Имитација на животот

Има моменти во животот кога зборовите изгледаат целосно бесполезни. Какво сочувство да изразиш, каква утеха да дадеш, и како човек воопшто може да се надева да најде минимум душевен мир по она ужасно видеосведоштво на кое се слушаат последните очајнички крикови на луѓето заробени од пламените јазици. Неиздржливо, пеколно болно. Тоа е пожар од кој никој нема да излезе без длабоки рани, изгореници и лузни. Тоа е смрт по која сите сме сѐ помалку живи. Затоа што не сме биле доволно живи да превенираме таков ужас. Истрагата треба да открие дали сме можеле.

Се надевам дека ќе даде одговор и на онаа крајно сомнителна „коинциденција“: како може прославите на најголемите празници – Илинден и Осми септември, последователно да бидат „крунисани“ со огнени стихии – прво во Кочани, потоа и во Тетово. Дали е случајно што во болницата во Тетово еднаш беа пресечени доводите за кислород, за среќа без успех на болниот ум/ови што го сторил/е тоа. Дали пожарот во модуларната болница во Тетово е „компензација“ за тој неуспех, или сплет на други околности што не се поврзани со саботажа, иако некои политичари отфрлија индиции за тоа? Дали по дефилето на армиски и полициски возила (дел наменети за извлекување лица во ризици и непогоди), некој сакал да ја тестира државава дали има обичен противпожарен апарат во модуларна болница? И дали го имало?

Болката за страдањата и изгубените животи е подеднаква. Но, оние 14 не добија шанса да ја победат болеста. Им беше одземена. Тоа е она што создава и внатрешен немир, и гнев против ниската цена на животот, и револт против сите неизвлечни поуки и заложби, кои по правило се пост фестум и кампањски

Што и да покаже истрагата за овој случај, не смее да се занемари фактот дека ние сме во континуиран „пожар“. На денот кога изгубивме 14 луѓе во ужасен пекол, починаа уште 24 лица, од кои 21 во болнички услови. Вчера починаа уште 31, од кои 27 во болнички услови. Болката за страдањата и изгубените животи е подеднаква. Но, оние 14 не добија шанса да ја победат болеста. Им беше одземена. Тоа е она што создава и внатрешен немир, и гнев против ниската цена на животот, и револт против сите неизвлечни поуки и заложби, кои по правило се пост фестум и кампањски.

По несреќата кај Ласкарци во 2019 година, почнаа големи контроли на возилата за меѓуградски превоз на патници. Дали со ист интензитет траат и денес? Пожарите стивнаа, но дали авионите ќе полетаат? Што сè се случи со „итната постапка“ за нивно сервисирање? Луѓето се изморени да бидат сведоци на цела низа поединечно ирелевантни образложенија, а во својата вкупност суштински важни делови на еден разгранет систем на (на)надлежности, кој не одговара на потребите нешто да се направи – навреме!

Тоа го прави животот овде многу евтин. Најевтин. Почнувајќи од тоа колку лесно и бесмислено се губат животи – на патишта, градилишта, до болници. Проблемот е во зачестеноста на таквите загуби, во долгото траење на патолошката состојба, и во сѐ послабиот потенцијал на општеството да се бори против индолентноста, за со што помали последици да го преживее расчекорот меѓу несоодветни поединци на одговорни места.

Цената на човечкиот живот е немерлива. Не може да се пресмета преку никакви патриотски наративи, државни симболи, знамиња, програми и стратегии, со кои, токму во име на животот, се спроведуваат сите политики.

Ние живееме во земја на недоживеани животи и незавршени дела. Приказната за младата девојка што го изгубила животот обидувајќи се да ја спаси својата мајка, е чин на храброст и човекољубие за кој не постојат зборови. Но, таков крај, условно ќе беше „поприфатлив“ доколку живеевме во војна. Во мир, вакви загуби не се дозволени.

Приказната за младата девојка што го изгубила животот обидувајќи се да ја спаси својата мајка, е чин на храброст и човекољубие за кој не постојат зборови. Но, таков крај, условно ќе беше „поприфатлив“ доколку живеевме во војна. Во мир, вакви загуби не се дозволени

Таа девојка, ќерка, сестра, денес е пожива од сите мртви пувала во нашето секојдневие, изгорени и пеплосани од немоќта да се справат со функциите што им се доделени. Ама нејзината живост, во споредба со нивното мртвило, сепак е симболика. Херојствата на младите ни се потребни во нивниот исполнет и полнокрвен живот, а не за збогување од него. Не зборуваме овде за природно доаѓање на судниот ден, туку за обратен процес, кога општествени или субверзивни околности приредуваат влечење на црната животна „лотарија“.

Ако животот почне да преминува во она што се нарекува имитација на животот, ако дел од граѓаните заминуваат во вистинска, а дел се повлекуваат во внатрешна емиграција, кој вистински ќе живее овде? Каква дефиниција ќе добие животот? Како ќе ја третираме одговорноста, а да не се врти само околу оската наречена оставка, ако таа е само форма на несанкционираната суштина. Каков пример ќе им оставиме на младите? Да се навикнат на систем, кој функционира како оркестар за погреби, прослави и свадби?

Нормално, ниеден политичар, директор, раководител не очекува да се случат вакви трагедии во нивниот мандат. Но, тоа е нешто што не се остава на очекувањата, туку на преземени активности, кои навреме ќе спречат или во голема мера ќе ја намалат таквата опасност. Ако такви активности не се преземени, не постои сооднос на толеранција што може да се поднесе по глава на жител. За водење политика е потребен морал и обмислени политики. Националниот суверенитет не може да се сведе на фраза. За тој да опстои и живее, потребни се живи луѓе.