Од толку многу историја на човека дефинитивно му се свртува во глава.Како да се возел со светлосна брзина на она тркалото што во моментов се гради на Вардар. Тоа е онаа брзина со која се поминуваат стотина години во еден ден. Па, потоа градиш барок, преправаш фасади, поставуваш споменици, отвораш чешми…
Не знам дали македонскиот претседател Иванов е првиот државник што го посетил турскиот колега Ердоган по неуспешниот воен пуч, но не гледам ништо невообичаено и да е тоа така. Постојат повеќе причини зошто Иванов отиде во официјална посета на Ердоган.
Првата е размена на искуства околу справување со пучеви, бидејќи, како што е познато, Македонија е лидер во регионот (и втора во светот) по препознавање и превенирање на пучеви. За волја на вистината, овој вториов трае веќе втора година и сѐ уште не е најјасно дали веќе завршил или уште е во тек.
Веројатно Иванов го советувал Ердоган да ги искористи своите уставни овластувања и да прогласи аболиција за сите политичари за коишто се сомнева дека се корумпирани. Тоа е докажан метод за постигнување на национално единство.
Се разбира, има и други моменти во постигнувањето на националното единство. На пример, да се барокизира Аја Софија. А и другите значајни монументи во Турција. Ефектот ќе биде огромен: ем ќе се нервираат Грците, а тоа е секогаш фактор за национално обединување (штета што Тајванците и Кинезите, на пример, уште не се сетиле да ги нервираат Грците), ем ние ќе можеме да направиме квалитетни бизнис зделки, извезувајќи го ноу-хау плус оној вишок стиропор што остана од нереализираната барокизација на Градскиот трговски центар во Скопје.
А може Ердоган прилично да научи од Иванов и воопшто од македонското искуство. Самите бевме сведоци дека библискиот потоп се случил во Скопје. И тоа по три часа дожд. И пред илјада години, бидејќи нели такво невреме се случува само еднаш во илјада години. И тогаш никој не бил одговорен, затоа што, како што откриваат македонските историчари, Ное рекол: „Божја волја“. И додал дека „дождот ќе прекине, кај да е“.
И потоа се појавило ВМРО-ДПМНЕ (иако македонските историчари сѐ уште не откриваат од кои животни од оние што ги спасувал Ное на својата арка, потекнуваат ВМРО-ДПМНЕ) и историјата почнала интензивно и преконцентрирано да ни се случува. Тоа го гледаме по фреквенцијата на дождовите што ни се случуваат. Секоја недела преживуваме по 500 години.
Од толку многу историја на човека дефинитивно му се свртува во глава. Како да се возел со светлосна брзина на она тркалото што во моментов се гради на Вардар. Тоа е онаа брзина со која се поминуваат стотина години во еден ден. Па, потоа градиш барок, преправаш фасади, поставуваш споменици, отвораш чешми…
Но, имаме и ние што да научиме од Ердоган. На пример, за реформирање на медиумите. Турското искуство тука е прилично импозантно. Еве, кај нас ни едно ад хок тело не може да се состави како што треба, а во Турција не ни размислуваат за ад хок тело. И затоа немаат проблеми.
Но, имаме и ние што да научиме од Ердоган. На пример, за реформирање на медиумите. Турското искуство тука е прилично импозантно.
Кај нас четири петини од ад хок телото ги искршија копјата околу тоа кој ќе биде петтата петина на ова тело, односно на која страна од двопартиското информирање ќе се навали членот – Албанец, кој мора да биде избран со консензус. Не би се изненадил ако претседателот Иванов, по посетата на Турција, дојде со еден разумско компромисен предлог.
На пример, место Албанец, петтиот член на ад хок телото да биде Турчин. И тоа увезен од Турција. По можност советник за медиуми на Ердоган. Нему нема да му требаат сто дена мониторирање. Доста се два-три дена за директна примена на турската медиумска демократија.
Сепак, како што тоа обично се случува, најважните причини за посетата се кријат зад кулоарите и официјалните разговори. Веќе се шушка дека Ердоган и Иванов ги поставиле основите за новиот меѓународен трговско политички сојуз, познат под кодното име „Ајвар“.
„Ајвар“ ќе биде организација во која ќе дејствуваат државите што се противат на наводната забрана на Европската унија за продажба и производство на куртовската капија и јаболчарот. Таа ќе се базира на основното човеково право да јаде ајвар, а во некои случаи и бурек.
Планот е преку Турција да се освои и сирискиот пазар, така што пред Македонија стојат неограничени можности во продажбата на куртовска капија, во чие производство сме, исто така, први во регионот и пошироко. Затоа и не треба да изненадува дека Иванов во земјава ќе промовира нова доктрина, па наместо „евро-атланските интеграции немаат алтернатива“, следната мантра (погодна и за овие избори) ќе биде „светско-ајварските интеграции немаат алтернатива“.
Сепак, на крајот од краиштата, оваа посета свртува нова страница во македонско-турските односи. За волја на вистината, експертите уште утврдуваат чие срце е со кого.
И на крајот најважната причина за посетата на Иванов на Турција. Значи, ако се запрашавте зошто во негова придружба во една работна (не протоколарна) посета, како што оваа посета беше окарактеризирана, се наоѓа и првата дама, сопругата Маја, тоа е затоа што таа, освен што е несомнен експерт за рецептурата на оригиналниот македонски ајвар, е и голем љубител на купки, па оваа посета требаше да се искористи да се побараат од Ердоган додатни количества турски сапуници, за да може и Маја, а и обичната раја, да уживаат во одржувањето на сопствената хигиена. Хигиената, на крајот од краиштата, е половина ментално и општествено здравје.
Сепак, оваа посета свртува нова страница во македонско-турските односи. За волја на вистината, експертите уште утврдуваат чие срце е со кого.