Дозволено само за патентирани демократи!

Нема критична акумулација на незадоволството, бидејќи неговиот удар врз системот е децентриран. Се мотивираат исклучиво партиски пресметки, за да можат да се маргинализираат студентските, социјалните, земјоделските…

По нивните зборови, ќе препознаете што сакале да премолчат! На овој афоризам ме потсети изјавата со која премиерот Груевски се обиде да ги разубеди студентите од намерата да протестираат.

„Овие студенти што сега протестираат и да сакаат не можат да бидат опфатени со државниот испит, затоа што тие започнале со студии во друго време кога ваков закон не постоел. Ова ќе важи за оние што ќе се запишат откако законот ќе стапи во сила. Затоа не знам зошто протестираат.“

Ова е школски пример за тоа како се гради (не)одговорно, (не)поврзано и (не)инклузивно општество. Дали истите „принципи“ важат и во Владата? Ако се случи проблем во ресор раководен од министер на ДУИ, значи премиерот нема да реагира, бидејќи тоа ќе го смета за проблем што го засега само Ахмети. Или кога ќе се случи трикратно убиство во Злетово, тоа веројатно не треба да засега никого, освен најблиските роднини на жртвите! Ете, токму вака се гради затворено општество, во кое на никој за никого не треба да му биде гајле, бидејќи кога сѐ е поделено, атомизирано и фрагментирано, тогаш најдобро може да се владее без одговорност за преземените политики. За нешто што се нарекува трансгенерациска одговорност, воопшто и да не правиме муабет.

Но, оваа премиерска изјава е најдиректно признание за начинот на кој во изминатите години е убиван каков било знак на отпор или несогласување со одредени владини потези. Дури и кога само десетина луѓе излегуваа на протест, една целосно незаканувачка бројка за режимот, некој секако остануваше заокружен со црвено и „испружен“ на насловни страници со обвинување дека не припаѓа таму, дека е уфрлен од опозицијата или дека е активист од невладиниот сектор. И што да се прави сега, кога стотици и стотици студенти излегуваат на улица? Врз вербата во премиерскиот збор кој треба да биде прифатен како врвен trademark на преродбеничата стратегија, студентите треба да се вратат дома и да не берат гајле за државниот испит кој не ги чека нив, туку сегашните средношколци. А кој е ставот на Владата? Уште не знаеме што сакаме (односно каков ќе биде државниот испит), ама знаеме што не сакаме (протести).

Протестите во Македонија одамна се ничие право. Посебно во држава каде на секој протест власта експресно одговара со контрапротест, а на изјава и текст – со оркестрирана медиумска хајка против авторот. Поинаквото мислење не се доживува како предизвик за дебата, туку како непријателски акт насочен кон матрицата врз која се темели актуелната политичка тврдина. Сѐ што има имплицитно критичка смисла во односот кон владејачкиот политички говор, мора да биде сосечено во корен за да се уништи и најмал потенцијал за некаков пресврт. Дури е политички некоректно и да се згрозуваме над перманентната политичка пресија врз правото на протест, бидејќи таа доаѓа од професионални pressure makers, кои спектакуларно победуваат на парламентарни избори. Тие добро знаат дека на демократијата ѝ се потребни елементи нa конфронтативна политика, а не политикантски тензии. Но, се потпираат исклучиво на второто.

Презирајќи ги протестите како форма на јавно градење граѓанска свест, а свесни дека протестите беа некогашен заштитен знак на сегашната владејачка партија, се обидуваат да остават впечаток дека не ја гушат слободата туку дека настојуваат да ја осериозат, да обезбедат место, време и формат каде што може да се разговара за спорните теми. Таа „осериозена слобода“ е иста како и слободата на стадо во чие трло е пуштен волк. Инсистирањето на модел на облигаторно однесување, според кој, секоја потенцијална група со намера за протест треба веднаш да се откаже од таа намера, доброволно или под мека, суптилна принуда, укажува и на многу опасен тренд за приватизирање или целосно национализирање на јавниот простор, во кој не ќе смее да се движи никој друг, освен патентираните демократи на власта. Тоа на најгруб начин се потврди и во кампусот на УКИМ, каде што на јавен простор на новинарка на „Ал џезира“ не ѝ беше дозволено да сними разговор со студентите. Не е потребно да се докажува дека е тоа класична патерналистичка позиција, во некоја мерка дури и месијанска. Значи, само власта знае и олдлучува што е најдобро за граѓаните, а сите кои учествуваат во протестот, го поддржуваат или не го критикуваат, се на другата страна како противници, непријатели и „материјал на кој треба да се работи“.

Затоа и студентите немаат доверба во форумската демократија на преродбата. Со години гледаат дека се бара дебата за образованието, за правата, за правната држава, но никогаш нема дебата за постулатите. Кога се расправа само за процедури, а некогаш дури ни за тоа, на дело функционира „демократија“ без граѓани и без алтернатива. Правото на став и на слободата на изразување – се аксиома. Засега само студентите го актуелизираат тоа. Многумина прашуваат – зошто се осамени? Затоа што нивните родители се зафатени со барање работа. Затоа што левицата по бојкотот на институциите е зафатена со стратегијата да докаже зошто изборите во Македонија секогаш завршуваат како трка со еден коњ. Затоа што интелектуалците размислуваат зошто и покрај очигледната кумулација на ризик, нема кумулација на социјален бунт.

Нема критична акумулација на незадоволството, бидејќи неговиот удар врз системот е децентриран. Се мотивираат исклучиво партиски пресметки, за да можат да се маргинализираат студентските, социјалните, земјоделските… Така незадоволството не станува згуснато и организирано, туку дифузно разлеано во мноштво конфликати кои не го погодуваат јадрото на системот. Власта е задоволна. Моделот изгледа шашаво, ама добро ѝ функционираше. Барем досега.