Скопскиот Суд за прекршоци, по апсењето на 24 вработени, работи само со четворица судии додека Судскиот совет не делегира нови. Од овие причини, на постојните судии дадени им се инструкции да не закажуваат предмети од 1 ноември до 15 декември
Во моментов, бројот на судии во Судот за прекршоци во Скопје е намален за три пати, а четворицата судии кои не беа опфатени во истрагата и апсењето во акцијата „Јустиција“ сега во раце имаат над 17.000 предмети.
Од Основниот суд Скопје 1 информираат дека побарале од Судскиот совет да делегира нови судии, со оглед на тоа што деветмината актуелни судии кои беа уапсени сега се суспендирани и имаат забрана за напуштање на живеалиштето.
Од Судскиот совет велат дека до крајот на месецот ќе се делегираат нови судии, а од кривичниот суд не гледаат проблем што во Одделот за прекршоци во моментов работат само четворица.
„Со оглед на тоа дека во определен период судиите на прекршочниот оддел на овој суд имале и по 5.000 предмети за работа, сметаме дека нема да има проблем навремено да ги завршуваат предметите додека не се делегираат дополнителни судии, и секако нема да се дозволи било каков застој во работењето“, велат од Основниот суд Скопје 1.
Во меѓувреме, на 24-те лица кои беа спроведени, забрането им е да го напуштат живеалиштето и имаат забрана да преземаат определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
„Јустиција“ остана недоречена
Судската фела е вознемирена по апсењето во одделот за прекршоци, но речиси сите, без исклучок, одбиваат јавно да го коментираат апсењето.
Да потсетиме дека апсењето се случи истиот ден кога беше објавен и извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, нешто што фрли дамка врз мотивот на акцијата. Полициската операција се водела под името „Јустиција“, а осомничените се товарат за криење во фиока на повеќе од 8.000 предмети за кои, за една година, не била наплатена казна со што, според обвинителството, буџетот на државата е оштетен за над 1,3 милиони евра.
Вработените во Судот биле приведени од полицијата рано изутрината од нивните домови пред да заминат на работа. Според МВР, судиите суделе предмети во тајност без да знаат обвинетите, а во списите на предметот запишувале дека странките се недостапни. Откако ќе се донесела пресуда за предметот не го пуштале за извршување, туку само го заверувале како завршен за на тој начин ја покријат месечната норма на сработени предмети. Потоа предметот се ставал настрана до негово застарување. Мотив за ваквото постапување според полицијата било вршење услуги на блиски луѓе.
Судиите со кои разговараше БИРН, под услови на анонимност, тврдат дека постојат голем број недоречености и нејаснотии во поглед на истрагата, кои најверојатно би требало да бидат разјаснети кога ќе почне судскиот процес. Но, со оглед на тоа што станува збор за огромен број предмети, можно е да помине една година додека случајот влезе во процедура.
150 предмети по судија месечно
Ако се погледнат годишните и месечните извештаи на Судот за прекршоци, лесно може да се види обемот на работа што го имале 13-те судии од овој суд. Во февруари годинава вкупно во работа имало 25.775 предмети, а решени биле 2.091 предмети, односно 160 предмети по судија.
„Во јули годинава најсериозните прекршочни предмети од групите јавен ред и мир и стопанство кои се околу 5.000 се префрлени во работа кај истражните судии, за да нема застој во работењето бидејќи одделот за прекршоци работи со фонд од околу 25.000 предмети“, велат од судот.
Инаку, со имплементацијата на АКМИС – системот во 2008 година, Одделот за прекршоци не бил внесен во овој систем и сè уште работел со старо софтверско решение, а извештаите за работа биле изготвувани рачно.
„Со одлуката за префрлување на предметите кај истражните судии истите се внесени во системот со цел поголема контрола, ажурност и следење на роковите за постапување и евиденција во АКМИС – системот. Со оваа реорганизација во Одделот за прекршоци сега се останати само предметите по сообраќај кои се околу 17.000“, велат од скопскиот кривичен суд.
Сега, со новонастаната ситуација, Судот за прекршоци повторно е исправен пред нов предизвик – да работи само со четворица судии додека Судскиот совет не делегира нови.
На постојните судии дадени им се инструкции да не закажуваат рочишта од 1 ноември до 15 декември 2014 година, додека не се воведе во целост АКМИС системот.