Актуелно

Итни мерки против загадувањето на воздухот, или ќе се блокираат градови

Граѓани денеска пред Владата протестираа против загадувањето на воздухот носејќи заштитни маски и транспаренти на кои пишува: „Ставете филтри наместо барок“, „Доста беше Смогје“, „Скопје стана Пекинг“, „Воздух сега“. Еколошките здруженија апелираа да се почитува правото на животна средина кое е гарантирано со Уставот.

Владата има рок до 15 јануари да ги прифати барањата за подобрување на состојбата со загадувањето, во спротивно ќе има блокади и протести во градовите каде граѓаните се гушат во нечист воздух. Ова е пораката што беше испратена од денешниот протест под мотото „Излези за воздух“ против загадувањето што се одржа пред Владата.

Граѓани протестираа со заштитни маски, свирчиња и со транспаренти на кои пишуваше: „Ставете филтри наместо барок“, „Доста беше Смогје“, „Скопје стана Пекинг“, „Воздух сега“, „Груевски униец на Тетово“…На протестот беше поставена и макета од бели дробови, а организаторите на протестот испратија апел да се почитува правото на животна средина кое е гарантирано со Уставот.

Ангела Илиевска од „Ќе дишеме или ќе издишеме“ кажа дека е револтирана бидејќи надлежните во кризни состојби делат само препораки.

„Еден ден се прогласува за ден на дрвото , а секој нареден е ден на бетонот. Во Скопје се спречи струењето на воздухот, но и струењето на слободната критична мисла. Додека вие се борите за партиски рејтинзи, Скопје се најде на листата на назагадените градови во светот. Додека вам ви се потребни споменици и лед телевизори, мене ми е потребен само чист воздух“, истакна Илиевска.

На протестот во Скопје се приклучија повеќе еколошки организации, а дојдоа протестанти од Битола и од Тетово, градовите каде загадувањето на воздухот е на алармантно ниво.

„Не гледате како гласови, како банкомати, но ние сме луѓе. Не ни продавајте магла за да добиете време, користете го времето за да се справите со маглата. Поставете филтри на Југохром, макар биле и од барок“, повика Аријанид Џафери од организацијата „Еко Герила од Тетово“.

Иван Чулаковски од организацијата „За нас се работи“ од Битола истакна дека дојден е да каже доста е и во името на оние кои заради партиски директиви не дошле да протестираат.

Со него се согласи биологот и активист, Кирил Арсовски.

„Повеќе лажги и дезинформации во животот не сум слушнал. Оваа година исекоа паркови и безброј дрвја, го уништија Водно, а за тоа ги обвинија оние кои немаат пари да се вклучат на парно и имаат стари автомобили. Бараме мониторинг и одговор зошто не се казнуваат тие што најмногу загадуваат“, рече тој во својот говор.

Дел од мерките што ги предлагаат еколошките организации се забрана за движење за старите возила кои предизвикуваат загадување и привремена забрана на движење на автомобили во централното градско подрачје на Скопје во деновите кога загадувањето е високо и поттикнување на користење на јавниот превоз и велосипедите. Се бара и привремено да се забрани работата на индустриските капацитети со А иБ интегрирана дозвола, да има засилени инспекции на терен, како и да се забранат градежните активности во деновите кога загадувањето е над границите.

Владата вчера на вонредна седница донесе повеќе заклучоци и препораки. Препорачано е сите работодавци во Скопје и во Тетово да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лица постари од 60 години со респираторни и со кардиоваскуларни заболувања, како и лица помлади од 60 години со дијагноза астма и хронична опструктивна белодробна болест до 4 јануари.

Во петокот, министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, освен мерките што ги одобри Владата, побара распустот за децата да почне од денеска, а рече и дека ќе се разговара за воведување на мерката пар – непар во сообраќајот.

Организаторите на протестот што се одржа пред Владата сметаат дека мерките што таа ги предложи се смешни и не придонесуваат да се намали загадувањето на воздухот.