Актуелно

Фабрика за афери или фабрикувани лаги

Наизменични прес-конференции, сериозни обвинувања за криминал, лиферувани детали од истрага во тек, конфузни одговори и безброј шпекулации за нови криминали, не само што дополнително ја замаглуваат најновата голема афера, туку навестуваат нови потреси во македонската политичка криза.

Повторно зоврива на релација ВМРО - СДСМ / Фото: МИА

Повторно зоврива на релација ВМРО – СДСМ / Фото: МИА

Неполн месец пред најавената оставка на премиерот Никола Груевски, договорена во Пржино, со драматично темпо и на последователни прес-конференции, со ексклузивни информации од истрага на обвинителството се разгорува аферата која дел од порталите и од телевизиите ја нарекоа „Фабрика за афери“.

Главните улоги во скандалот на фалсификување лични карти и други документи им се доделени на лидерот на СДСМ Зоран Заев и министерот за полиција од истата партија, Оливер Спасовски. Кон обвинувањата се приклучи и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која во изминатиот период ревносно бараше расветлување на аферата со личните карти, која ја откри неделникот „Фокус“.

Сѐ почна во саботата кога полицајците трагајќи по дрога во станот на еден од тројцата осомничени, според ексклузивните информации од истрагата, го нашле погонот за фалсификување на лични карти, документите за кои минатиот месец пишуваше „Фокус“ и за кои неделникот се сомневаше дека биле користени за гласање.

Оваа претпоставка ја демантираше дополнителниот заменик во МВР, Митко Чавков по проверката на избирачките списоци.

Во наредните неколку дена медиумите блиски до власта објавија дека осомничената група подготвувала фалсификувани бугарски пасоши со имиња на државни функционери, лажни банкарски трансакции од Швајцарија и дека поседувала панцири, а денеска истите портали и телевизии ја дополнија листата на наводни криминали на оваа тројка со 70.000 од прислушуваните разговори, популарно наречени „бомби“.

Со назнака „ексклузивно“ е објавено и дека освен првиот полицаец Оливер Спасовски со тројцата осомничени фалсификатори комуницирал и лидерот на СДСМ Зоран Заев. Се појави и фотографија на Заев во неговиот кабинет на Бихаќка со еден од осомничените, Захир Бекири, додека Спасовски се фотографирал со осомничениот Аднан Сума за време на партиска активност во скопски Чаир.

За работите да бидат дополнително нејасни

Денеска на двете одделни пресконференции прво во МВР, а потоа во седиштето на СДСМ, Спасовски и Заев не демантираа дека комуницирале со дел од овие луѓе. Спасовски рече дека како генерален секретар на СДСМ и како министер се среќавал со многумина и оти нема никого да амнестира во истрагата за личните карти, без разлика на контактите, додека Заев прашан за комуникацијата со осомничените потсети дека јавно ги повикал сите што имаат докази за криминал на власта.

Фактот што и двајцата избегнаа директно да одговорат на прашањата околу врските со осомничените отвора низа сериозни прашања на кои Заев и Спасовски понудија воздржани одговори од типот „истрагата ќе покаже“.

По пресот на Спасовски, ВМРО- ДПМНЕ во партиско соопштение го праша министерот за внатрешни за што разговарал со Захир Бекири и со Аднан Сума, прво и третоосомничениот во аферата.

„Господине Спасовски, зошто баравте истрагата да не се одвивала брзо и дали вечерта при приведувањето контактиравте со осомничените? Господине Спасовски, зошто баравте увид во доказниот материјал?“, праша ВМРО-ДПМНЕ“.

Заев на пресконференцијата доцна попладнето, на која во публиката присуствуваше потесното раководство на СДСМ, изјави дека е апсурдно опозицијата да фалсификува лични карти за потоа самата да си отвори истрага и да се обвини, а во интервју за „Телма“ дека е нормално министерот за внатрешни да нема увид во доказниот матерјал од акцијата спроведена од обвинителството.

Лидерот на СДСМ смета дека на дело било сценарио слично на она со „Пуч“ и оти Груевски „повторно режира филмови“.

„Груевски и соработниците знаат колку длабоко се влезени во криминални и за кои ќе мора да одговараат. И затоа сега го прават истото сценарио како кога почна проектот Вистината за Македонија“, изјави Заев.

И тој и неговиот сопартиец Спасовски потенцираа дека фалсификуваните лични карти се со датум на издавање 2009 и 2014, кога беа одржани претседателски и локални избори, односно парламентарни лани.

На новинарското прашање дали Заев им ги дал прислушуваните материјали на осомничените, тој ја повика истрагата да открие дали и како разговорите се нашле кај осомничената тројка.

„Ветувавте дека само вие имате пристап до материјалите и дека вие сте гарант за приватноста на граѓаните чии што разговори нелегално ги поседувате. Господине Заев, вие повторно излажавте. Материјалите не ги предадовте на специјалното јавно обвинителство кое што беше формирано по барање на СДСМ, туку тие се најдоа во рацете на криминалци“, се огласи на крајот од денот на прес конференцијата на ВМРО ДПМНЕ пратеникот Антонио Милошески.

Во оваа зовриена атмосфера пристигнуваат неофицијални информации од двете завојувани страни. Високи претставници на СДСМ неофицијално коментираат дека власта посегнува по старото правило „нападот е најдобра одбрана“ и дека јавноста треба да почека оти и во овој случај како во „Пуч“ ќе се дознаела вистината.

Од другата страна,пак, стигнуваат информации дека наредните денови следуваат уште детали од аферата популарно наречена „Фабрика за афери“.