Фрлањето на коцката!

Коцката е фрлена! И тоа по вторпат. Кога и дали ќе биде фрлена и третпат, останува да се види.

„Коцката е фрлена“, во случајов е само евтина метафора за одлуката на владата да го измени Законот за игри на среќа и да ги отстрани, односно да ги затвори објектите на казината и спортските обложувалници што се наоѓаат во радиус од петстотини метри од зградите на основните и средните училишта.

Велиме дека коцката е по вторпат фрлена, затоа што оваа иницијатива постои околу половина деценија (од 2018), односно кога ДУИ предложи прилично слични измени, кои тогаш не ги поминаа филтрите на Собранието. Таа иницијатива се „распадна“ уште на самиот почеток затоа што првенствено не доби поддршка од СДСМ, а богами и од другите парламентарни партии, така што не ни стаса на собраниска расправа.

Не знам што се променило од тогаш до сега, за СДСМ да го смени мислењето? Всушност, не знам ни дали овој предлог и сега ќе се протурка низ собраниските процедури, иако зад него овојпат стои целата влада.

Не се проблем малолетниците што се обложуваат, туку токму – полнолетните! Тие се пример за своите деца и воопшто за помладите луѓе

СДСМ во тоа време тврдеше дека оддалеченоста на коцкарниците од училиштата не го решава проблемот. И, се разбира, се споменуваа околу 6.000 вработени во легалната комарџиска индустрија. И тогаш и сега со овие аргументи се служат и здруженијата на спортските обложувалници. Со таа разлика што денес се споменуваат дури десет илјади вработени, а Асоцијацијата на спортски обложувалници тврди дека уште 54.000 работни места се врзани за овој бизнис. Пресметано со бројот на членовите на семејствата излегува дека речиси секој петти човек во државава на некој начин е врзан за обложувачкиот бизнис.

Се разбира, во нивните аргументи стои и тоа дека, со оглед на урбанистичката поставеност на училиштата, на овој начин практично ќе се затворат најголемиот дел обложувалници и на тој начин ќе се создаде финансиски и социјален проблем во државата. Од друга страна ќе ги стимулира нелегалните обложувалници и коцкарници и од тоа државата ќе нема никаков ќар.

На сите им е познато дека во коцкарскиот бизнис се вртат големи пари. И дека обложувачкиот бизнис е на граница со сивата зона. Конечно помниме колку сѐ афери имаше околу местење натпревари во полза на обложувалниците или на некој што преку нив сакал нечесно да заработи големи пари.

Некои проценки велат дека по разни основи, обложувалниците во Македонија, на годишно ниво, во државниот и во локалните буџети уплаќаат над  250 милиони евра.

Дека станува збор за огромни средства покажува и публикацијата „200 најголеми и најуспешни“. Според нејзиното издание од септември 2022 година (податоците се за 2021 година), најголемиот обложувачки синџир во Македонија, фирмата „Спорт лајф трејд“ ДОО се наоѓа на 36-то место, со вкупен годишен приход од 5.094.646.792 денари.

Што значи тоа, можеби најдобро може да се разбере ако се каже дека според истата публикација „Пивара Скопје“ АД е на 40-то место, со приход од 4.960.645.240 денари, ПЗУ „Аџибадем Систина“ е на 43-то место (4.763.813.648 денари), а „Фершпед“ АД на 45-то место (4.604.265.047 денари).

Во таа смисла, ако ударот врз државниот буџет е толку голем, колку што сакаат да го прикажат обложувалниците, финансиските загуби што ќе ги претрпат „продавачите на среќа“ се многу поголеми. Имено, државата може да пронајде начин да си ги врати своите средства. На пример, на намалениот број обложувалници (кои на тој начин ќе имаат помала конкуренција, односно поголем промет) да им наметне повисоки цени на лиценците и поголеми даноци.

Тоа се дел од финансиските аспекти што провејуваат околу најавените измени на Законот за игри на среќа. Она што многу помалку се споменува, а се чини и дека не е ни во фокусот на размислувањата на политичките фактори се општествените реперкусии што со себе ги носи комарџискиот бизнис.

Коцката е фрлена. По вторпат. И таа ќе покаже до каде е спрегата меѓу политиката и коцкарското лоби? И колку се посилни финансиските интереси од здравиот разум?

Мое лично мислење е дека не се проблем малолетниците што се обложуваат, туку токму – полнолетните! Тие се пример за своите деца и воопшто за помладите луѓе. Ако го гледа детето, таткото како често оди во обложувалница, тогаш таа ќе биде пожелно место за посета. Или ако го гледа ученикот својот наставник како пополнува обложувачки тикет, зошто тогаш и тој самиот да не проба?

Во светот постојат сериозни истражувања, кои докажуваат дека коцкањето е една од најсериозните болести на зависност. На ниво на зависност од опојни наркотици. Зависноста од коцкање не е само индивидуален проблем. Впрочем, најмалку е индивидуален, а многу повеќе е проблем на општествената патологија. Коцкањето предизвикува различни видови криминал: измами, кражби, лихварство, па и насилство.

Колку што мене ми е познато, во Македонија не постојат центри за лекување ваков тип зависности, ниту, пак, им се посветува некакво општествено внимание, во смисла на превенција или одвикнување.

Но, затоа, ако нема советувалишта или установи за овој тип зависници, тогаш секако има казина и обложувалници на секој чекор. Речиси сите сајтови рекламираат обложувалници и паралелно со тоа брзи кредити. Спортистите, идолите на младите деца, ги рекламираат овие фирми. Ваму ќе ги изгубите парите и ќе се задолжите, а оттука ќе си земете кредит со еден клик на вашиот мобилен. И ќе станете должнички роб! Што би се рекло, општествено октроиран криминал.

Затоа и не стои толкувањето на Асоцијацијата на спортските обложувалници дека зад оваа одлука на владата стојат нечии интереси за поттикнување на сивата економија, односно на нелегалната коцка. Ако е тоа така, зошто тогаш да не го легализираме хероинот, на пример? Оваа споредба веројатно ќе ви звучи изнасилено, меѓутоа принципот е тој. Дури оваа одлука и да го поттикне нелегалниот бизнис, тогаш постојат органи чија должност е заштита на законскиот поредок.

Коцката е фрлена. По вторпат. И таа ќе покаже до каде е спрегата меѓу политиката и коцкарското лоби? И колку се посилни финансиските интереси од здравиот разум?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија