Регион

Киднапирањата и убиствата на новинарите во Косово „без адекватна истрага“

Јелена Петковиќ со претседателот на Комисијата за истрага на убиствата на новинарите, Веран Матиќ, секретарот на ЗНС, Нино Брајовиќ, и претседателот на ЗНС во Косово, Будимир Ничиќ, на презентацијата на извешрајот на ЗНС. Фото: presscentar.uns.org.rs.

Меѓународните мисии на Косово, не спроведоа соодветни истраги за да утврдат кој ги киднапира и уби новинарите и медиумските работници во Косово, за време и по војната, се вели во истражувањето што денеска го презентираше ЗНС.

Авторот на истражувањето, Јелена Петковиќ, изјави дека 15 новинари биле убиени или киднапирани во Косово од 1998 до 2005 година – Шабан Хоти, Исмаил Бербатовци, Ѓуро Славуј, Ранко Перениќ, Африм Малиќи, Енвер Маљоку, Љубомир Кнежевиќ, Александар Симовиќ, Крист Гегај, Момир Стокуќа, Марјан Мелонаши, Шефки Попова, Џемаил Мустафа, Беким Кастрати и Бардуљ Ајети.

Во јуни 1999 година, беа убиени и двајца германски новинари на списанието Штерн, Габриел Грунер и Волкер Крамер, заедно со нивниот преведувач, Шенол Алити.

Петковиќ истакна дека Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, како воено злосторство го третирала само случајот на новинарот Александар Симовиќ и дека во некои случаи дури тврдела оти нема евиденција за нив.

„Како одговор на нашата намера да откриеме што се случило со истрагите за убиствата и исчезнувањата на нашите колеги, дојдовме до поразителни заклучоци дека немало обид за ефикасна истрага (на случаите) на албанските и српските новинари“, потенцираше Петковиќ на презентацијата на истражувањето во Белград.

„Затоа денес не знаеме кои се убијците и киднаперите, но знаеме дека тие се на слобода и оти не се казнети“, додаде таа.

Петковиќ нагласи дека било процесирано само убиството на Шабан Хоти и тоа од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.

Таа објасни дека откако ЗНС започнало да објавува приказни за овие случаи, бројот на истраги отворени во Приштина се зголемил од две на седум, и оти дури тогаш некои семејства добиле информации за тоа што се случило со нивните најблиски.

Меѓу нив се и семејствата на Ѓуро Славуј и Ранко Перениќ, новинари на Радио Приштина, кои беа киднапирани во август 1998 година во близина на Ораховац.

„Дури тогаш семејството на Ранко Перениќ доби порака од ЕУЛЕКС дека Перениќ и Славуј биле пресретнати на пат од вооружена група луѓе кои носеле облека на Ослободителната војска на Косово, кои им се заканувале со оружје и ги однеле во непознат правец“, рече Петковиќ.

Таа го критикуваше начинот на кој меѓународните институции се справија со проблемот, велејќи дека во некои случаи „тие немале или не знаеле каде се документите за убиените и киднапираните новинари“.

На денешниот настан говореше и новинарот, Небојша Радошевиќ, кој во 1998 година, заедно со неговиот колега, фоторепортерот, Владимир Добричиќ, биле заробени на патот кон приштинскиот аеродром.

„Бевме во подрум без прозорци, со земјен под. Ни дадоа храна. Но, имаше и пиштоли, машинки и ножеви под грло“, рече Радошевиќ.

Тој додаде дека тие биле во заробеништво 41 ден, по што биле ослободени.