Регион

Долгиот пат на Капетан Драган до судницата

Поранешниот српски паравоен командант, Драган Васиљковиќ, некогаш работел како инструктор по голф во Австралија, а денес, по една деценија борба против екстрадицијата во Хрватска, чека судење како обвинет за воени злосторства извршени во оваа држава.

Драган Васиљковиќ го покажува весникот кој го обвини за воени злосторства. Фото: Бета

Драган Васиљковиќ го покажува весникот кој го обвини за воени злосторства. Фото: Бета

Пишува: Свен Милекиќ / БИРН / Загреб

Во вторник, пред Окружниот суд во Сплит, почнува судењето на Драган Васиљковиќ, познат како Капетан Драган, кој е обвинет за воени злосторства извршени додека бил паравоен командант за време на војната во 90-тите години.

Судењето почнува откако претхдно, речиси една деценија, Васиљковиќ се обидуваше да ја избегне екстрадицијата од Австралија, каде што работеше како инструктор по голф, под името Даниел Снеден.

Хрватските власти за прв пат издадоа потерница за негово апсење во 2004 година, а во јануари 2006 година поднесоа барање за екстрадиција на Васиљковиќ, кој има и австралиско и српско државјанство.

Во Хрватска е екстрадиран во јули 2015 година, откако сите негови жалби беа одбиени.

Процесот на екстрадиција беше комплициран, бидејќи австралиските закони забрануваат екстрадиција на државјани на Австралија, ако постои можност нивното судење да биде пристрасно, да бидат неправедно казнети или затворени заради нивните политички ставови.

Васиљковиќ во неколку наврати изјави дека нема да добие фер судење во Хрватска.

Додека траеше процесот на екстрадиција, и додека се чекаше одлуката на Врховниот суд на Австралија, Васиљковиќ во март 2010 година беше ослободен од затвор, по што 43 дена беше во бегство. Повторно беше уапсен во мај 2010 година и вратен во притвор.

Тој е обвинет за тортура, злоупотреба и убиство на заробени хрватски војници и полицајци, во јуни и јули 1991 година, на тврдината во Книн и во Брушка во февруари 1993 година.

Се товари и за планирање на нападите врз градот Глина и околните села, во јули 1991 година, при што загинале цивили, а имотот бил ограбен и уништен.

Кога во јули, пред Окружниот суд во Сплит, се запозна со обвинение, тој изјави дека не е виновен.

Неговиот адвокат, Горан Цветиќ, за БИРН изјави дека обвинението, според него, „е на лабави нозе“, истакнувајќи дека идентитетот на двајцата хрватски војници, за кои се верува дека починале во нападот на Брушка, е непознат.

„Претпоставувам дека хрватските власти ги имаат имињата на исчезнатите во акција и имаат евиденција на имињата на исчезнатите лица. Овие луѓе би требало да имаат семејства (кои трагаат по нив). Но, очигледно немаат“, рече Цветиќ.

Спор меѓу Хрватска и Србија

Пред екстрадицијата, хрватските и српските политичари се спореа околу Васиљковиќ.

Кога во јануари 2015 година, австралискиот суд ја одби жалбата на Васиљковиќ против одлуката за негова екстрадиција во Хрватска, тогашниот српски министер за правда, Никола Селаковиќ, побара од неговиот австралиски колега, Мајкл Кинан, да му дозволи на Белград да го гони поранешниот парамилитарец.

Селаковиќ тогаш изјави дека Србија е „целосно подготвена да ја води кривичната постапка“ и дека Васиљковиќ може да има пристрасно судење во Хрватска.

По неговата екстрадиција, Васиљковиќ беше притворен во Сплит. Во јануари оваа година, откако помина во притвор речиси шест месеци – максимално дозволено времетраење на мерката притвор пред поднесување на обвинението – локалното државно обвинителство го обвини за воени злосторства против хрватски цивили и воени затвореници.

Поради проблеми со срцето, Васиљковиќ во август беше хоспитализиран и опериран.

Тој минатата среда поднесе жалба до Комитетот за човекови права на ООН, тврдејќи дека незаконски бил екстрадиран и десет години незаконски притворен во Австралија и во Хрватска.

„Нинџите од Книн“

Васиљковиќ, кој е роден во Белград во 1954 година, заминал во Австралија како тинејџер и таму законски го сменил името во Даниел Снеден. Подоцна ѝ се приклучил на австралиската војска, а кариерата како воен инструктор, го води во Африка и Латинска Америка.

Снеден го враќа своето изворно име, Драган Васиљковиќ, кон крајот на 80-тите години, кога се враќа непосредно пред распадот на Југославија, со намера за започне свој бизнис. Во оваа намера не успеал. Ништо повеќе успешен не беше ниту во политиката, кога во 1992 година се кандидираше за претседател на Србија.

Неговото минато го прави познат во националистичките кругови и Министерството за внатрешни работи на Србија го праќа како воен инструктор во Хрватска, во Голубиќи, во близина на градот Книн, кој бил центар на бунтот на Србите во Хрватска.

Поради своите воени подвизи, тој стана популарна фигура во Србија. Дури имаше и своја телевизиска емисија, а беше направен и стрип за него и за неговата единица Книнџи – кованица од зборовите „Книн“ и „нинџи“.

Насловната страница на првите две изданија на стриповите за „Книнџите“. Фото: Викимедиа комонс

Насловната страница на првите две изданија на стриповите за „Книнџите“. Фото: Викимедиа комонс

Оваа единица го потпомогна отцепувањето на територијата на Хрватска, која подоцна беше именувана како Република Српска Краина. Хрватските сили ја вратија оваа територија во 1995 година.

Васиљковиќ, меѓу другите, му бил инструктор и на озлогласениот Жељко Ражнатовиќ Аркан и на припадниците на неговата паравоена единица Тигри.

Обвиненијата на Хашкиот трибунал, ги поврзуваат Тигрите директно со Владата на Слободан Милошевиќ во Белград, тврдејќи дека тие биле финансирани од државниот буџет на Србија.

Васиљковиќ во 2003 година, сведочеше како сведок на обвинителството на судењето на Милошевиќ во Хаг, негирајќи дека имал каква било врска со Белград.

Меѓутоа, во пресудата со која Хашкиот трибунал во 2007 година го осуди поранешниот претседател на Република Српска Краина, Милан Мартиќ, се вели дека Васиљковиќ „учествувал во реализацијата на заедничката злосторничка цел на заедничкиот злосторнички потфат“, заедно со Милошевиќ, Радован Караџиќ, Ратко Младиќ и други високи политички и воени претставници и лица на разузнавачките служби од Хрватска, Србија и од Босна и Херцеговина.

Во септември 2005 година, австралискиот весник „Аустралиан“ објави статија во која се наведува дека Васиљковиќ бил вмешан во воени злосторства, по што тој го тужеше весникот за клевета.

Весникот пред судот донесе сведоци од Хрватска и од Босна и Херцеговина, а преку видео врска сведочеше и поранешната дописничка на „Тајмс“, Ен Мекелвој.

Таа изјави дека го интервјуирала Драган Васиљковиќ во 1991 година во Книн, при што тој ѝ рекол: „Јас не сум тука за да убивам луѓе, туку за да го неутрализирам непријателот … Кога хрватската страна користи болници или полициски станици во селата како свои позиции, жал ми е, ама морам да ги масакрирам“.

Судот пресуди во корист на весникот, прифаќајќи ја како доказ изјавата на Мекелвој дека овој паравоен командант признал дека извршил масакр.

Васиљковиќ и натаму негираше дека е одговорен за воени злосторства. Пред Окружниот суд во Сплит, во јули изјави: „Не се сметам за виновен“.