Вести

Керим работи како советник на премиерот

Владата уште лани одлучи да го номинира Срѓан Керим за престижната функција во ООН

Срѓан Керим повеќе од половина година работи како советник на премиерот Емил Димитриев, дознава БИРН, а информацијата ја потврди владината прес-служба.

„Господин Срѓан Керим на 16 февруари оваа година е назначен за советник за надворешна политика на претседателот на Владата и неговиот мандат е актуелен и во моментов“, потврди за БИРН владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Токму во февруари Керим ја напуши менаџерската позиција во весниците на „Медиа принт Македонија“ (МПМ), бидејќи ги исполнил условите за пензија, меѓутоа не беше соопштено дека неколку недели подоцна Димитриев ќе го ангажира за свој советник.

Портпаролот Ѓеорѓиев не одговори дали назначување на Керим е во функција на неговата актуелна кандидатура за генерален секретар на Организацијата на обединетите нации (ООН) или е независна од тој процес.

Владата уште лани одлучи да го номинира Срѓан Керим за престижната функција во ООН, оценувајќи дека е личност што ги исполнува неопходните услови и критериуми да биде наследник на Бан Ки-Мун и деветтиот генерален секретар.

Ниту, пак, Срѓан Керим, кој е надвор од државата, не коментира дали советничката функција во Владата е поврзана со неговата амбиција во ООН.

Трошоците за кампањата на Керим во Организацијата на обединетите нации ги покрива Министерството за надворешни работи, како што објасни Димитриев, одговарајќи на пратеничко прашање, меѓутоа премиерот не прецизираше колку пари се потрошени со образложение дека кандидатурата сѐ уште трае.

Мандатот на Бан Ки-Мун завршува на 31 декември 2016 година, а како кандидати за негов наследник, покрај Керим, се пријавија уште деветмина. Керим не се појави на телевизиската дебата меѓу кандидатите, организирана од „Ал Џезеира“ во просториите на ООН, бидејќи, како што образложи премиерот Димитриев, дебатата не била задолжителна.

„Тоа беше организирано од телевизија којашто сметала дека треба да се искористат просториите на ОН за таква дебата“, рече премиерот во Собранието.

Дипломат со кариера во менаџирање медиуми

Откако германскиот медиумски концерн ВАЦ го продаде МПМ во 2012, Керим стана сопственик на третина од компанијата, заедно со српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ и со „Орка холдинг“ на Јордан Камчев. Во ерата на ВАЦ, Керим беше само менаџер на медиумската групација составена од трите весника „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“.

Срѓан Керим од 2000 до 2001 година  беше министер за надворешни работи во владата на ВМРО-ДПМНЕ водена од Љубчо Георгиевски, додека во деведесеттите беше амбасадор на Македонија во Германија.

Името на Керим се поврзуваше и со аферата „Евра во шише“ | Фото: МИА

Во неговата дипломатска биографија запишана е и функцијата претседавач на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации во периодот од 2007 до 2008.

Името на Керим се поврзуваше и со аферата „Евра во шише“, бидејќи во 2008 унгарските цариници открија 750.000 евра во кеш кај возачот на „Медиа принт Македонија“, Душко Огњановски, пари кои тој, иако имал обврска, сепак не ги пријавил кога ја преминувал границата. Возачот пред унгарските власти објаснил дека еврата ги носи од МПМ во централата во Виена.

Унгарските власти есента истата година ја информирале македонската Управа за спечување на перење на пари, додека УЈП ја затвори аферата со информација дека инволвираните лица немале поголем имот од оној што бил оданочен.

Пред претседателските избори во 2009 година, Керим се сметаше за сериозен кандидат за номинација, но ја одби понудата откако опозицијата, водена од Бранко Црвенковски, јавно предложи тој да биде заедничкиот кандидат за шеф на државата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.