Еден бесчесник посакал да биде почитуван во локалната заедница, па барал начин како да го оствари тоа. Добронамерници го советувале да почне да прави чесни и корисни дела за заедницата, јавно да се покае и да се извини за сите претходни грешки. Но, тие, всушност, не ги разбрале неговите вистински намери. Тој воопшто не планирал да се промени и да стане чесен туку само да создаде таква слика за себе. Да се ребрендира. Најлесниот пат да си обезбеди таква перцепција, му се видела можноста да се слика со еден бискуп, кој важел за морална икона во поширокиот регион.
Најавувајќи желба да донира за црквата, успеал да договори средба со бискупот, но и да организира некој да го фотографира нивното ракување, со цел чинот да го овековечи и да го закачи на излогот од неговата бизнис-канцеларија. Но, таа фотографија побрзо се нашла во црковното списание, со куса легенда: „Уште едно чедо што го изгубило патот, но за жал не го бара, ниту нѐ увери дека сака да го најде. Сакаше многумина да ја видат оваа фотографија, и ние му го овозможуваме тоа. Не ја прифативме неговата донација, но прифаќаме да му помогнеме да се врати на вистинскиот пат, ако и тој истото го посака“.
На ваквиот епилог, ме потсети обидот на Груевски политички да се ребрендира на сличен начин. „Црквата“ што тој и неговите мегафони со години ја нарекуваат униполарна, империјална, лицемерна, стана место за неговата главна молитва пред изборите. Преку добро платени, моќни агенциски „опинион апостоли“, тој по втор пат годинава се понадева дека ќе успее да си обезбеди фотографија што ќе посведочи дека оттаму излегол политички „нов“: благословен, помилуван од раката на меѓународниот фактор, а со тоа исцелен од сите обвинувања, сомнежи и индиции за криминал, темелно издрениран од стравовите дека неговото време истекло, а на крајот и со доза политички ботокс која видливо му ги поткрева веѓите во гестикулација што навестува – се враќам во игра!
Нему му беше важно да се слика со некој политички моќен, колку повеќе, толку подобро за него. Сакаше да чепне дел од туѓата моќ или авторитет, за да си ги испроектира врз самиот себе и да испрати порака соодветна за врвен малограѓански менталитет: видете кој стои до мене!
Нему му беше важно да се слика со некој политички моќен, колку повеќе, толку подобро за него. Сакаше да чепне дел од туѓата моќ или авторитет, за да си ги испроектира врз самиот себе и да испрати порака соодветна за врвен малограѓански менталитет: видете кој стои до мене!
Но, од соопштението и фотографиите што ги дистрибуираше неговата партија, највисокото ниво до кое стигнал, сепак, биле „клисари“. И тоа е многу, ако се има предвид дека некои „конгресмени, сенатори и луѓе од јавниот и политичкиот живот на САД“, издржале Груевски да им беседи дека приоритет му е членството во НАТО.
Мора овие соговорници да биле од оние тотално неинформираните и да не слушнале за славните априлски протести на ГДОМ и ВМРО -ДПМНЕ, на кои главните пароли беа „НЕ во НАТО“, „НЕ во ЕУ“, „NATO- North Atlantic Terrorist Organization“ или „Вашите амбасадори се грди“…
Со такви дупки во знаењето, не е чудно што извесен конгресмен Кристофер Смит, според ДПМНЕ, изјавил дека „Македонија со сигурност ги исполнува критериумите за НАТО, со извонредното лидерство на Груевски. И дека е импресиониран од лидерството на Груевски, како човек што сака да ѝ донесе подобра иднина на државата, со добри резултати зад себе, посветен кон градење на демократско општество“.
Не знам дали лобистите плаќаат по искажан збор, реченица или за цел пасус, каде ги наоѓаат клиентите, како ги убедуваат… Но, настрана од тој бизнис, треба да се биде импресиониран од лидерството на Груевски. Не е мала работа некој десет години да опстои како слеп водач кој луѓето зад себе ги води кон бездна, а да им тврди дека ги води кон подобра иднина
Не знам дали лобистите плаќаат по искажан збор, реченица или за цел пасус, каде ги наоѓаат клиентите, како ги убедуваат… Но, настрана од тој бизнис, треба да се биде импресиониран од лидерството на Груевски. Не е мала работа некој десет години да опстои како слеп водач кој луѓето зад себе ги води кон бездна, а да им тврди дека ги води кон подобра иднина. Небаре ослепени Самоилови војници, тие се тетерават по калдрмата на преродбата полна со криминали и буџетски дупки, а секој стоти со право на едно око, им објаснува на ослепените колку е розов животот што не можат да го видат.
Можеби овој Кристофер дури сега ја открил Македонија, благодарение на упорните лобисти, па си помислил – штом некој троши толку пари и време за бош муабети и фотографирање, мора земјата од каде што доаѓа да е богата и успешна. Секој неинформиран би помислил така. Кога би знаел тој колкав мрак им паѓа на очи на даночните обврзници на Македонија од трошоците за вакви екскурзии, не сум сигурна какви изјави би дал.
Неодамна токму тие даночни обврзници беа искарани од министерот за здравство дека за дијагнозите конјунктивитис и настинка, наместо да се лекуваат кај матичен лекар, во 58.700 случаи непотребно биле упатени на специјалисти, за што државата платила 23.493.600 денари, сума која можела да биде искористена за попродуктивни цели. Се согласувам дека е глупост за тоа да се оди на специјалист. Ама нека важи за сите.
Еве Груевски отиде дури до САД за да го прошета неговиот конјунктивитис, кој вообичаено се манифестира со ефект на розови очи (pink eye). Па, посака и соговорниците низ неговите розови очи да го воспримат она што тој им го кажува за Македонија, односно за него, бидејќи државата е тој. Притоа во розовата слика од неговите средби инволвираше имиња, не заради нивната сегашна политичка позиција туку само за да се спомне дека некој од нив некогаш бил потсекретар на Хилари Клинтон.
Тој не се сретнал со Клинтонова, ама носен на крилјата на минатиот труд на нејзин соработник, исто како да се сретнал. Тој малограѓански менталитет во трчањето по ѕвезден прав во политиката и фаќање пердуви од туѓи политички биографии само за да се спаси нешто од она што останало од рејтингот, е тажна и очајна политичка постапка.
Сѐ додека малите политичари (мали според демократскиот формат, големи само според авторитарните тенденции) не разберат дека сами мора да ги произведат своите вредности, и да ги проверат и докажат прво пред домашната јавност, ќе бидат предмет на потсмев. А тоа што за нив, вака или онака, секогаш може да се најдат добри домаќини со малку слободно време, е само резултат на политичка култура која не пледира да му гледа во забите на гостин што сам се препорачал.