Регион

Хрватска поднесе обвинение против поранешeн припадник на ВРС

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Логорот Мањача, за време на војната во БиХ. Фото: МКТЈ

Ања Владисављевиќ | БИРН | Загреб

Окружното обвинителство на Загреб, поднесе обвинение против 68-годишен државјанин на Србија и на БиХ, поранешен капетан на ВРС, за воени злосторства извршени над воени затвореници.

Иако обвинителството не го објави неговото име, локалните медиуми пишуваат дека се работи за Дане Лукаиќ.

Тој се товари дека на неговите подредени припадници на ВРС во логорот Мањача, кој се наоѓаше во близина на Бања Лука, БиХ, им наредил физички да малтретираат и да повредат двајца заробени припадници на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), и тројца заробени членови на Хрватските одбранбени сили (ХОС).

Обвинетиот се товари и оти лично му нанел сериозни телесни повреди на еден од наведените членови на ХОС.

Според обвинителството, тој, од средината на јуни до 16 септември 1992 година, бил водач на оперативен тим на органите за безбедност, задолжен за собирање на разузнавачки информации од воените затвореници.

Хрватската полиција го уапси обвинетиот во јуни оваа година, при преминување на границата, под сомнение дека тој наредил нечовечки третман на затворениците во логорот Мањача.

Во 1992 година, за време на војната во БиХ, ВРС во логорот Мањача затвораше Бошњаци и Хрвати.

Логорот беше оперативен од 1991 до 1992 година, но и краток период во 1995 година. Повеќето од затворениците биле војници и цивили од бошњачка и хрватска националност.