Во рок од 24 часа веста ја пренесоа BBC, Washington Post, New York Times, The Guardian, Foreign Affairs и други. Во борбата да ја зачува својата автономија и уникатна мисија, ЦЕУ доби и добива поддршка од бројни научни асоцијации, истакнати академици и универзитети, а загриженост за ситуацијата изразија и странските амбасади во Унгарија, како и Стејт Депарментот на САД.
Понесен од овие случувања, чувствувам должност да ја известам македонската јавност и да укажам зошто потенцијалното затвoрање на ЦЕУ е важна вест за Македонија и зошто на овој универзитет му е потребна поддршката од македонската академска јавност.
Благодарение на ЦЕУ, општествените и хуманистичките науки во Македонија, македонската дипломатија, но и литература биле, се и може да бидат збогатени и напреднати токму од сегашните и поранешните македонски студенти на ЦЕУ.
Ќе започнам со краток осврт на историјата на ЦЕУ и на постоечкиот проблем со унгарските власти. ЦЕУ е приватна високообразовна установа акредитирана во Унгарија и САД, која нуди магистерски и докторски студиски програми од областа на општествените и хуманистичките науки со англиски како наставен јазик.
Универзитетот е основан во 1991 со мисија да ги промовира демократските вредности и вредностите на отвореното општество во државите од поранешниот Источен блок. Во овие 26 години, ЦЕУ прерасна во еден од најпрестижните европски и светски универзитети, препознаван по својот квалитетен кадар, научно-истражувачка дејност, стипендии, но и уникатните студиски програми кои имаат за цел да ги поддржат студентите од традиционално маргинализираните групи, како на пример „Програмата за подготовка на студенти Роми“ и посебната наставна програма за бегалците со легален престој во Унгарија.
За крај, со повеќе од 1000 студенти од над 100 држави, ЦЕУ претставува еден од најинтернационалите универзитети во светот.
Основач на ЦЕУ е Џорџ Сорос, контроверзниот филантроп и бизнис магнат. Финансирањето на ЦЕУ се одвива преку парична поддршка од мноштво донатори, но исто така се издржува и преку сопствени финансиски средства. Но, ЦЕУ е целосно независен во кроењето на својата образовна политика која е предмет на одобрување на универзитетскиот сенат и Бордот на доверители.
Најавите за можно затворање на ЦЕУ се познати од поодамна, а предлогот на унгарската влада доаѓа по заклучокот на Министерството за образование на Унгарија дека во Унгарија постојат странски високообразовни установи, вклучувајќи го и ЦЕУ, кои работат нелегално.
Во својот одговор, Ректорот на ЦЕУ, Мајкл Игнатиеф, ги отфрли овие обвинувања тврдејќи дека предлогот е дискриминаторски и дека ЦЕУ работи во согласност со постоечките унгарски закони. Доколку околку овој предлог биде усвоен, тоа би го спречило ЦЕУ да издава двојни акредитации, би го натерало универзитетот да го смени своето име, да се исели од Унгарија и отвори кампус во државата Њујорк, но исто така би ги загрозило оние професори кои не се државјани на ЕУ да го продолжат својот работен однос со ЦЕУ бидејќи за тоа би требала претходна согласност од унгарските власти што досега не беше пракса.
Без автономија на универзитетот, нема прогрес во науката, а оттука, на подолг рок, и на самото општество. Барем ние, студентите и професорите од Македонија, би требало да знаеме колку е важна солидарноста од надвор кога автономијата на универзитетот е под закана.
А зошто е ЦЕУ важен за Македонија и зошто на ЦЕУ му е потребна помош од Македонија? Благодарение на ЦЕУ, општествените и хуманистичките науки во Македонија, македонската дипломатија, но и литература биле, се и може да бидат збогатени и напреднати токму од сегашните и поранешните македонски студенти на ЦЕУ. Од премладо починатиот современ македонски поет и писател Игор Исаковски, преку познатата професорка и теоретичарка Јасна Котеска и македонскиот амбасадор во Атина Дарко Ангелов, до бројните политиколози, истражувачи и граѓански активисти лево и десно на политичкиот спектар, сите тие се луѓе кои на еден или друг начин ја задолжиле Македонија преку својата работа. Оваа врска со ЦЕУ претставува можност науката, критичката мисла и активизмот во Македонија дополнително да напреднат.
Македонските студенти низ годините наназад биле добитници на стипендиите на ЦЕУ што овозможувало дури и оние студенти кои доаѓаат од пониските општествени слоеви да се стекнат со релевантно и квалитетно високо образование. Дотолку повеќе, особена гордост претставува фактот што во рамки на горенаведната припремна програма за студенти Роми, голем број од студентите се Роми и Ромки од Македонија од кои најголем дел продолжуваат со своето високо образование, а по своето враќање во Македонија придонесуваат кон развојот на своите заедници.
Затоа, апелирам до моите поранешни професор(к)и и асистент(к)и од Правниот факултет „Јустинијан Први“, катедрата по политички науки, моите колеги и колешки од невладиниот сектор, познаници, и поранешни студенти на ЦЕУ, да се мобилизираат, ја пренесат веста, ги искористат своите капацитети и да му помогнат на ЦЕУ.
Можеме да имаме позитивно или негативно мислење за ликот и делото на Џорџ Сорос, да ги прифатиме и отфрлиме премисите на идејата за отворено општество, па дури и да го дискутираме и критикуваме образованиот квалитет на ЦЕУ и неговата мисија.
Сепак, доколку сме искрени поборници за вредности и принципи, би требало да застанеме зад еден од врвните и универзални принципи – автономија на универзитетот, како и слободата на интелектуално творештво. Без автономија на универзитетот, нема прогрес во науката, а оттука, на подолг рок, и на самото општество. Барем ние, студентите и професорите од Македонија, би требало да знаеме колку е важна солидарноста од надвор кога автономијата на универзитетот е под закана.
Авторот е магистрант по политички науки со специјализација по компаративна политика, ЦЕУ