Дома си е дома

Ете, помрачувањето запре. Во момент коj ништо посебно не навестуваше, одеднаш светнаа рефлектори. За миг го растурија мракот со кои беа обвиткани нивните тајни намери. И додека се освестија, започна новата ера. На многу невообичаено место. На солунскиот ародром. Почна без Исус, со некаков безличен Христо (Атансов), со неговиот фалсификуван паспорт, и со куп кредитни картички во џебот, кои никако не одат во иста реченица со неговиот, и со испосничкиот изглед на придружникот.

Веднаш потоа уште посветло светнаа рефлекторите во Обвинителството. Но сеедно, ним им траеше мракот пред очите. Некои, едноставно не се подготвени за новата ера. Единственото нешто што им „светна“, е папагалски да ги отфрлат сите обвинувања.

Притоа, едно од поглупавите нешта што може да го каже разузнавач (уапсен во друга држава по меѓународна потерница, и во обид да употреби фалсификувана патна исправа) – е да побара да не биде екстрадиран дома, со образложение дека е жртва на политички прогон и дека се плаши за својот живот.

Секако, најголема глупост е кога тоа ќе го кажат Горан Грујевски и Никола Бошковски, пребегани за да избегнат судски процес за незаконско следење на комуникации на над 20.000 граѓани, за уништување на опрема и на документација што сведочи за кривичното дело и – некои други „дребулии“. За срамот да биде комплетен недостига уште да свиткаат харија и да побараат азил во Грција.

Какви ли разузнавачи биле, ако не знаат дека нема држава во Европа и светот која не слушнала за „бомбите“ во Македонија и за учинокот на овие двајца и на нивните службени и политички шефови. Слушнаа и во Грција, членка на ЕУ, на истата ЕУ која заради делата на овие и други новоерци од таков „демократски“ габарит, мораше да испрати експертска група за да ги идентификува клучните недостатоци во најзаначајните сфери на македонската заробена држава.

По посетата во пролетта 2015 година, во првиот Извештај на групата се констатира дека „причините за одолговлекувањето на расчистувањето со скандалот со незаконското прислушкување се во концентрацијата на моќта во УБК и во злоупотребата на механизмот за надзор над таа служба“.

Едно од поглупавите нешта што може да го каже разузнавач (уапсен во друга држава по меѓународна потерница, и во обид да употреби фалсификувана патна исправа) – е да побара да не биде екстрадиран дома, со образложение дека е жртва на политички прогон и дека се плаши за својот живот.

Грујевски до завчера максимално придонесуваше тој процес уште повеќе да се одолговлекува од негова страна. Претпладне беше „болен“ да одговори на поканите на надлежните (обвинителство, суд…), а попладне сосема здрав да следи натпревари меѓу маса луѓе, да се шета, да патува без трошка од некаков страв, каков што сега декларира пред грчките надлежни органи.

Кога беа ставени под лупа лекарските извештаи за него, и кога притворот потврден од сите судски инстанци стана неизбежен, тој реши да стане бегалец од правдата. Сега треба да се утврди како тој и неговиот колега стигнале во Грција, дали имале домашна логистика и чија, дали имале авио-билет за Будимпешта, и дали тој град им бил само попатна или крајна дестинација.

Од тој одговор ќе се знае поточно и за кои и какви „мигранти“ дотрча во Охрид „европеецот“ Виктор Орбан. И дали е точно, како што објави ТВ „24“ – дека Александар Василевски – Нинџа и Никола Митревски – Кољо (посочени од СДСМ како дел од организаторите на упадот во Собранието на 27-ми април), завчера биле вратени од српската гранична полиција при обидот од Република Бугарија да влезат во Република Србија на преминот Градина? Дали имале задача да ги пречекаат Грујевски и Бошковски во Будимпешта и им бидат логистика таму, или за заминување на друга дестинација?

Ако Србија, (која еднаш се изгоре поради фактот дека бивш шеф на македонската УБК неказнето и шеташе со пиштол по српски аеродроми, и уште посилно се изгоре од млечниот пат на Живаљевиќ до македонскиот парламент, прегазувајќи ја црвената дипломатска линија), ако таа Србија сега промислено дува и на „маќеницата“, јасно е дека тешко ќе се најде држава која би си дозволила да се инволвира во спорови со соседи или со која било друга држава заради лица под кривичен прогон за внатрешни скандали од највисок политички профил.

Нема „странство“ во кое овие двајца би биле побезбедни од дома. Групата на Прибе во Извешатајот констатира дека покрај кршење на основните права на незаконски прислушкуваните, сериозна повреда на законодавството за заштита на личните податоци, користење на незаконски прислушкуваниот материјал за уцени, изнудување, притисок за гласање, бизнис протекции и т.н., утврдено е и „прекршување на Конвенцијата за дипломатските односи од 1961 година (Виенската конвенција) имајќи предвид дека дипломатите истотака биле нелегално прислушувани“.

Која е таа држава што би прибрала прислушувачи на нејзини дипломати? Дури и под претпоставка дека имаат нешто да „продадат“, по одредено време и таму ќе станат баласт, потенцијални непријатни сведоци кои би можеле да ја искомпромитираат земјата домаќин, па неслучајно современата историја е полна со примери кога таквите персони ги „јаде мрак“.

Вакви стравувања беа врзани и за нивните имиња. Затоа, апсењето на Груевски и Бошковски е добра вест. Тие се живи и здрави за среќа на нивните семејства, но и за среќа на очекувањата на македонската јавност – низ фер судски процес да се докаже вистината за делата за кои се товарат. Тие можеби имаат многу причини да се плашат, но ниту една не треба да биде поврзана со безбедноста на нивниот живот. Сите имаат интерес и двајцата да бидат во добра кондиција и добро здравје за да бидат присутни на рочиштата.

Патем, ова ќе биде најмониториран судски процес во независна Македонија, и заради бројката на директно засегнати (над 20.000) домашни, но и странски лица, и заради интересот на два милиони граѓани кои исто така директно се засегнати со прашањето во каква надгледувана „слобода“ тонело општеството и граѓанските права.

Апсењето на Груевски и Бошковски е добра вест. Тие се живи и здрави за среќа на нивните семејства, но и за среќа на очекувањата на македонската јавност – низ фер судски процес да се докаже вистината за делата за кои се товарат.

Грујевски и Бошковски може да имаат причини да се плашат единствено од себе и својот минат труд. Тие знаат што работеле, како работеле, дали според закон или надвор од него, дали заскитале од законски утврдените коридори по некој друг, мрачен пат, дали тоа го направиле по лична инцијатива или нечиј налог, и чиј?

Ако одговорат на овие прашања во судскиот процес, повеќе нема да имаат причина да се плашат ни од себе, ни од нивните исто така обвинети шефови. Но, локацијата што ја беа избрале за нивно скривалиште, како и тајмингот за нејзино напуштање, јасно говори дека тие се уште се заробеници на нивните шефови.

А тоа се истите шефови што еднаш веќе насанкаа многу луѓе, мотивирајќи ги да го изразат „народниот гнев“ во парламентот, за потоа „најостро да го осудат тоа насилство и да бараат казна за него“. И сето тоа меѓу два залака „захер торта“ во дневната соба на Kарл фон Хабзбург.

Тоа се истите тие шефови кои на Грујевски и Бошковски им наложиле да чмаат „во близина“, доведувајќи ги во заблуда дека на изборите ќе има голем пресврт, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата прво во локалната, а потоа и во централната власт. Бидејќи тоа не се случи, двајцата добија налог да се оддалечат, а партијата почна да бара амнестија на насилниците од 27-ми април.

Кога со тоа нарачателот се соголува до коска, прашањето е – што е потешко: притворот или слободата? Особено, кога „народот“ ќе дојде да те праша зошто си го лажел и манипулирал на најлош можен начин, а првиот абер за разочараноста ќе ти го прати на избори.

Така што, слободата за некои може да биде најтешка самица, а за некои притворот да биде и „слободно одделение“. Се прашувам, ако некогаш маскирани во мракот поминале покрај Беаскуле (Белата кула) дали се запрашале зошто тој некогашен затвор бил изграден токму на брегот на морето. Нема поголема казна да ги слушаш морските бранови, звукот на галебите, да ги наѕираш зраците што го опсипуваат тоа синило идентично на небесното – и да бидеш во келија. И нема поголема слобода ако се соочиш со морето (од луѓе) и признаеш што си правел. Се друго е имитација на слободата – лажно чувство на слобода во тесната кожа на вистинското ропство.