Вести

Дупло дно за слободата на медиумите во Македонија

Со катанци за медиумите, лоши услови за работа на новинарите, купување медиуми преку владини реклами, влијанија на власта, необјективен пристап на јавниот сервис кон актуелните случувања и закани за новинарите, Македонија го „слави“ Светскиот ден на слобода на медиумите откривајќи дупло дно на сите релевантни листи.

Затворени врати на голем број медиуми, лоши услови за работа на новинарите, поделеност меѓу новинарската фела, купување медиуми преку владини реклами, влијание на власта врз медиумите, необјективен пристап на јавниот сервис кон актуелните случувања, притисоци, закани, па дури и затворски казни за новинарите…

Сето ова се само дел од проблемите со кои се соочува Македонија денеска, на 3 мај, Светскиот ден на слобода на медиумите, востановен во декември 1993 година по препорака на генералната конференција на УНЕСКО, а прогласен од Генералното собрание на ОН. Овие забелешки, како што може да се види од времепловот што го изготви БИРН, редовно се нотирани и во извештаите на меѓународните организации.

sloboda-na-mediumi

Овој ден треба да ја покрене свеста за потребата од слободни медиуми и да ги потсети владите на нивната одговорност и должност да го почитуваат правата за слободно изразување.

Македонската влада до 2009 година, кога Македонија беше на високото 34-то место на рангирањето од „Репортери без граници“, на својата веб – страна објави дека „Македонија е најдобропозиционираната земја од целиот регион, што е особен показател за развојот на степенот на демократијата и почитувањето на слободите и правата во нашата земја“.

Оттогаш, кога Македонија почна да доживува масовен пад во однос на слободата на медиумите, рангирањата на меѓународната организација „Репортери без граници“ за премиерот Никола Груевски беа ставени под сомнеж.

Тој тогаш изјави дека има и други рангирана, како оние на „Фридом Хаус“, каде што Македонија достигнува напредок. Оттогаш, кога реториката на „Фридом Хаус“ во поглед на слободата на медиумите почна да се заоштрува, и оваа организација исчезна од пофалбите на власта.

„Во недостиг на силна опозиција и креативна опозиција, која ќе се бори на реални теми и основи, а не на надуени теми, приказната со слободата на медиумите е еден надуен балон“, одговори премиерот на прашањето за обвинувањата за ограничената слобода на медиумите во Македонија, во интервју за МИА минатата година.