Регион

Хрватска откри споменик на Туѓман со аплаузи, но и со критики

Ана Владисављевиќ, Загреб

Откривање на споменикот на Фрањо Туѓман | Фото: Ања Владисављевиќ

Новиот споменик на првиот хрватски претседател, Фрањо Туѓман, беше откриен во присуство на високи државни функционери, кои го пофалија неговиот придонес кон осамостојувањето на државата, но и на некои опозициски групи и групи за заштита на човековите права, кои демонстрираа, оспорувајќи ја неговата улога.

Со откривањето на споменикот висок повеќе од 4 метри, во близина на Националната и универзитетска библиотека и концертната сала Ватролав Лисински, денеска во Загреб беше одбележана 19-годишнината од смртта на првиот хрватски претседател, Фрањо Туѓман.

На церемонијата на откривање на споменикот присуствуваа претседателот на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, претседателот на Парламентот, Гордан Јандроковиќ, и премиерот, Андреј Пленковиќ, но изостана присуството на иницијаторот на поставувањето на споменикот, градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, кој е хосптализиран поради емболија на белите дробови.

Пленковиќ, Јандроковиќ и Грабар-Китаровиќ, ја пофалија иницијативата за поставување на споменик во главниот град на Хрватска, а на Бандиќ му посакаа брзо закрепнување.

„Првиот хрватски претседател е запишана во нашата историја како великан … Наша должност е да искажеме чест кон неговиот спомен”, рече Грабар-Китаровиќ.

Меѓутоа, со поставувањето на споменикот не се согласуваат некои јавни личности, организации и политички партии, кои за време на церемонијата, одржаа протест.

Собирот го организираа и го поддржаа Младинската иницијатива за човекови права, партијата Нова левица, Граѓанскиот комитет за човекови права, Антифашистичката лига на Република Хрватска, здружението „Позитива“, Женска мрежа на Хрватска, партијата Работнички фронт, Социјалистичката работничка партија, голем број на личности од јавниот и културниот живот, како и здружението на бранители „Видра – ветерани и општествена акција“, кои се борат против говорот на омраза и јавните поделби.

„Туѓман е, исто така, одговорен за некои од најтешките кршење на човековите права, за корумпираниот модел на приватизација”, изјави Никола Пухариќ од Иницијатива, кој држеше транспарент на кој пишуваше: „Тие не се наши херои”.

Демонстрантите носеа транспарент на кој пишуваше: „Не се наши херои“ | Фото: Ања Владисављевиќ

„Тој беше дел од заеднички злосторнички потфат, што значи дека имал некој вид на политичка одговорност за кршење на човековите права во друга земја, што сведочи за агресивната природа на активностите на Хрватска за време на војната во Босна и Херцеговина”, додаде Пухариќ.

Шест функционери на самопрогласената хрватска државичка во БиХ, Херцег-Босна, минатата година во Хашкиот трибунал беа осудени за учество во здружен злосторнички потфат, заедно со Туѓман и други високи хрватски функционери, со цел прогон на Бошњаците.

Демонстрантите изјавија дека е време да им се подигнат споменици на оние кои паднале како невини жртви на хрватската државна политика, предводена од претседателот Туѓман.

Туѓман беше претседател на Хрватска од 1990 до 1999 година. Тој ја предводеше новата независна држава низ продолжена војна со Југословенската народна армија (ЈНА) и со побунетите Срби од Хрватска, 1991-1995.

Иако националистите го фалат за постигнување на независноста на Хрватска, критиките што му се упатуваат се поради улогата на Хрватска во војната во соседна Босна и Херцеговина, односот кон опозицијата, поради кршењето на човековите права и лимитирањето на слободата на медиумите.

Повеќето градови во Хрватска имаат улици и плоштади кои го носат името на Туѓман, а во голем дел од нив, подигнат е и негов споменик.

Во 2017 година, новиот аеродром во Загреб беше именуван по Туѓман, а оваа одлука ја донесе тогашната хрватска левичарска влада.