички мотивирани судења, може да се смета за разбирливо, зошто мнозинството Албанци имаат ваква перцепција.

Но, новиот пресврт во овој случај, лежи во улогата на помалиот партнер во владејачката коалиција, албанската Демократската унија за интеграција, ДУИ, која од самиот почеток и без никакви резервации, се претплати на официјалната верзија што ја презентираше Министерството за внатрешни работи.

За да биде ситуацијата уште полоша, неодамна разрешениот министер за правда, Блерим Беџети, кој доаѓа од редовите на ДУИ, реши да го сподели своето критичко размислување за случајот, но дури откако на почетокот на овој месец го напушти министерскиот кабинет, како дел од најновата постизборна реконструкција на владата.

Овој задоцнет израз на незадоволство од страна на ДУИ е апсурден. Од друга страна, необјасниво е и како медиумите на албански јазик во земјата, контролирани од страна на оваа партија, се обидуваат да ги прикажат премиерот Никола Груевски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, како единствено одговорни за создавањето на непријателска атмосфера околу случајот, амнестирајќи го партнерот на Груевски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

При тоа, медиумите на албански јазик се само огледало на македонските медиуми, кои се подеднакво себични и известуваат само за неправдите направени „кон нивните“.

Единствениот разумен чекор, е писмото на шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ралф Брет, упатено до Груевски и Ахмети, во кое се вели дека одговорноста за сите тековни и потенцијално понатамошни ескалации на меѓуетничките тензии, лежи во овие две клучни политички фигури во земјата.

Писмото, до кое дојдоа медиумите, во кое се повикува на „урамнотежени односи и координирани реакции“ на двајцата лидери, беше упатено откако партијата на Ахмети, се пожали дека ОБСЕ покажал пасивност за случајот.

Сепак, една работа веќе може да се земе здраво за готово; поделената јавноста веќе ја донесе својата пресуда, подготвена е да ја прочита одлуката на судот или како некаква неправда за обвинетата албанска „Четворка Гилдфорд“ или како македонска верзија на „Трајвон Мартин“, искривоколчување на правдата за загинатите и нивните семејства.

Се чини дека вистината на помирување ќе мора да почека подобри денови, бидејќи субјективните верувања на јавноста сега се доминантни.

Вистината е дека не може да се очекува многу повеќе, со оглед на високо напнатата атмосфера изградена од постојано растечките желби на двата етнички табора, да се прикажат како „жртви“ на другите.

Како и во другите општества, во кои владеењето на правото е компромитирано, и каде што луѓето се дистанцирани од правниот систем, поделената јавност копнее да се идентификува со неправдата или да си најде утешително оправдување за сопствениот неодговорен молк и утеха за својата општествена импотенција.

Но најопасно од се, во ваквиот став, е оправдувањето за сопствената омраза, дури и за евентуалниот casus belli за ударот против забележителната причина на ваквата неправда.

Не е важно каква ќе биде казната, пресудата може да не биде сламка што ќе го скрши кревкиот грб на Македонија. Но, сигурно е дека ќе предизвика искри, скриени под наметката на општеството, кои се наоѓаат опасно блиску до бурето барут, кое чека да екплодира.

И токму на ова место, верските нијанси на судењето, можат да фрлат злокобна клетва врз општеството.

Со оглед на севкупниот контекст на тековните инфламаторни политички манипулации на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, опасноста од меѓуетнички судири се чини дури и помалку застрашувачка, од конфликтот врз основа на верски нијанси.

По осум години владеење на политиката на ВМРО-ДПМНЕ, која решително го преобликува и преформулира националниот идентитет на Македонците, а која оди во тандем со слабо скриеното флертување на ДУИ со круговите поврзани со политичкиот ислам, не е претерано да се каже дека тековната безмилосна културна војна во Македонија, која досега се фокусираше на борбата со „комунистите, хомосексуалците, странските агенти, предавниците и шпионите“, сега може да навлезе во високо инфламаторен период на меѓуконфесионална нестабилност, намерно потхранувана со авторитарните апетити за опстанок, подеднакво поделени меѓи Груевски и Ахмети.

Застрашувачките знаци не оставаат простор за удобност, и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се зафатени со треската за поставување крстови и градење цркви и џамии, видлива религиозна демагогија наменета да послужи како начин да се одвлече вниманието и да се прикрие вкупната економска стагнација на земјата, да се прикрие невработеноста, метастазираната корупција и неконтролираниот криминал.

Најавеното распоредување, со владин благослов, на десетици протестантски медицинските лица, кои меѓу другото, би го довеле божјиот зборот до православните Македонци, заедно со очекуваното формирање на новата политичка партија финансирана од Партијата на правдата и развојот на турскиот водач Реџеп Тајип Ердоган, не може повеќе да се смета ниту за случајност, ниту за бениген гест на толеранција.

И покрај сите тензии и опасности, двата етнички табора, се навикнати на меѓусебна националистичка бескомпромисност, на провокации и глупавост, вклучувајќи ја и малата способност да ги детектираат етничките манипулации.

Верската нетолеранција, сепак, со многу можности за манипулации, би можела да доведе до некаква непозната и веројатно фатална новост, особено доколку биде инспирирана или базирана на концепти непознати за утврдените домашни верски институции.

Ова, исто така, ќе се справи со обидите на поголемиот број граѓани да зададат смртоносен удар, а кои заеднички соочени со економскиот и социјален пад, предизвикан од владините политики, почнуваат да покажуваат знаци на подготвеност да ги премостат етничките разлики и да се обединат против заедничкиот противнички играч.

Единствената добра вест, како што докажува писмото на ОБСЕ, е тоа што меѓународната заедница сега е целосно свесна за опасностите што следат и движечките сили кои стојат зад нив.

Но, ова сознание, без конкретни и решителни превентивни акции, нема да го спаси пациентот кој има очајна потреба од итна интервенција. Сосема спротивното; сознанието, без соодветна реакција, само ќе ги направи соучесници во криминалот.

Текстот е првично објавен на Балканска транзициска правда