Гумени куршуми и парализатори за улични диктатори

Прифаќањето на разликите како легитимни ставови кои произлегуваат од различни општествени групи, мора да биде единствената легитимна „алтернатива“ на Владата, бидејќи со гумени куршуми може да се спречи инцидент, но не и ерупција на класна битка.

Политичкиот живот во Македонија одамна наликува на студена војна. Најголемите непријатели се исклучиво внатрешните. Маскирани во студенти, хонорарци, професори, синдикалци, стечајци, антибарок-архитекти… Сѐ што се случува се мери според тоа дали активноста ѝ конвенира на Владата или поточно, како ќе реагира премиерот Груевски?

Јавниот простор е зацементиран со политичка „логика“ дека секој што ќе каже и грам критика на сметка на политиките на власта мора да влече корени од другата страна – комуњарска и соросоидна. Власта со нескриена страст ја шири таа догма, и покрај укажувањата дека како власт носи најголема одговорност за длабоко поделената Македонија.

Сосема ми е јасно дека Владата во својот оператативен шаблон се води од резонот дека победата на избори и мнозинството што ја крепи таа победа ѝ дава легитимитет да спроведува одредена програма. Но, тоа не значи дека при таа определба треба да биде прегазена котата или црвената линија зад која тоа мнозинство се рефлектира и како социјално категоризирано граѓанство, кое бара дебата за прашања од негов интерес, во случаи кога не се согласува со владиниот курс.

Од една демократски декларирана Влада се очекува да ги алиментира таквите очекувања, а не да се води од погрешното сфаќање дека победата на избори е како победа по револуција: победникот зема се и нема што другите да мислат, да опонираат или да се дрзнат да укажат на евентуално, погрешен владин потег. Велам евентуален, бидејќи во комуникацискиот и во регистарот на владиниот/премиерски учинок, не постои ни помисла, а камоли можност за признание дека таа/тој може да згреши.

Зошто Владата мисли дека е безгрешна? Зошто е непропустлива за поинаков став? Јасно ми е дека моќта и супериорноста ја црпи од узурпацијата на институциите, од субвенционирањето на гласачката база со Павлов (гласачки) рефлекс за нивни егзистенцијални погодности, од економски и политички притисоци врз оние кои смета дека политички ги поразила, понижила и обезвреднила…

Но, она што не ми е јасно, е дали Груевски навистина верува дека протестите (на студентите, хонорарците, синдикалците…) се инструментализирани од опозицијата, или тоа го зборува само заради некаква дневна политичка конјуктура. Ако станува збор за втората варијанта, верувам дека сепак постои можност (иако минимална), да направи одредени суштински корекции на владините одлуки кои на улица го излеаја незадоволството на различни општествени групи.

Но, ако премиерот навистина верува дека опозицијата стои зад протестите, тогаш се соочува со опасноста неговата 2015 година да се претвори во она што за СДСМ беше 1998 година. Ако еден премиер не може или не сака да разбере дека граѓанското незадоволство е автентично и изворно, уште помалку ќе може да ги менаџира барањата што тоа граѓанство ги испорачува и да да ја процени неопходноста од промена на одредени владини одлуки во нивен интерес.

Киднапирањето на државата од пристапот на граѓаните до неа, односно до институционалните инструменти со кои треба да биде ефектуиран и нивниот интерес, а не само нивниот глас еднаш на четири години, не е чин кој ќе остане без одговор. Незадоволството од тој факт не води кон политичка, туку кон класна битка и таа може да стане единствен трејдмарк на веќе длабоко раслоеното македонско општество.

Со 30 отсто сиромаштија, 28 отсто невработеност и 19 отсто од население под линијата на сиромаштијата, достигнувањето до тој „трофеј“ и не е толку далеку. Раката во џебот на хонорарците само ќе го забрза патот до него. Кога има превирања во општеството, секогаш е на повидок ерупција. Искуствата во светот покажуваат дека оттуѓувањето на системот од општеството предизвикува пораст и на политичките фантазии на црниот пазар. Значи, штетата ќе биде повеќекратна.

Тоа треба добро да го знаат оние, кои во 2006 година дојдоа на власт врз крилјата на искрена, спонтана граѓанска волја, а во последниве години направија се да докажат колку денес им е неважна таа. Мнозинството им е важно на денот на избори, на за другите одлуки доволна им е и една третина. Тој двоен аршин, со кој барокно се фасадираат некои лукративни мотиви, на најилустративен начин го отсликува карактерот и моралот на власта.

И покрај тоа, не е доцна да се поправат крупните грешки. Прифаќањето на разликите како легитимни ставови кои произлегуваат од различни општествени групи, од нивните проблеми и интереси, денес мора да биде единствената легитимна „алтернатива“ на Владата. Попустливоста не значи пораз. Подготвеноста да се слушнат и други аргументи, а уште повеќе да се прифатат, е чин на врвна доблест.

Од таков модел на комуникација никој не може да излезе поразен. Добиваат сите. Во спротивно – губи само власта и покрај тоа што мисли дека добива со одлуки спроведени на сила. Граѓаните веќе нема толку лесно да ја даваат довербата некому ако таа не е двонасочна. Нема да дозволат на нивен терен да се вежба и спроведува тој пропаганден образец на симплифицирање на работите до таков апсурд, со кој поединецот, па и севкупниот социјален капитал на земјата е сведен само на неговата употребна вредност во политичката борба. Нема да доволат да бидат невидливи и покриени со амбивалентната форма на комуникација во која нема место за друг освен за власт и опозиција, односно „тие“ и „ние“.

Зарем ништо друго нема помеѓу? Кои се овие луѓе кои секој ден се редат на протести по улиците, а кои не се вклопуваат во ниедна верзија на политичките приказни? Колку што Груевски се залажува со приказните дека тие се под контрола на опозицијата, исто толку и опозицијата гради илузии дека коинцидирањето не нејзини ставови со оние од протестите, ќе и донесе кадровски капитал на партиското конто.

Ништо не е црно-бело, иако на елитите најмногу им одговара таквиот распоред во кој нема место за трет. Затоа граѓаните и нема да се задоволат со тоа што им е привремено дозволена некаква презумпција на критичност. Се разбира, не во медиумите, туку само во паролите на протести. Но, прашање е колку и тоа ќе трае. Зад аголот веќе демнат измени на Законот за полиција, со кои во употреба ќе влезат гумени куршуми за привремено онеспособување лица од толпа кои го нарушуваат јавниот ред и мир, како и електричен парализатор, за моментно справување, привремено онеспособување и доведување до послушност на агресивни лица.

Дали нарушувањето на мирот на Владата со протести се смета за нарушување на јавниот ред и мир? За да знаеме дали тоа може да стане евентуален повод за „доведување до послушност“. Колку и да звучи овој „патриотски идеал“ трогателно неинвенетивно и депримирачки истрошено, досега верував дека до него се стигнува со посуптилни мерки. Но, штом работата дошла до електричен парализатор, значи дека тие веќе не даваат резултат. Време е за „реформи“!