Државата, па тоа можам да бидам и јас!

Колумна на Владо Апостолов

Сега немаме снимки, ама кој ни гарантира дека она „Ало, Миле!“ преку ноќ не се сменило во „Ало, Оливер!“? | Фото: Flickr

Во си-вито на Рајхнард Прибе пишува дека студирал право во Хамбург и во Фрајбург, станал судија во Штутгарт, а потоа влегол во Европската комисија и работел сѐ и сешто и се надградувал, ама никаде во неговата работна биографија не станува збор дека има гатачки способности.

Арно ама, она за што Прибе пророчки предупреди пред некој ден, почна полека да се остварува.

Тој рече дека треба да се внимава, а несомнено мислеше на новата власт, „грешките од минатото да не се повторуваат и една форма на заробена држава, не смее да се замени со друга“. Понатаму посоветува дека „некои потези кои ќе се изведуваат во блиска иднина, несомнено ќе бидат тест во таа насока“.

И навистина, многу бргу тестот пристигна, а новата власт, како тргнала, ќе се струполи на првиот испит.

Една од главните забелешки токму на СДСМ и на Заев за претходната власт беше узурпацијата на целиот општествен процес, кој популарно се нарекува спојување на партијата со државата, по добро познатиот принцип „Државата, тоа сум јас!“.

За тоа пишуваа и говореа и претставниците на многу меѓународни организации.

И тоа не беа млаки примери на партиска окупација, ВМРО-ДПМНЕ силно ја јаваше државата во партиската трка, па, не само што користеше државни простории и ресурси, ви текнува на МВРО-ВМРО и на „Ало, Миле!“, туку и масовно ги злоупотребуваше институциите пред изборите, најмногу репресивните апарати како МВР, обвинителството, па дури и онаа несреќа од институција наречена Антикорупциска комисија.

Впрочем, се изнаслушавме за сето тоа во „бомбите“.

А што имаме сега? На неколку дена пред кампањата за локалните избори почнаа да фрчат кривични против градоначалниците од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Не навлегувам во оправданоста на тие пријави, тоа допрва ќе го видиме, ама како тоа баш пред локални избори МВР почна да го откопува наводниот криминал на градоначалниците од Велес, Неготино и од Штип? Ако не се лажам и во „бомбите“, а Бога ми и по медиумите, имаше сомнежи за далеку поголеми неправилности од оние коишто, ете пред избори, ѝ текнало на полицијата да ги истражи.

Сега немаме снимки, ама кој ни гарантира дека она „Ало, Миле!“ преку ноќ не се сменило во „Ало, Оливер!“?

А дека „дечките“ од СДСМ не се зезаат и решиле да биде „сјаши Курто, да се качи Мурто“ покажуваат и фотосесиите на нивниот кандидат за градоначалник во Аеродром, Златко Марин, кој за неколку дена прошета и се сликаше во кабинетите на министрите Мила Царовска, Кире Наумов и Рената Дескоска, промовирајќи не знам што.

Не дека Царовска и Наумов не знаат оти тоа не е во ред, јасно им е, ама не верував дека тоа може да го направи професорката од Правниот факултет на привремена работа во Министерството за образование, Рената Дескоска.

Заев вети оти ќе забранел да се користат државни ресурси за време на изборите, нели нема автомобили и партиски прошетки во работно време, ама за волја на вистината не рече оти ќе го заузда МВР и дека ќе ги обучи министрите кога и како се прават селфија.

Затоа, прашањето е: дали длабоко во себе, помеѓу едно ракување и едно фотографирање со Доналд Трамп, си помислил дека, еј, „Државата, па, тоа можам да бидам и јас!“?