Регион

Обвинетите за убиство на Оливер Ивановиќ изјавија дека не се виновни

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Од денешното рочиште во Основниот суд во Приштина. Фото: БИРН.

На судењето за убиството на Оливер Ивановиќ, кое започна денеска во Основниот суд во Приштина, шестмината обвинети, Недељко Спасојевиќ, Марко Рошиќ, Силвана Арсовиќ, Драгиша Марковиќ, Жарко Јовановиќ и Раде Басара, се изјаснија за невини по обвиненијата.

Спасојевиќ, Рошиќ, Арсовиќ и Басара се обвинети дека се дел од криминалната група, што го организирала убиството на Ивановиќ, кој беше застрелан пред неговиот партиски штаб во Митровица, во јануари 2018 година. Марковиќ и Јовановиќ се поранешни припадници на косовската полиција.

На денешното рочиште, Спасојевиќ и Јовановиќ, го признаа делото, нелегално поседување на оружје, но ги негираа другите обвиненија.

Обвинителот, Сула Хоџа, рече дека на сите обвинети им била доставена копија од најновата верзија на обвинението, откако претходно закажаното рочиште беше одложено затоа што обвинетите го немаа овој документ на српски јазик.

Но, нивните адвокати истакнаа дека сè уште немаат пристап до сите докази, особено до видео-снимката што безбедносните камери ја направиле пред седиштето на партијата на Ивановиќ, во времето на убиството.

„Барам обвинителството да ја обезбеди видео-снимката“, рече адвокатот на Силвана Арсовиќ, Јована Филиповиќ. Судијата му наложи на обвинителството, на обвинетите што поскоро да им биде обезбедена снимката од камерите.

Адвокатите нагласија дека постапувањето со нивните клиенти е неправедно, бидејќи тројца од нив се задржани во притвор, а останатите во куќен притвор, иако обвиненијата против сите нив се слични.

Тие побараа укинување на рестриктивните мерки, бидејќи, како што рекоа, нема доволно докази што укажуваат дека нивните клиенти се вмешани во убиството на Ивановиќ.

Адвокатите додадоа дека обвинетите се дискриминирани поради нивната национална припадност, бидејќи се претпоставува оти тие, затоа што се Срби, би можеле да избегаат во Србија.

Фактот дека обвинетите имаат свои животи и семејства во Митровица и се во лоша економска состојба, според адвокатите, е причина поради која тие нема да избегаат.

Ивановиќ, лидер на партијата Слобода, демократија, правда, беше убиен пред неговиот партиски штаб во Митровица, северно Косово, на 16 јануари 2018 година.

Иако претходно се сметаше за голем националист, тој стана умерен политичар кој се залагаше за соживот меѓу српското малцинство и албанското мнозинство во Косово. Тој, исто така, беше многу гласен критичар на белградските власти.

Пред да биде убиен, нему, во обновена постапка, му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци во Митровица, за време на војната во Косово во 1999 година. Тој се изјасни дека не е виновен.

Следното рочиште е закажано за 16 март.