Еднаш на 200 години пишувам ваква колумна

Колумна на Сашо Кокаланов
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Од Сократовото „Знам дека ништо не знам“ не поминаа ни две и пол скопски поплави (околу две и пол илјади години), а веќе човекот постигна значителен напредок и стаса до нова констатација – Знам дека сѐ знам… за земјотресите.

Македонскиот хомо сапиенс до ова сознание не дојде преку ноќ туку преку две ноќи – две будни ноќи поминати во истражување на природните феномени и на сеизмологијата сфатена како забава за широките народни маси и по долги часови поминати во проучување на статуси на Фејсбук и на Твитер.

Попрецизно, Антрополошката опсерваторија при Природнонаучниот музеј во Зоолошката градина во Скопје евидентираше 4 еволутивни фази на Македонецот во поглед на земјотресите.

Прва фаза: Олимписка. Се буди олимпиецот во Македонецот – открива дека може да прерипа во еден скок единаесет скали сосе комшиката на нив и дека разликата од седми кат до приземје е само неколку секунди. Усаин Болт веќе не му изгледа толку посебен и недостижен.

Исто така, открива дека не е паметно што поради суеверие пижамите ги носи наопаку. Ја става веб-тсраницата на ЕМСЦ за хоумпејџ на компјутерот. Со Рихтер веќе е на ти. Ја разбира формулата за пресметка на моменталната магнитуда: Мw=2/3log10(Mo)-10.7. Почнува да го пишува тестаментот.

Втора фаза: Когнитивна. Самостојно ја изведува формулата Мw=2/3log10(Mo)-10.7 на најмалку два начина и јасно прави разлика помеѓу моментална магнитуда и сеизмичка енергија (Es=Mo.10-4.8). Во оваа фаза почнува да се сомнева во основните научни постулати и се води од девизата дека сомнежот е почеток на секое научно откритие. Веќе си има и своја скала за мерење на јачина на земјотрес, попрецизна од тие на Рихтер и на Меркали и редовно ја споредува со скалата на соседот.

Ја сфаќа периодиката на нештата. Засилено чита „Дневник“. Веќе го знае распоредот за секоја природна непогода – покрај периодичниот систем на елементите на Менделеев, на ѕидот ги има обесено и Периодичниот систем на поплави на Оливер Ромевски и Периодичниот систем на земјотреси на Дарко Јаневски. Тестаментот му е веќе заверен на нотар. Во него, од суеверни причини, не е наведен недвижниот имот.

Трета фаза: Фраерска. Во оваа фаза се однесува како Јапонец во Сан Франциско. Сѐ знае за земјотресите. На сеизмолозите веќе ништо не им верува, нема што тие да паламудат за потреси: на глас ги пцуе кога ќе му се појават на малите екрани. Не постои друга скала, освен неговата. Таа на соседот е одамна математички побиена, Рихтер му е само за муабет со сеизмички полуписмени.

Во оваа фаза, на невкусните шеги од битолчани на сметка на трусноста на Скопје враќа мангупски со „Ај, па и на ваша глава“. Неколку пати во денот си ја потпевнува химната на Стевчо „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“.

Ги знае тајните спреги на Илуминатите, Џеки Кенеди, Евреите, Букурешкиот договор од 1913, спуштањето на „Аполо“ на Месечината, Мајка Тереза и земјотресите во светот и во регионот. Знае со приближна точност да одреди време и јачина на следен земјотрес.

Толку е кул што без четири Рихтери не ни помислува да скокне од балкон, а за потреси помали од три степени не презема речиси ништо, освен некои редовни ситници – вади бушони од електрична табла, полни вода за 14 дена под урнатини, води љубов со брачниот партнер за последен пат, бегло фрла поглед на проектот од зградата чисто онака, да види како се распоредени носечките столбови.

Четврта фаза: Манијакално-депресивна… Веќе не ги третира земјотресите како нешто надвор од кругот на семејството туку како свои блиски и почнува разговор со нив. „До кога ќе тресеш?“, „Ајде престани!“, „Или мавај, или да кречиме“ и слични директни обраќања како мантра излегуваат од неговите трепетливи усни.

На најмало вибрирање на телефонот се оди под маса и таму се продолжува интимниот разговор со земјотресот. Дома е главно тивко, а ако сепак некој земе збор, се зборува или со Него или за Него.

На најмало вибрирање на телефонот се оди под маса и таму се продолжува интимниот разговор со земјотресот. Дома е главно тивко, а ако сепак некој земе збор, се зборува или со Него или за Него.

Во тестаментот се извршени промени – внесен е и недвижниот имот, но целиот му е препишан на Земјотресот, со кого Македонецот чувствува неизлечлива блискост и ороденост.

Се разбира, не ги преминуваат сите фазите едновремено, па може некој да е понапред, а некој поназад со материјалот.

– Комшике, како го осети тој ноќеска? – прашува Тодор од трети.

– Ќути, тој ноќеска беше јак, да беше подолг, ќе умрев – одговара Митра од четврти.

– Сѐ е ова масло на Американците. Ама ако, ќе им се врати – колне Дафинка од приземје.

– Какви Американци, бе, ќе видите Трамп ако победи како ќе дрма – вели Тодор.

Сите наеднаш се замолчуваат. Поминува Ставре со „Дневник“ под пазувите.

– Пак за земјотресот ломотите – им свикува, а овие виновно ги наведнуваат главите. – Ај по дома сите, следниот ќе е тек 2047, шес’ степена.

Станарите полека се прибираат секој дома. На влегување Дафинка со шепот ѝ вели на Митра:

– Ставре и за поплавата викаше 2018, па видиш две години подрани. Какво време дојде, ништо не треба да се зема здраво за готово, дури ни „Дневник“.

На ваквиот Македонец, прониклив и нелековерен мудрец, му се спротивставува еден контраст. Еден послушен, наивен, питом, кроток Македонец кој без да каже ниту збор ќе си го земе детето назад од градинка или од училиште, затоа што таму не знаат што да прават со него ако удри земјотрес.

Неодамна, ова е вистинита приказна, еден 30-годишен Кинез замина на патување низ Европа. Ранецот на грб, па во авантуристичка прошетка низ Стариот континент. И сѐ ќе изгледаше токму како на рекламите, ако во Хајделберг, Германија, не забележеше дека му го нема паричникот. Па наместо во полиција, не влезеше кражбата да ја пријави во општината.

Кинезов го зборува само мајчиниот кинески, па онака про форма го пополнува формуларот што му го даваат. За кратко време, му е одобрен статус на бегалец, одземен му е пасошот, а доделени легитимација за бегалци, храна и џепарлак. Однесен е во бегалскиот камп. Дури по неколку дена, поради очигледните надворешни разлики, еден припадник на Црвен крст ќе се посомнева дека Кинезов можеби не е сириски бегалец.

Случајот е решен, пасошот му е вратен, а кога во полиција го прашале зошто сето време молчел и дозволил да го третираат како бегалец, само одговорил дека почитува авторитети, а особено државни.

Знаеме сѐ за земјотресите, светските заговори, ХАРП и НЛО, но не знаеме дека децата треба да ни се најбезбедни токму во градинка и на училиште и дека не смеат да ни ги враќаат ако нема безбедносен ризик поврзан со оштетувања на објектот.

Овој Кинез ми е сликата за нас, Македонците. Знаеме сѐ за земјотресите, светските заговори, ХАРП и НЛО, но не знаеме дека децата треба да ни се најбезбедни токму во градинка и на училиште и дека не смеат да ни ги враќаат ако нема безбедносен ризик поврзан со оштетувања на објектот. Нас, бе, ако нѐ стават во погрешен вагон за бегалци наместо за туристи, наместо да се побуниме и да побараме да се симнеме од вагонот, возејќи се ќе дискутираме колку коњски сили е моторот, дали е дизел и дали Хилари Клинтон преку НСА го следи овој наш разговор.

Една од добрите работи во време на земјотреси е што можеш слободно да свртиш кај Перо  во два по полноќ за да му раскажеш некој виц без да се грижиш дека ќе го прекинеш во гледање на репризата на „Јанко јади бурек“. Му ѕвонам јас така во ниедно време, се извинувам најкултурно ако прекинувам седница на куќен совет, а Перо уште покултурно ме замолува да побрзам со вицот, зашто пред зграда штотуку добиле дојава за нов земјотрес во следните тринаесет минути.

Штом е таква работата, не губам време.

– Слушај, Перо. Евакуиран е градов поради земјотреси, само во Министерството за труд и социјала гори светло во две канцеларии. Фросина Ременски и Диме Спасов си праќаат контрасоопштенија. Веќе не се знае кој го лупнал првото и за што било, сега си маваат афтершокови. На одење, доцна во ноќта, ете ги во лифтот заедно. И белја работа, баш тогаш здрмало, зградата лом, ама среќа во несреќа – лифтот да ти се најде во триаголник на животот и ете ги Фросина Ременски и Диме Спасов живи-здрави, ама заглавени во лифт среде урнатини. Црна темница, прав на сите страни, мртва тишина, а тие некако останати без муабет по цел ден препукувања. Молчеле, молчеле така некое време, а потоа мразот го скршил Диме: Да пуштам клима?

Не велам дека тектонските плочи во главата на Македонецот се изместени, но известувањата изминативе неколку дена се да се потресеш. Да ти биде насловна вест дека лавовите ноќта ја поминале мирно, а мајмуните биле највознемирани е, во најмала рака мајмунска работа и е доста вознемирувачко поместување на текстонските плочи во главата на Македонецот и индикација дека го губиме (епи)центарот за ориентација.

П.С.

Пресметав и самиот (и јас сум во напредна еволутивна фаза) дека дури и да ги преживеам поплавиве и земјотресите во Скопје, шансите пак да ја напишам истава колумна во следниве двесте години се рамни на нула. Значи, ова е редок историски феномен, читате колумна која во ваков облик се појавува еднаш на двесте години.