Вести

„Империја“ ја издиша истрагата за стечајот на МПМ

Јордан Камчев, Срѓан Керим и Јана Станисављева | Фото: МПМ (архива)

Јордан Камчев, Срѓан Керим и Јана Станисављева нема да одговараат за злосторничко здружување во стечајот на некогашниот медиумски магнат Медија принт Македонија (МПМ).

По неколкугодишно „истражно патување“ на релација: Скопско обвинителство – СЈО – Обвинителство за организиран криминал, од пред некоја недела предметот повторно се врати во Скопското обвинителство.

Обвинителката што гони организиран криминал и корупција, Лиле Стефанова, со писмо го вратила предметот во Обвинителството до каде што првично беше поднесена кривичната пријава – Скопското обвинителство.

БИРН праша на што се должи оваа одлука и зошто овој предмет нема да се гони како предмет од областа на организираниот криминал и корупција.

Шефот на Скопското обвинителство, Гаврил Бубевски ни одговори дека причината поради која се случил ова „примопредавање“ на предметот е тоа што од истрагата за осомничените отпаднало кривичното дело „злосторничко здружување“ бидејќи со тие дејствија бил опфатен осомничениот Јордан Камчев во предметот „Империја“.

За ова дело, бизнисменот беше осуден на едногодишна затворска казна откако призна вина, уплати околу пет милиони евра во буџетот и ја отслужува казната во струшкиот затвор.

Тоа значи дека сега во истрагата за стечајот на МПМ останува едно кривично за кое се гонат Јордан Камчев и другите двајца осомничени, бизнисменот и поранешен претседател на генералното собрание на ООН и Јана Станисављева – „оштетување или повластување на доверители“.

Кривичниот законик пропишува дека ако одговорните лица знаеле дека фирмата е неспособна за плаќање, со намера да ги изиграат или оштетат доверителите признале невистинито побарување, составиле лажен договор или ќе оштетат доверители, ќе се казнат со затвор од една до десет години.

„Во предметот постапува истиот обвинител што постапуваше на почетокот, кога предметот бил во ОЈО Скопје“, ни рече Бубевски.

Керим и Станисављева беа повикани во СЈО на распит во септември 2018. Обвинителството смета дека спогодбата на Камчев за „Империја“ не се однесува за овој предмет.

Во кривичната пријава што во 2017 беше поднесена до одделението за економски криминал во МВР, пишуваше дека фирмата МПМ дала донација од 300 илјади евра на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ во време кога доцнеле платите на вработените и со тешкотија се исплаќале, а на Јана Станисављева ѝ била исплаќана плата од 25 илјади евра месечно.

Некогашниот медиумски конгломерат МПМ, кој ги издаваше весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа модерна“ и порталот „Телеграф“, беше во сопственост на „Графички центар“, но фирмата отиде во стечај, а стотици новинари и медиумски работници завршија како технолошки вишок.