ВМРО е нападната како никогаш досега. Со овие зборови и половина час доцнење ја почна прес-конференцијата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, одговарајќи на денешните поднесени обвиненија од СЈО. Тој беше придружуван од Владимир Пешевски, Никола Тодоров, Миле Јанакиески, Влатко Ѓорчев, Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа Милевска и други. Според Груевски, обвиненијата на СЈО се политички, а не правен процес.
„СЈО не е обвинителство. Тоа е канцеларија на СДСМ“, рече тој, додавајќи дека целта е да се скрши партијата и да се овозможи политичка елиминација.
Груевски изјави дека „нивната конструктивност, кои некои ја нарекувале попустливост, завршува денеска“.
„Нема да нè скршат. Брзо ќе дојде денот кога ќе сфатат дека кругот се врти“, порача Груевски и не дозволи поставување на новинарски прашања.