Гордост и предрасуда

„Од денес во Гана владее демократија и ќе ги стреламе сите педери“, вака некако, преку националното радио ѝ се обрати на нацијата поручникот Џери Ролингс, при изведувањето на еден од неговите бројни воени удари во оваа несреќна земја.

Не може човек да не се присети на оваа бизарна изјава, следејќи ги реакциите по социјалните мрежи по повод најавената Парада на гордоста што треба да се одржи во Скопје на 29 јуни. Познато е дека во Македонија, еве точно половина век по таканаречените Стоунволски протести, за првпат се организира ваква манифестација што треба да ги актуализира правата на ЛГБТ заедницата и да ги направи видливи нивните проблеми.

Станува збор, се разбира, за активизам против дискриминацијата, а дека е неопходен ваков вид протест говори токму речникот на дискриминација и говорот на омраза што деновиве се практикува против луѓето со поинаква сексуална ориентација.

Инаку, Стоунволските протести од крајот на јуни 1969 година се сметаат за пресвртен датум во борбата на геј-заедницата за своите права и оттогаш овие настани се одбележуваат ширум светот со таканаречените паради на гордоста.

Нема да влеземе длабоко во историјата (постои интернет и постојат низа текстови за Стоунволските немири), само ќе кажеме дека го носат името по барот „Стоунвол“ (Stonewall) во њујоршката четврт Гринич Вилиџ, каде што полицијата, во раните утрински часови на 28 јуни 1969 година применила, како што сега би се рекло, прекумерна физичка сила врз припадниците на геј-заедницата.

Веќе истиот ден, како и следните денови се случуваат серија протести, кои го означуваат почетокот на модерната борба за правата на ЛГБТ популацијата. Годинава, во Њујорк, овој настан се обележува целиот месец јуни, а кулминацијата се очекува на традиционалната Парада на гордоста, закажана за 30 јуни и во која се очекува да учествуваат над четири милиони луѓе.

Во нормално уредените и средените земји, Парадата на гордоста во суштина е празник на човековите права и има токму таков, параден, односно карневалски карактер, додека во земјите каде што правата на ЛГБТ популацијата не се признаени, парадите имаат стриктно активистички и протестен карактер.

Во таа смисла, речиси може да се извлече паралела меѓу Парадата на гордоста и прославата на 1 Мај или на 8 Март, на пример. Првомајските прослави, во суштина, се протести за видливост и признавање на работничките права. Во социјалистичките земји, каде што се смета дека работниците ги имаат сите права, овие прослави се сведени токму на паради и карневалски манифестации.

Македонија, за жал, спаѓа во оној ред земји каде што човековите права, не само што не се признаени, туку не се ни препознаени, што само се потврдува со фактот дека сме една од последните земји во регионот и во Европа што дури во последната година од втората деценија на дваесет и првиот век се обидува да ги отвори очите и да види дека постојат поинакви луѓе по својата сексуална ориентација и дека и тие луѓе (треба да) ги имаат истите права, како и секој друг човек.

На крајот на краиштата, деновиве често беше цитирана Општата декларација за човекови права на ООН, и тоа во контекст на одземањето на пратеничкиот мандат на бегалецот од правдата, Никола Груевски, па можеби не е на одмет и ние тука да споменеме дека првиот член на оваа Декларација вели дека сите луѓе по раѓање се слободни и еднакви во своето достоинство и своите права.

Јуни е месецот кога ќе го полагаме европскиот испит. И тоа нема да биде на никаков самит на земјите-членки на Европската Унија, туку токму на 29 јуни, датумот кога треба да докажеме не дека сме Европејци, и не дека сме лулка на цивилизациите, и не дека сме папокот на светот, туку дека сме луѓе со толеранција кон разликите

Меѓутоа, се чини дека Македонија, некако болно и тешко ја уважува Декларацијата. Или, поточно, ја користи како некакво ресторанско мени, одбирајќи ги оние делови што ѝ одговараат, а игнорирајќи го она што задира длабоко во нејзиниот конзервативизам и нејзината ортодоксност. Нешто слично како Гана на милитантниот поручник Џери Ролингс.

И најчесто слушаната теза: „Немам ништо против нив, ама нека не излегуваат на улица. Дома нека си прават што сакаат“, всушност е длабоко погрешна и опасно шовинистичка. Слична теза можеше да се слушне и при носењето на Законот за употреба на јазиците. Нешто како: „Дома нека зборуваат како сакаат, ама во јавна комуникација мораат да зборуваат македонски“. Ваквата опасна националистичка теза се базира врз неразбирањето дека Македонија не е супранационална држава, туку токму обратното – дека е мултинационална држава и дека правата никогаш не се отповеќе.

На крајот на краиштата, зошто некому би му се забранувало јавно да ја искажува својата определба или јавно да ја покаже својата љубов. Парадата, како и секоја парада, или протест, ако сакате, ќе се одвива по скопските улици, односно на градскиот јавен простор, а тој простор е јавен токму затоа што е слободен за движење, па и за протести за сите и за секого, без оглед на нивните политички сфаќања, национални, религиозни или какви било други, па и сексуални определби.

Јуни е месецот кога ќе го полагаме европскиот испит. И тоа нема да биде на никаков самит на земјите-членки на Европската Унија, туку токму на 29 јуни, датумот кога треба да докажеме не дека сме Европејци, и не дека сме лулка на цивилизациите, и не дека сме папокот на светот, туку дека сме луѓе со толеранција кон разликите. И дека знаеме да го почитуваме Инаквиот и другото.

Лично, воопшто не ги сфаќам несериозно јавните закани за физичко насилство врз нашите сограѓани, но, ете, се надевам дека ќе ги покажеме сопственото достоинство и сопствената гордост и гордо ќе маршираме со нашите пријатели.

И на крајот: хомосексуалец и глупав човек не се станува – таков се раѓа. Првото го потврдуваат припадниците и припадничките на ЛГБТ заедницата, а второто шареноликото друштво по социјалните мрежи, кое никако не може да сфати дека и инаквите имаат право на живот! Затоа, гордо Македонијо!