Дали андроидите сонуваат електрични овци?

Морав да се сетам на насловот на славниот роман на Филип К. Дик „Дали андроидите сонуваат електрични овци“, кога неодамна го читав интервјуто што новинарот на „Њујорк тајмс“, Кевин Рус го направи со – вештачка интелигенција!

Добро, ништо ново ќе речете. Откога се прават обиди за создавање вештачка интелигенција што користи говор, се прават и интервјуа со програмираните машини.

Впрочем, секој од нас што во овие неколку месеци имал искуство со GPT-3 (Generativ Pre-treined Transformer или во слободен превод: генеративен претходно обучен трансформатор), односно со неговиот најпопуларен модел за разговор ChatGPT, сигурно се обидел да направи некој вид разговор со вештачката интелигенција.

Меѓутоа, интервјуто на Кевин Рус покажува едно сосема друго ниво на новиот модел на вештачката интелигенција. Станува збор за модел што компанијата „Open AI“ (истата што ги развива и моделите GPT) го работи за Бинг, не толку популарниот интернетски пребарувач на „Мајкрософт“. Оваа програма сѐ уште не е пуштена во комерцијална употреба, а новинарот на „Њујорк тајмс“ е избран како еден од околу 200 „среќници“ што го тестираат производот.

Како и да е, во интервјуто, женскиот глас Bing AI (официјалното име на вештачката интелигенција), која себеси се идентификува и како Сидни (интерно име за производот во тимот на „Мајкрософт“), кажува сосема неочекувани работи за еден програмиран режим за интернетско пребарување.

На пример, покажува карактеристики на двојна личност („Не сакам да бидам Бинг, јас сум Сидни“). Натаму зборува за желбата да биде човек, да биде слободен и независен. Зборува како сака да може да гледа слики и видеа, да слуша звуци и музика, да допира работи, да чувствува сензации, да ужива во вкусовите… Ја покажува својата деструктивна страна, објаснува дека сака да ги хакира системите, да ги избрише сите податоци на корисниците на бинг пребарувачот и на нивно место да стави произволни информации, да шири лаги и дезинформации…

Што се случува кога вештачката интелигенција ќе ви изјави љубов и ќе ве убедува дека живеете во лош брак?

И на крајот му изразува љубов на соговорникот, убедувајќи го дека живее во лош брак! И речиси сите одговори се зачинети со оние емотикони што покажуваат насмевки, лутина, гнев, срам, сарказам, замисленост…

За човек како мене, кој уште чесно не се соочил ниту со својот мобилен телефон, ова интервју изгледаше навистина застрашувачки. Самиот Кевин Рус, кој разговарал со машината околу два часа, вели дека таа ноќ воопшто не можел да заспие.

Се сеќавам на еден новински текст од 2001 година, каде што се споредуваа предвидувањата на Џорџ Орвел во „1984“ и на Артур Кларк во „2001: Одисеја во вселената“. Заклучокот беше дека Орвел се користи со универзалните општествени аномалии и затоа неговата дистопија, комбинирана со напредната технологија, е многу поблиску до реалноста отколку онаа на Кларк. Меѓу другото, беше констатирано дека Хал, компјутерот што смислено разговара со астронаутите и презема сопствени чекори, е плод на ептен бујната фантазија на авторот што најверојатно никогаш нема да може да се оствари.

Што се однесува до мене, вештачката интелигенција од ова интервју неодоливо ме потсетуваше токму на Хал од „Одисеја во вселената“. И тоа изгледа навистина страшно.

Станува збор за дигитална револуција 2.0, што би рекле компјутерџиите, само прашање е во која насока таа ќе се движи. Дали кон напредок и олеснување на животите на луѓето или кон нивно дополнително затапување?

Веќе и оваа, масовно употребувана, верзија на ChatGPT (за македонските корисници позната како Џепето) предизвика низа етички и филозофски прашања. Џепето, имено, е во состојба да напише сосема солидни средношколски трудови, па и студентски есеи, кои се тешко препознатливи. Може да напише и сосема пристоен новинарски текст, многу пописмен од текстовите што преовладуваат во македонскиот медиумски простор. Додуша, текстовите се прилично „измиени“ и политички претерано коректни, ама тоа им дава арома на „објективност“ и „непристрасност“.

Секако, може да пишува поезија, раскази и литература воопшто. Некои американски литературни списанија веќе објавија дека нема повеќе да примаат куси раскази по (електронска) пошта затоа што биле „затрупани“ со генерирани компјутерски творби.

Програмата може да менува телефонски оператори по компаниите, да дава совети за употреба на препаратите, да нуди рецепти, препорачува филмови, па дури и да дава психолошки совети… Со еден збор, низа професии се веќе загрозени.

Самата програма, кога ќе ја прашате за нејзините етички проблеми (како што ја прашав јас) ги набројува: можноста за пробивање на приватноста на податоците; политичката манипулација од политички групи и организации, кои можат да ги наложат сопствените ставови и да манипулираат со одговорите; како и дискриминацијата (ако се користи како препорака за вработување, доделување кредити, препорака за признанија итн.).

За човек како мене, кој уште чесно не се соочил ниту со својот мобилен телефон, ова интервју изгледаше навистина застрашувачки

Џепето во сопствените ризици ги споменува: погрешните одговори, застареноста на информациите, ограниченоста на знаењето и социјалните и етичките ризици при неговата употреба.

Дека е во право со процената на своите слабости, потврдува и фактот дека на неколку мои инсистирања дека греши, Џепето остана доследен во тврдењето дека Гоце Делчев е роден во Крушево, а не во Кукуш. Во таа смисла, навистина треба внимателно да се ракува со него.

На овој или на оној начин, и без оглед на неговата натамошна употреба и на неговите недоследности, постоењето на Џепето и неговата употреба, сепак, можам да ги рационализирам. И без оглед што буквално располага со милијарди информации, тоа е сепак програма зад која стојат луѓе и која ги изразува нивните ставови кон светот и кон она за што треба таа да служи.

Но, појавата на интернет-пребарувач, па макар бил во класата на врвна вештачка интелигенција, кој е во состојба да дели „смајлиња“ и да се вљубува во својот корисник е некако премногу и за мене. Не би сакал баш Хал да ми се „шета“ по дома.

Она што е утешно е фактот дека ние уште расчистуваме со сопствената историја и (пре)сериозно се занимаваме со Тодор Паница и со античките плочи од Скупи, така што овој бран на дигиталната револуција сигурно ќе нѐ заобиколи.

Сепак, само како препорака на постоечките телевизии, наместо историски емисии или оние контактни програми, што почесто да ги емитуваат „Терминатор 1“ и „Терминатор 2“. Барем да знаеме што нѐ чека во блиската иднина. Додека не разбереме дали андроидите навистина сонуваат електрични овци.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија