Вести

(ГАЛЕРИЈА) Граѓаните го кренаа гласот против насилството над животните

На скопскиот плоштад никогаш немало повеќе домашни миленици. Граѓаните излегоа на протести против малтретирањето на животните, откако во последниов периодов зачестија труењата и малтретирањата на бездомните, но и на домашните кучиња и мачки. Нема ден, а да не бидат пријавени десетици труења од отров кој е оставан по градинки, детски игралишта, паркови, од кој лесно може да настрада и човек.

„Не се криви што се живи“, „Ова ли е хуманиот третман, Македонијо?“, „Геноцид“, беа дел од транспарентите кои граѓаните ги држеа в рака, придружени со фотографии од миленици и бездомни животни кои беа затруени во последниов период.

Пред Собранието, во знак на протест беше истурен и бел прав, како синоним за отровот кој се расфрла по улиците.

„Кучиња се застрелуваат, кучиња се бесат, отрови кои за 10 минути би убиле и човек се расфрлани по градови и села, на шеталишта, покрај училишта и градинки. Тие се наменети за маалски кучиња и мачки кои се тетеравеле, плукале крв, се гушеле во сопствените повраќаници пред очите на растревожени минувачи и неретко деца. Труењата се случуваат истовремено, синхронизирано и веруваме дека удел имаат и општините. Граѓаните не плаќаат даноци за да се убиваат животни, туку хумано, ефикасно да се надмине проблемот со бездомните животни , без нечиј живот да биде ставен на ризик“, изјавија од Здружението „Анима Мунди“.

Тие ги повикаа Министерство за внатрешни работи, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство и општините итно да најдат хумани и ефикасни начини за надминување на проблемот со бездомните животни.