Некои ај-ти експерти тврдат дека доколку Јанко Бачев успеат да го претворат во Андроид апликација, тој би станал е-Бачев. Јас сум скептик дека овој Андроид на македонската политичка сцена е апликативен за каков било оперативен систем, дури е залудно потрошена РАМ-меморија и за оперативниот систем на руското разузнавање, но тоа не значи дека како вирус-тројанец е сосема безопасен.

Имено, е-Бачев не може сам по себе да го сјебе македонизмот, но овој Тарас Буљба на македонската политичка сцена ќе продолжи да тарашка сè додека има макар и една најмала шанса во оперативниот систем на Македонецот да се измешаат сесловенските и античките фајлови.

е-Бачев и неговата солзопресушителна ебачка фаланга е, сепак, поголем предизвик за ВМРО-ДПМНЕ отколку за државата. Оваа некогашна партија, веќе подолго време пререгистрирана како злосторничко здружение и руски офшор во земјава, е пред сериозно распетие. Од една страна влече струјата која смета дека треба да останат дел од Европските народни партии, макар и како Орбанов приврзок, а од друга страна е надојдениот тихи Дон, кој доживува мултиплекс оргазам од јавните настапи на Влахов Мицов.

Мицковски или Мицов, тоа е единствениот референдум пред кој е исправен денешниот вмрон, но зошто таа внатрешна агонија на организацијата да ја претвораме во внатрешна агонија на општеството

Не знам која струја е посилна. Знам само дека ние не треба да им се мешаме во изборот, нека срцето им го покаже патот. Мицковски или Мицов, тоа е единствениот референдум пред кој е исправен денешниот вмрон, но зошто таа внатрешна агонија на организацијата да ја претвораме во внатрешна агонија на општеството. Кој пат и да го фатат, Македонија може само да добие. А нема да загуби ниту светот. ЕПП сигурно нема да пропадне без ВМРО-ДПМНЕ, а и Русија сигурно нема да пропадне ако Влахов Мицов не успее да привлече повеќе од дваесет души на својот сесловенски просветителски пат.

Изборот на Мицковски да не ги поддржи протестите од улица, а Груевски да делува исклучиво преку својот Фејсбук-профил, е јасен сигнал дека и двајцата се решени не само да излезат на референдумот за името и да гласаат, туку и тоа да го направат во недела, а не во сабота. Можеби Груевски некогаш тргувал со името, како што слушнавме во бомбите и како што слушаме сега од Заев за необјавените бомби, но веќе подолго време, единствената работа која е предмет на трговски интерес на Никола е неговата слобода. Ни име, ни презиме, само Идризово го интересира.

Мицковски, во таа смисла, не настапува во македонската политика ниту како лидер на партија ниту како дилер на национални интереси, туку само како адвокат на фамилијата. Влаховистите-мицовисти, оттука, само му ги мрсат сметките. Затоа и ги набрка од канцеларија кога побараа од него да излезе лично на протестите, тоа белки ви е јасно.

Во оваа внатрешна игранка на злосторничкото здружение, најинтересно ќе биде како на распетието ќе се позиционира вршителот на должноста сопруг на првата дама, господинот Хорхе

Референдумот не е за ново име, туку за наш опстанок како држава и затоа мора да успее. Но, колку и да ви звучи контрадикторно со тоа што излегува од нивните усти и Фејсбук-профили, свеќа в црква да успее палат и Груевски и Мицковски. Не затоа што се загрижени за иднината на Македонија, не затоа што им е смачено од ФИРОМ и од блокади, не затоа што ни е загарантиран идентитетот… Ништо од тоа не ги интересира, ги интересира само дали Северна Македонија нуди излез од северното крило на Идризово.

Во оваа внатрешна игранка на злосторничкото здружение, најинтересно ќе биде како на распетието ќе се позиционира вршителот на должноста сопруг на првата дама, господинот Хорхе. Овој лик си има свое внатрешно распетие – дали да се закова сам на крстот на путинославството со антички корени некаде во близината на Паљурци и братучеди Хунзи од падините на Хималаите или да остане верен на интересите на братучедите од падините на Водно.

Јас никогаш не би ја исклучил можноста, тој до крај да се обидува да биде и античкословенски воин на коњ и самар кој ќе го изеде ќотекот наместо магарето. Со други зборови, можно е тој, истовремено, и да ги потхранува протестите на тврдокорните со своите недоветни дејства, загосподарувајќи со херојскиот ореол на влаховистите-мицовисти од Жена-парк, но и да готви нови амнестии за своите вистински господари.

Единствената антивирус-програма ако Хорхе сериозно биде зафатен со е-Бачев синдромот е импичментот, но, искрено, не знам колку се реални можностите за толку големо окрупнување на парламентарното мнозинство.

Иако некои ај-ти експерти, истиве од почетокот на колумнава, ми велат „ај ти не се секирај, не е прашање дали може, туку колку ќе чини”. Не знам, не се разбирам во ај-ти.