Кој го уби Рацин?

Се разбира дека изборот на „Кој го уби Рацин?“ за наслов на овој текст, по сите случувања околу одбивањето на наградата „Рациново признание“ од страна на Наум Пановски, е она што се нарекува „прва топка.“ И исто толку е разбирливо зошто го одбрав токму него.

Со целиот ризик дека на почетокот на овој текст ќе се занимавам со некои навидум маргиналии, веднаш ќе кажам дека, за жал, сè уште немав можност да ја прочитам книгата „Коста Солев – смртопис“, несудениот лауреат на оваа важна награда.

Вината и релативизацијата

Меѓутоа, од видеообраќањето на Пановски, а потоа и од неговите дообјаснувања во некои медиуми, како и од беседата на претседателката на жири-комисијата за оваа награда, Елизабета Шелева, сфатив дека ова прашање е прилично битно во самиот текст.

Сфатив, имено, дека авторот вината за смртта на Рацин ја префрла врз сите нас, односно ја трансформира во колективна. Според цитатот на Шелева во нејзината беседа, во книгата се вели: „Го убивме сите со нашиот молк. Со тоа какви сме. За никој никаде. Сервилни и поткупливи. Со свиткан грб по кој удира кој како ќе стигне. А ние само молчиме…“.

Секое воопштување, односно секоја „колективизација“ на кое било злосторство не е ништо друго, туку само релативизација на вината. Сите се (сме) виновни, не значи ништо друго, туку само дека никој не е виновен. Колективната одговорност може да биде само ничија одговорност. Секое генерализирање на какви било „национални“ особини („со свиткан грб“, „ние само молчиме“…) е опасно играње со некои (се надевам) историски победени теории за наднации и/или поднации.

Како мала дигресија, тука ќе споменам дека во 1965 година се доселив во Скопје, тогаш како четиригодишно дете. Еден од моите соседи се викаше Мино Минов. Возрасен, малку згрбавен, слабичок и прилично повлечен човек. Се сеќавам дека сите во околината шепотеа, па дури и ме предупредуваа, дека тоа е „човекот што го уби Кочо Рацин.“

Некои деца трчаа по него со подругливи повици, а некои (каков што бев и јас) бегаа на другата страна од улицата кога ќе го видеа. Мислам дека никогаш во животот не му реков ни „добар ден.“ Како, впрочем, и сите други во мојата околина.

Кога веќе уште од насловот на текстот го поставувам прашањето за убиството на Рацин, ми попречи и инсистирањето на Пановски дека човекот се вика Коста Солев и дека псевдонимот „Кочо Рацин“ е безмалку некаква манипулација на „злобниот“ политички систем, а не псевдоним што самиот Коста Солев си го одбрал, барем како потпис на неговата легендарна книга-меѓник „Бели мугри“ (К. Рацин).

Човекот кому прв му се заблагодарува Наум Пановски е мојот колега и некогашен уредник во културната рубрика на „Нова Македонија“, Глигор Стојковски. Стојковски, таму некаде кон крајот на 80-тите или во почетокот на 90-тите години, во „Нова Македонија“ објави фељтон во повеќе продолженија за убиството на Рацин, а „Нова Македонија“ набргу потоа го објави фељтонот во книга под наслов „Искрвавени мугри“ и со поднаслов „Како загина Кочо Рацин.“

И навистина ми е нејасно ова инсистирање на Пановски на ревизијата на литературниот псевдоним на Солев/Рацин.

Одбивање и зошто не

Но, суштината на овој текст не би требало и не би смеело да биде некакво зафаќање во историските факти или, ете, теориите на заговор за убиството на Рацин. Напротив. Темата и поводот е одбивањето на наградата, а не ламентирањето над ставовите во добитничката книга.

Искрено, со оглед на моето долгогодишно, дури долгодецениско познанство со авторот, прилично се думав дали воопшто да се огласувам по ова прашање. Првенствено од страв дека субјективноста ќе ја победи мојата желба за некоја каква-таква анализа на „случајот“, потоа затоа што речиси сум убеден дека ќе добијам извесни непријатни етикети, како што сум ги добивал и досега од Пановски и, на крајот, затоа што по ова прашање се произнесоа речиси сите од академскиот свет и пошироко што требаше да се изнесат.

Сепак, сметам дека „Рациновото признание“ е преголема награда за да остане овој скандал незабележен од моја страна. И, сфатете ме како сакате, сметам дека како „човек што дели награди“ (како што ме нарече еден пријател), односно како еден од организаторите на конкурсот и доделувањето на наградата „Роман на годината“, имам должност и потреба да се произнесам.

Со цела почит кон авторските права на едно дело, лично сметам дека делото во оној миг кога е објавено е одвоено од авторот. И дека авторот има право, дури и должност, да се обиде својата рожба да ја направи што подостапна до „широкиот публикум“ и да ѝ обезбеди „пристоен живот.“ Но, нема право и не смее да влијае врз судот на јавноста за тоа исто дело.

Неговата книга го живее својот живот и прашањето за тоа како ќе биде или нема да биде прифатена од читателите, па и од стручната јавност (читај: дали ќе добие награда или не) веќе не е во доменот на авторот. Делото, едноставно, го живее својот живот. Во таа смисла, никако не можам да го оправдам одбивањето на наградата.

И не мислам тука на она на што некои учесници во дискусијата за ова прашање ќе алудираат: на „моралниот лик“ или „неискреноста“ на Пановски, затоа што, ете, самиот се пријавил на конкурсот или некој го пријавил со негово одобрување, па два дена пред врачувањето, јавно се заблагодарил на жирито, на организаторите итн., а потоа одбил да ја прими наградата.

Иако, се разбира, може да се дискутира и за етичката димензија, без оглед што неа Пановски ја квалификува како „малограѓанско прашање“ или „ставање глава во песок.“ Демек, критичарите на овој потег ги прескокнуваат (премолчуваат) главните причини за одбивањето што тој ги навел во обраќањето, а не на суштината на неговиот исказ.

Иако сум склон да се согласам со една моја пријателка, која смета дека скандалот е планиран. Во случај да не ја добие наградата, Пановски ќе крене врева дека во „оваа држава на распаѓање ја премолчуваме вистината за Коста Солев“ со сите следни додатоци, дека „културата и образованието ни се на периферија“, дека „културните работници се на работ на егзистенцијата, а пратениците си ги покачуваат платите“ и така натаму, во стилот на неговото обраќање по повод одбивањето на признанието. Впрочем, како што е направено и при добивањето на наградата.

Не тврдам и не можам да тврдам дека тоа е целта, ама ако е, тогаш е исполнета. Интересот за книгата, секако, е многу поголем, отколку целата процедура да поминеше „мирно.“

Општината или врвниот морален арбитар

Реков, значи, дека етичката димензија на случајот не ми е во фокусот. Ако прифатам дека авторот, сепак, може да ја повлече својата книга од некаква веќе воспоставена конкуренција, па дури и да ја повлече откога ќе биде награден во истата таа конкуренција, тогаш Наум Пановски е дефинитивно во право.

Можеби не е етички или не е сосема легитимно, ама е сосема легално. Односно, не е забрането со закон. И верувам дека не е забрането ниту со правилникот или статутот на „Рациновите средби.“

Но, она што во целиот случај бездруго е неетички, нелегитимно, а веројатно и нелегално е однесувањето на организаторот, односно Општина Велес. Таа, едноставно, го игнорираше видеообраќањето на лауреатот, најави дека ќе му ја врачи наградата во некоја следна прилика (!) и, во името на Пановски, го прераспредели паричниот износ на некоја невладина организација.

Лично, претпоставувам дека ако беше пуштено обраќањето на Пановски во неговата интегрална форма, односно ако не постоеше фалсификуван обид да се стишаат работите, скандалот ќе беше во многу помали размери, ако воопшто и го имаше.

На тој начин, Општина Велес се поставува во улога на некаков инквизитор или врвен идеолошки и морален полицаец. Како инаку да се толкува нивното кусо и резолутно соопштение по повод нивното премолчување на одбивањето на наградата, кое тука ќе го цитирам во целост (барем според медиумските извештаи): „Обраќањето на добитникот не е достојно за Рацин, за манифестацијата. Ако не ја прифаќа наградата, зошто се пријавил и конкурирал за Рациновото признание?“.

Лично, навистина ме интересира кој е тој врвен авторитет во Општината што проценува кое обраќање е достојно на Рацин и на манифестацијата? И, исто така, ме интересира според кои критериуми е направена таа проценка? Кои делови, точно, од обраќањето не се „подобни“? А тоа зошто се пријавил, а не ја прифаќа наградата, секако не е работа на организаторот, или барем не ја изменаџирал како што треба кога требало.

И ме интересира уште нешто: како ќе ја заокружи организаторот годинашната манифестација „Рацинови средби“? Ќе ја додели ли годинава наградата? Ќе му ја доделат ли „на сила“ на Наум Пановски, односно дали тој ќе биде запишан во историјата како лауреат?

Или ќе му ја доделат на „второпласираниот“ (бидејќи наградата е доделена со мнозинство гласови, што значи дека некоја друга книга добила еден глас)? И дали „второпласираниот“, кој не е најдобар, според оценката на жири-комисијата, воопшто ќе ја прими наградата? Или годинава наградата ќе биде недоделена?

Не прејудицирам ништо, само велам дека организаторот, ако сака да остане „достоен на Рацин“ (да се послужам со нивниот речник), вака или онака ќе мора да ја реши и заокружи оваа ситуација. Но, да не бидеме нестрпливи. Оваа седмица почнуваат Струшките вечери на поезијата, па да почекаме да видиме какви „културни возбудувања“ нѐ очекуваат.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија