Демократијата го изгуби значењето во Македонија

Колумна на Ерван Фуере

Не е сосема јасно дали денешна Македонија се совпаѓа со дефиницијата за демократија, но очајот не е решение

Оксфордскиот речник ја дефинира демократијата како „систем во кој владеат сите луѓе, директно или преку претставници; општествена форма каде се игнорираат наследените класни разлики и се толерираат малцинските гледишта“.

Судејќи според последниве години, дефиницијатa нa владејачката ВМРО-ДПМНЕ е радикално различнa; тоа би било вака: систем кадешто владата ги контролира сите лостови на власта, вклучувајќи го судството и изборниот процес, не толерира никакви малцински или издвоени гледишта и користи страв и заплашување за да ја остварува својата власт над општеството.

Годинашниот предвремен парламентарен изборен процес е последниот пример на пристапот на владејачката партија кон демократија.

Според привремениот извештај на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, иако изборите беа „ефикасно спроведени“ и денот на изборите “мина мазно“, во извештајот се истакнува дека „подготовките (предизборието) не успеаја да ги исполнат важните заложби на ОБСЕ, вклучувајќи ги и тие за поделбата на државата и партијата, за обезбедување на ниво на полето за играње, за неутралност на медиумите, за точноста на Избирачкиот список и за можноста за добивање на помош преку ефективен систем на жалби “.

Сопствената проценка на Владата за „избори од скандинавски тип“ е во остар контраст, и уште еднаш покажува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ работи според свои правила. Всушност, од изборот на актуелниот премиер во 2006 година историјата на спроведување на избори во земјата е проблематична, со истите слабости во изборниот процес што се повторуваат, па дури и се влошуваат во секоја наредна прилика.

За разлика од извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во 2008 година кога имаше една жртва и неколку повредени во насилни инциденти, овој најнов извештај е најлош во историјата.

Со секои нови избори, политичката сцена постојано се влошуваше. Без оглед дали се работи за политичкиот дијалог меѓу политичките партии, кој речиси не постои, за застрашувањата насочени кон јавната администрација во земја која што има една од најмасивните администрации во регионот, за зголемените меѓуетнички тензии и растечка клима на нетолеранција во државата или пак за речиси целосната контрола на медиумите, што и обезбеди и најлоша позиција во целиот регион на Балканот кога станува збор за медиумските слободи, оценките на меѓународните организации едногласно посочуваат на сериозноста на ситуацијата во земјата.

Повеќето случаи за наводна вклученост на Владата во корупција кои излегоа на виделина се уште попроблематични за Влада која е избрана пред осум години, врз основа на силна анти-корупциска платформа.

Тврдењата на Владата за покренување на зголемени инвестиции, звучат шупливо во земјата, кога некои горделиво се покренати, со помпа, за да испаднат дека се со деловни партнери со сомнителни компетенции, додека нивото на невработеност, особено меѓу помладата генерација, останува неприфатливо високо.

Трагедијата е во тоа што, освен за оние кои се откажале и ја оставиле државата, поголемиот дел од граѓаните не се свесни за овие факти, заради владината контрола врз медиумите.

Но, ако дијагнозата е јасна – лекот многу помалку. Оние кои што се обидуваат да играат според правилата се предмет на малтретирање или уште полошо, понижувања и навреди.

Неодамнешниот малициозен напад на Владата врз Цивил, почитувана невладина организација која промовира човекови права и толеранција во општеството, е еден од многуте примери.

Малкуте независни новинари кои ги преживеаа застрашувањата и постојаните притисоци се принудени да ги објавуваат своите текстови на интернет-портали.

Опозицијата веќе најави дека не ги признава резултатите од овие последните избори. Тоа, исто така, имплицира на можен бојкот на новиот Парламент. Додека бојкотот никогаш не може да биде решение, може само да се сочувствува со оние кои очајуваат за некогаш да се вратат нормалните демократски стандарди, под сегашниот авторитарен режим.

Но, очајот никогаш не може да биде начин да се оди напред. Оние храбри поединци кои продолжуваат да се борат за враќање на основните демократски стандарди кои се очекуваат од секоја земја која се стреми да се приклучи на ЕУ мора да бидат поддржани. Новата Влада мора да биде уверена дека духот на компромис и ефективен консензус повеќе од било кога е од витално значење за доброто на иднината на земјата.

Меѓународната заедница, особено ЕУ, треба да даде до знаење јасно што очекува Владата да направи за да се смени моменталната ситуација. Таа, исто така, мора да ја зголеми практичната поддршка за граѓанското општество и независните медиуми, само за да се обезбеди поголема отчетност од Владата за своето однесување. Само на овој начин демократијата може да ја најде нејзината вистинска смисла уште еднаш во Македонија како и да се пјави нова генерација на политички сили.

Ерван Фуере е поранешен специјален претставник на ЕУ и шеф на Делегацијата во Македонија. Текстот е преземен од Balkan Insight