Бесата на СДСМ

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Читам деновиве дека предизборната коалиција меѓу СДСМ и Беса е првата меѓуетничка коалиција во овдешната изборна историја, што, се разбира, не е точно. На пример, во досегашниот парламентарен состав, со свои пратеници беа застапени 20 партии, повеќето од нив со етнички предзнак и речиси сите влезени преку предизборни коалиции со некоја од двете водечки партии во македонскиот политички блок, ВМРО-ДПМНЕ и/или СДСМ, а партијата на Амди Бајрам, јасно, секогаш е во предизборна или во постизборна коалиција со власта.

За разлика од повеќето западни демократии, каде што предизборните коалиции се речиси непознати, во македонската изборна пракса, предизборните коалиции се правило, а не исклучок.

Зошто тогаш коалицијата меѓу СДСМ и Беса би била нешто што треба посебно да се нотира и настан што ги возбудува политичките фактори во земјата?

Некои од аналитичарите што деновиве се јавија со свои видувања на овој, евидентно, сепак, невообичаен политички потег, сметаат дека постои ризик и двете партии со оваа коалиција да изгубат дел од својот традиционален електорат и ова свое мислење главно го поткрепуваат со наводните речиси дијаметрални политички и идеолошки позиции на двата политички субјекти: демек Беса, според својата реторика, е цврсто национално ориентирана, а според идеологијата е десно позиционирана, додека СДСМ е наводно партија од левиот центар, на која не ѝ е туѓо да кокетира со македонскиот национализам.

Не знам дали овој политички сојуз на изборниот пазар ќе се покаже како добитна комбинација или нема, ама претпоставениот неуспех, сепак, нема да биде поради политичките ставови на двете партии. Имено, искуството покажува дека во Македонија, идеолошката позиција на една партија, па дури и на некој политичар, е релативен и нерелевантен фактор за гласачот на предизборната коалиција.

Како инаку ќе се толкуваат најблаго речено непринципиелните, па дури и франкенштајнските коалиции што владееја во нашиот политички простор. Како, на пример, да се толкува речиси традиционалната коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, кој е наводно десен центар, Социјалистичката партија на Ѕинго, која е наводно лева? Или лавирањата на НСДП на Тито Петковски од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ и обратно? Или ДОМ на Лилјана Поповска? И така натаму.

Без оглед колку неприродно изгледале овие коалиции, се чини дека тоа на нивните гласачи воопшто не им пречеше, па не гледаме причина зошто сега одеднаш гласачите идеолошки и принципиелно би се освестиле.

Од друга страна, ги слушаме толкувањата на челниците на СДСМ дека станува збор за нова страница во македонската политичка историја и дека оваа коалиција е, всушност, само продолжување на политиката, симболизирана низ слоганот „Едно општество за сите“. Со други зборови, сака да се каже дека е време етничкиот елемент да се надмине во овдешниот политички живот и дека е време политичката битка за колективни (етнички) права да се замени со политички ангажман за постигнување граѓански (индивидуални) права.

Иако, што би се рекло, од авион може да се види дека во предизборниот пазар, всушност, најважен е токму етничкиот елемент, односно дека СДСМ се надева на одреден квантум гласови од албанското избирачко тело, а Беса смета дека на овој начин ќе добие повеќе пратенички места отколку да излезе самостојно на избори.

Се очекува, имено, во изборните единици со мнозинско албанско население, челните места на листите да ги имаат претставниците на Беса, а за нив, освен нивните гласачи, да гласаат и гласачите на СДСМ, односно Македонци и граѓани со друга етничка припадност.

Евентуалната победа на коалицијата на СДСМ и Беса на претстојните избори речиси со сигурност ќе значи и радикална промена на македонскиот политички пејзаж

На крајот на краиштата, по дефиниција, целта на предизборните коалиции е посилната или најсилната партија да ја зајакне својата парламентарна позиција, а на помалите партии да добијат онаков пристап во парламентот и евентуално во извршната власт и јавните претпријатија (ако се добијат изборите), каков што не би можеле да добијат со самостоен настап на изборите.

Точно е дека станува збор за прва официјална предизборна коалиција на републичко ниво меѓу парламентарни партии од таканаречениот македонски и таканаречениот албански политички блок, иако не е тајна дека вакви, ама неофицијални, коалиции постоеле и порано, па избирачите се насочувале кон една или кон друга партија.

Сепак, примерот на СДСМ и Беса, односно токму неговото официјализирање е равенка со повеќе непознати во македонската политичка математика. Нервозните реакции на ДУИ, како долговечна владејачка партија, како и на ВМРО-ДПМНЕ, како најсилна опозициона партија, всушност најдобро го сликаат платното на новиот македонски политички пејзаж.

ДУИ тврди дека со оваа коалиција се „дефакторизира албанскиот гласач“, што имплицира дека албанскиот етнос во земјава е одвоен политички субјект сам по себе, односно дека албанскиот електорат би требало исклучиво да гласа за „чиста“ партија од „албанскиот политички блок“, што никако не подразбира официјална предизборна коалиција со партија од „македонскиот политички блок“.

Во Македонија, идеолошката позиција на една партија, па дури и на некој политичар, е релативен и нерелевантен фактор за гласачот на предизборната коалиција

Во таа смисла, сериозен успех на коалицијата меѓу СДСМ и Беса, особено меѓу албанскиот електорат, би можела да донесе прекин на апсурдниот, во суштина федералистички, принцип на создавање владејачки коалиции на „победник со победник“ од двата етнички политички блока. На крајот на краиштата, самата ДУИ го прекрши овој принцип, кога на претходните избори коалицираше со СДСМ, а не со ВМРО-ДПМНЕ, како партија со најмногу добиени гласови од македонскиот блок.

Се разбира, ако СДСМ го добие мандатот со вака компонираната коалиција, не е исклучено постизборно повторно да коалицира и со ДУИ, но тогаш политичката тежина на ДУИ ќе биде многу помала отколку што беше во последната деценија.

Од друга страна, и покрај евидентните грешки на власта, се чини дека ВМРО-ДПМНЕ уште не може да се соземе од претходните изборни порази, ниту  да ги консолидира своите редови. Без оглед на бројот на пратениците што номинално ги имаше во парламентот, сите закони што требаше да поминат со двотретинско мнозинство, вклучувајќи ги тука и болните уставни измени, како и законот за јазици, поминаа – без нив.

Но, да ја земеме можноста дека опозиционата партија може да постигне релевантен резултат на претстојните избори, нејзиниот коалиционен капацитет е во сериозен дефицит. Евентуалната коалиција на „старите партнери“, односно на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, во зависност од резултатите, е можна, но таа на подолг период бездруго ќе ги маргинализира овие две партии.

Тешко ќе му биде на ВМРО-ДПМНЕ да им објасни на своите гласачи зошто коалицира со оние што му „забија нож во грб“, а на ДУИ да им ја објасни на своите гласачи „обновената љубов“ со оние што се против Преспанскиот договор, законот за јазици и кои се немаат ослободено од својата етноцентрична реторика.

Секако, ниту една предизборна математика не излегува точна на изборниот пазар, ама, сепак, се чини дека со овој, навидум, едноставен предизборен коалиционен чекор, и СДСМ и Беса изиграа маестрален потег за нивната политичка иднина. Но, она што е поважно е дека во случај на нивна победа, тоа речиси сигурно ќе значи и радикална промена на македонскиот политички пејзаж