Вести

Енергетската криза ги изеде новите болници, училишта и центри за лица со попреченост

Во здравството, кратењето било дури 75 отсто | Фото: БИРН

Десет болници или други здравствени објекти останаа или со старите фасади, или со нереновирани операциони сали и одделенија или без лифтови… А да го добијат ова осовременување беше предвидено во буџетот за 2022 година. Но, ланската енергетска криза спречи граѓаните да добијат подобри услови во повеќе сфери, од здравство, преку образование, до почиста животна средина.

Центарот за граѓански комуникации, во своето истражување за последиците што ги предизвикаа зголемените трошоци за енергетската криза детектира дека за кризата се потрошени 271 милион евра, а жртвувани се проекти важни за граѓаните, кои вредат околу 220 милиони евра.

Во здравството, кратењето е дури 75 отсто, па од предвидените 14 милиони евра, се реализирале само 3,5 милиони евра. Најголемите отстапки се кај изградбата на новите клинички центри во Скопје и во Штип. Не се почнати ниту процесите за реновирањето на КАРИЛ, на клиниките за дерматовенерологија, дигестивна хирургија, Интерните клиники, клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, адаптацијата на установата за болни од ХОБС во Отешево, осовременувањето на „Еразмо“ во Охрид и Хематологија во Скопје.

Седум градежни проекти не се реализирани ниту од она што било предвидено во секторот труд и социјала. Па така, нема постапки за изградба на Домот за стари лица во Кочани, новиот Дневен центар за лица со ментална и телесна попреченост во Кавадарци, пренамената во градинка на Дом за доенчиња во Битола и доградбите на детските градинки во Делчево, Дебар и во Општина Карбинци.

На подобри денови ќе почекаат и учениците и студентите. Од 20 милиони евра планирани за реновирање, набавка на материјали и други работи, лани се инвестирале половина. Нема активности за реновирање на студентските домови, а сосема е избришана ставката за изградба на средни училишта.

Речиси слична е состојбата и во животната средина, па најмногу е скратено од изградбата на објектите што требаше да придонесат за заштита на водите. Од 30 милиони евра предвидени за капитални инвестиции, реализирани се само 13 милиони.

Без модернизација остана и земјоделството откако се скратија парите за потпрограмите за „Хидросистем Злетовица“ и „Модернизација на земјоделството“, па од планираните 4,5 милиони евра, потрошени се само нешто над 1 милион евра. Големо кратење има и за реновирање на затворите, па од планираните 4,6 милиони евра, реализирани се само 127 илјади евра.