Два „аспирина“ за акумулаторот на Иванов

Иванов не смееше со свој потпис да легализира закон кој ќе ја збрише универзитетската автономија. А кога веќе го направи тоа, нека има храброст јавно да признае дека највисокиот правен акт и натаму ќе биде супституиран со правен волунтаризам, кој се раководи од правилото дека прашањето на Уставот е прашање на политичка моќ: кој ја има моќта, тој го „држи“, „чита“ и „толкува“ Уставот!

Не ме изненади веста дека на 39-годишна пациентка при операција на тумор на дебелото црево, по грешка анусот ѝ бил зашиен со половиот орган. Тоа е сосема очекуван резултат од надалеку прочуените реформски експерименти во македонското здравство, со кои дури и министерот-правник од видео-клипчиња учи да оперира, додека лекарите понизно и молчешкум ги набљудуваат неговите месечарења низ ресорот.

Велам, не ме изненади, бидејќи ние имаме и подрастичен пример од тој. Имено, шеста година по ред, устата на претседателот Иванов е сошиена за телефонската линија од Владата, позната под тривијалното име „црвен телефон“. Затоа и Иванов досега не го чувме да каже свои ставови, туку само пренесува владини. „Изгледа шашаво, но функционира“, би рекол претседателот. Но, разликата помеѓу Иванов и спомнатата пациентка – е огромна. Таа не барала таква погубна интервенција, а Иванов сам си донел конци за да го сошијат.

Ние навистина очекувавме претседателот на државата да биде „сошиен“, но исклучиво за Уставот, а не да ги скине конците со него. Ако Уставот ја гаранитира универзитетската автономија, Иванов не смееше со свој потпис да легализира закон кој ќе ја збрише таа автономија. А кога веќе го направи тоа, нека има храброст јавно да признае дека највисокиот правен акт (пред кој даде заклетва за првиот и вториот мандат), и натаму ќе биде супституиран со правен волунтаризам, кој се раководи од правилото дека прашањето на Уставот е прашање на политичка моќ: кој ја има моќта, тој го „држи“, „чита“ и „толкува“ Уставот!

Ако некои права и слободи се гарантирани во Уставот и ако се неопходни за експлицитно ограничување на политичката власт, според таканаречниот принцип на ограничена Влада, тогаш може ли Иванов толку неодговорно да си поигрува со таа текстуална основа за она што се нарекува владеење на правото? Велам „текстуална основа“, бидејќи тоа што го има во нашиот Устав (во „излогот“) го нема во „продавницата“ (практиката), а владеењето на правото се потврдува токму во политичката практика.

Државите во кои правата и слободите ефективно се почитуваат и во кои власта не ги поминува границите што ѝ се пропишани, се нарекуваат уставни демократии. Професорот по право, Ѓорге Иванов, сега треба да одговори какви последици врз уставната демократија ќе предизвика потписот на претседателот Ѓорге Иванов врз законот за високото образование. Дали во научните списанија од базата на Web of Science ќе мора да читаме каков е импакт-факторот од тој претседателски потег врз владеењето на правото или тоа ќе може да се види и со „голо око“?

Што ли ги учел Иванов студентите досега? Ако денес треба да одржи предавање, дали ќе може со чиста државничка и професорска совест да каже дека еден државник мора да ги штити и почитува правата и слободите загаранирани во Уставот, да им гарантира правна сигурност на граѓаните и да ги третира еднакво. Дали ќе „признае“ дека врз основа на Уставот, ние имаме право да бараме од власта да ни демонстрира на кој начин, кој било нејзин акт е во служба на правата и слободите, бидејќи тоа е основен критериум за она што се нарекува легитимност на власта. Доказ дека власта исправно го чита Уставот ќе добиеме ако таа вршејќи ги своите функции не ги премине границите запишани во него и ако секој нејзин акт се рефлектира како инструмент за заштита на загарантираните права и слободи.

Имаме ли денес таков доказ? Немаме. Затоа дојде ред, на претседателот, премиерот, Владата и на пратениците, студентите да им држат држат час по право и државништво! И ќе го одржат многу подобро и постручно, бидејќи властите се откажаа од стандардите на правната држава, а претседателот се откажа и од тоа, и од професурата во име на дресурата. Овие млади не прифаќаат да бидат „дресирани“ на понизност и партиска подобност. Не ја прифаќаат ни „конституционализацијата на стравот“, која претседателот толку лесно ја прифати, и, се разбира, максимално ја примени на експлицитен начин, типичен за земји кои сѐ уште не раскрстиле со авторитарна власт.

Токму деновиве, пред да падне претседателскиот потпис на законот, налетав на еден совет за возачи, кој ми влеа некаква надеж во можен, поинаков епилог. Вели: „Ако сте заборавиле да ги исклучите светлата или некој друг потрошувач во автомобилот, па акумулаторот ви се испразнил, верувале или не – решението се крие во аспирин! Се разбира, ако во моментот го имате. Решението е едноставно. Доволно е во акумулаторот да уфрлите два аспирина. Аспиринот содржи ацетисалицилна киселина која ќе реагира со сулфурната киселина во акумулаторот и тој ќе произведе уште еден, последен набој“.

Ми се виде ова како некаква „формула“ за спас. Може ли два аспирина да произведат искра во испразнетиот акумулатор на претседателот? Се разбира, не помислив на вистински аспирин туку на други две таблети со есенцијален концентрат – личен интегритет и почитување на правото. За жал, уште еднаш се потврди дека во клучниот момент претседателот „при рака“ го немал ни едното, ни другото. И овојпат се реши да запали „на туркање“.