Актуелно

Судот во понеделник ќе одлучува за обвинението против Зоран Заев

Кривичниот суд во Скопје, за во понеделник закажа јавна седница на која ќе ги разгледува приговорите на обвинението што ги поднесоа адвокатите на Зоран Заев и другите обвинети во случајот „Пуч“.

Кривичниот суд во понеделник на јавна седница ќе ги разгледува приговорите на обвинението за случајот „Пуч“ | Фото: БИРН

Кривичниот суд во понеделник на јавна седница ќе ги разгледува приговорите на обвинението за случајот „Пуч“ | Фото: БИРН

Судот одлучил на јавна седница да ги разгледа приговорите на адвокатите, пред да одлучи дали ќе дозволи обвинението да биде испратено на судење.

Станува збор за седница за „контролата на обвинението“, задолжителна фаза предвидена во Законот за кривична постапка.

„Добивме покани со кои се повикуваме в понеделник да ги образложиме нашите забелешки на обвинението пред Советот за оценка на обвинителниот акт. Ќе бараме судот да го отфрли обвинението, бидејќи нема кривично дело“, потврдија за БИРН од адвокатскиот тим на Зоран Заев.

Информацијата за седницата на Судот ја потврдија и судски извори.

„Предметот е доделен кај судијата Горан Бошевски, кој закажа јавна седница за 1 јуни. На седницата ќе присуствува и обвинителот, обвинитетите и нивните адвокати. Судот ќе ги исслуша аргументите на обвинитетите, по што ќе одлучи дали предметот ќе продолжи со судење кај друг судија во одделот за организиран криминал и корупција или ќе го врати во истрага“, појаснува судски извор за БИРН.

Обвинителството на 30 април годинава, по, како што соопшти, „спроведување сеопфатна истражна постапка, разгледување и анализа на сите прибрани докази и факти во предметот „Пуч“, поднесе обвинителен акт против 5 осомничени.

Првообвинет е Зоран Верушевски, поранешен директор на ДБК, кој се обвинува за „неовластено прислушкување и тонско снимање“, „шпионажа“и „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“. Второобвинет е Ѓорѓи Лазаревски поранешен вработен во тајната полиција, кого обвинителството го терети за „неовластено прислушкување и тонско снимање“ и „шпионажа“.

Сопругата на Зоран Верушевски, Соња Верушевска, е обвинета за „шпионажа“, Зоран Заев како четвртообвинет за „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“, исто како и петтиот обвинет Бранко Палифров од општина Струмица.

Во притвор се четворицата обвинети, а пасошот кој му беше одземен на Зоран Заев му беше вратен пред да почнат политичките разговори во Брисел.

Лидерот на опозицијата бара да се повлечат сите обвиненија, против него и против останатите обвинети | Фото: СДСМ

По објавувањето на последната политичка „бомба“ на 27 мај, лидерот на СДСМ Зоран Заев, побара обвинителството итно да ги повлече обвиненијата против обвинетите во предметот „Пуч”.

„Нема никаква логика и законитост, јас како осомничен за насилство врз премиерот, да се шетам на слобода, да ми е вратен пасошот и да можам слободно да шетам по светот, а Бранко Палифров, осомничен за помагање во насилството врз премиерот, да е во притвор“, изјави Заев.

Лидерот на опозицијата бара да се повлечат и обвиненијата за шпионажа против притворените Зоран и Соња Верушевски, и да се прекине потрагата по нивното дете. Според Заев, ниту во единствената пресуда за овој случај, ниту во обвиненијата и кривичните пријави, не се спомнува странска служба.

„А без вмешаност на странска служба, нема шпионажа“, нагласи Заев.

Во текот на истрагата, еден од обвинетите, Звонко Костовски, вработен во МВР, склучи спогодба со Јавниот обвинител, ја призна вината и се договори за висината на затворската казна, три години затвор за неовластено прислушување. Тој се очекува да биде сведок во случајот.

Адвокатскиот тим на Зоран Заев се жалеше на ваквата спогодба и поднесе барање за заштита на законитост до Јавниот обвинител бидејќи според нив не е утврдена фактичката состојба.

За пресудата на Костовски, Републичкиот обвинител, доколку најде повреди во постапката, предметот треба да го изнесе на одлучување пред Врховниот суд. Иако оваа постапка е итна и треба да заврши пред да почне евентуално судење, засега нема информации дали обвинителот донел одлука за прифаќање или одбивање на барањето за заштита на законитоста во врска со склучената спогодба во „Пуч“, поднесено од тимот на Заев.

Постапката за „Пуч“ ја води обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а шефот на ова обвинителство Јован Илиевски, формално е изземен од постапување по предметот бидејќи е во роднински врски со досегашниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој му е братучед на премиерот Никола Груевски.

Доколку судиите кои ќе ја оценуваат содржината на обвинението одлучат дека треба да има судење, тогаш предметот формално ќе биде распореден кај судија кој треба да закаже судење.

Според сегашната поставеност на судиите во советите во Кривичниот суд кои постапувале до сега по предметот, се очекува предметот „Пуч“ за судење да биде распореден кај новите судијки во овој оддел: Љубинка Башевска или Верка Петковска. Башевска ја замени судијката Павлина Христова која замина во пензија, а Петковска дојде на местото на судијката Весна Димишкова, која се повлече од здравствени причини.

Адвокатите на Заев во судница сами ќе ја бијат правната битка, бидејќи во исто време во Скопје во понеделник треба да се одржи нова средба на лидерите на политичките партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА засилена со европските претставници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан. На средбата се очекува присуство и на еврокомесарот за проширување на унијата Јоханес Хан.