Имуни на смог

Некаде прочитав дека оние сизифовски обиди што упорно ги повторувате, иако знаете дека не водат до никаква цел и никаков резултат, се еден од симптомите на депресијата. Мене некако во овој временски период (најчесто јануари) редовно ме дрма некоја, ем ментална, ем професионална депресија. И двете (не само) мои клинички состојби имаат ист корен – нечистиот воздух!

Верглање во магла

Како млад човек мислев дека новинарството има моќ да го менува светот. Или барем некои работи да ги промени на подобро. Едноставно, да му го олесни животот на таканаречениот обичен човек. Сѐ уште мислам така. Освен во случајот со загадениот воздух. Немам евиденција колку текста имам напишано на оваа тема, ама знам дека работите, не само што не се смениле, туку сѐ подлабоко се заглавуваат во густиот смог на нашето природно и ментално загадување.

Токму преку текстовите за загадувањето сфатив дека новинарството, својата проактивна улога може да ја замени во сезонска работа. Се знае кога е сезоната на загадувањето и тогаш наводно се алармира јавноста. И – никому ништо.

Aко веќе мора да умреме, зошто да го правиме тоа во тешки маки што самите сме ги предизвикале. Дури и смртта е поубава во чист воздух, отколку во смог

Беглиот поглед на мојата скромна архива вели дека сум пишувал по некој текст за загадувањето на отприлика секои две-три години. Велам, на две-три години, не затоа што проблемот исчезнал во меѓувреме, туку затоа што е навистина депресивно секоја година, со децении, во исто време да предупредуваш на нешто без никаков резултат.

На пример, во 2008 година сум пишувал некој текст по повод еден напис на британски „Гардијан“, каде што е објавена мапата на тогаш најзагадените градови во светот. На мапата Македонија тогаш е застапена со пет града (Скопје, Тетово, Куманово, Битола и Струмица). Исто толку градови се обележени во Грција, во Бугарија се четири, во Хрватска три, во Босна и Херцеговина е само Сараево, во Србија само Белград, а во Албанија и Црна Гора не е обележен ниту еден град.

Во 2015 година сум ламентирал врз картата на светот што ја објави НАСА, а на која се обележени најзагадените подрачја на Земјината топка. Да, тоа се Источна Кина, Индија, Индонезија и – Македонија.

Во 2019 година сум ја коментирал јаловоста на тогашните градски мерки против загадувањето (поскап паркинг, бесплатен градски превоз, продолжен распуст во училиштата), потенцирајќи дека со нив нема да се добијат оние неопходни 15 килограми, односно 13 кубни метри воздух што на човека му се неопходни за дневно функционирање.

Во 2021 година сум пишувал за намалување на ставките во општинските и во државниот буџет за екологија, наспроти декларативните заложби на партиите во предизборната кампања и промовираните „зелени агенди“, кои по изборите некако волшебно исчезнаа. Ако некој се сеќава, во тоа време и ДУИ се ребрендираше во „зелена партија“.

Еве, и во оваа 2025 година можам, не да ги рециклирам, туку буквално да ги повторам моите стари текстови. И само да додадам дека состојбата не е статус кво, туку е влошена.

И, да се разбереме, ова го говорам од аспект на новинар кому екологијата никогаш не му била примарен сектор. Што треба да кажат колегите што многу поактивно се занимавале со оваа тема? Или активистите, кои упорно нѐ предупредуваат за погубноста на нашите политики и нашето однесување?

Чуму тогаш повторно верглање на бескорисните зборови? Затоа што, и покрај сѐ, загадувањето е тема од приоритетен јавен интерес. Дури би рекол дека не ми е толку страшен фактот дека навистина умираме од загадувањето или, ако сме среќни, преживуваме со тешки хронични болести.

Страшно ми е дека ако веќе мора да умреме, зошто да го правиме тоа во тешки маки што самите сме ги предизвикале. Дури и смртта е поубава во чист воздух, отколку во смог.

Однесено со ветерот

Аерозагадувањето предизвикува и ментално загадување. Како може човек да се чувствува ако успеал да ја преживее саботната магла, кога тежината на воздухот буквално се чувствуваше на плеќите? Јас во мое време учев дека воздухот нема својства, нема мирис, нема вкус, нема боја… Фактот дека во нашата пракса воздухот буквално може да се види, да се опипа, да се вкуси, да се помириса… говори дека има нешто страшно погрешно во нашиот образовен систем. Или во воздухот? Или во нас самите?

И не би бил никаков проблем ако беше во прашање само саботата. Тој ден е значаен само затоа што тогаш можевме, што би се рекло, со свои очи да видиме што дишеме секој божји ден во сезоната, а богами по неа. И видовме… Како и многупати пред тоа. И потоа со нашите „дизелаши“ и раскапани автомобили се одвезовме до нашите домови, работни места, училишта, дуќани… за да се загрееме на нискоквалитетниот јаглен, лошиот мазут, пластиката и што и да е друго што го користиме како огрев.

Во времето на короната, популарен беше еден термин, „имунитет на стадото“. Мислам дека овој термин многу повеќе прилега на нашиот однос кон смогот и кон воздухот што го дишеме. Како да сме имуни на него. И како да сме навистина стадо

Просто е неверојатно со каков душевен мир (не) се справуваме со тивкиот убиец – нечистиот воздух. (Проценка е дека на годишно ниво, меѓу 17 и 19 проценти од вкупната смртност во Македонија е резултат токму на загадениот воздух). Неверојатно е и поразително со каква смиреност, носителите на политичката власт го восприемаат фактот дека Северна Македонија е најзагадената земја во Европа (а секако и една од најзагадените земји во светот).

Кој е нашиот одговор на овој предизвик? Ветувањата (и остварувањата) на изградба на сообраќајници (па и други градежни објекти) во експресно брз рок? Намалувањата на еколошкиот буџет? Опасниот по живот градски сообраќај, каде што автобусите се палат сами од себе? Непостоењето реален катастар на главните загадувачи? Непостоењето, не само на рециклажа, туку и на просто раздвојување на отпадот?

Во времето на короната, популарен беше еден термин, „имунитет на стадото“. Мислам дека овој термин многу повеќе прилега на нашиот однос кон смогот и кон воздухот што го дишеме. Како да сме имуни на него. И како да сме навистина стадо.

Јас бев еден од оние несреќници што во саботата морав да завршувам некои неопходни работи на отворен простор. Наспроти препораките на здравствените власти, луѓето на моја (ризична) возраст да не излегуваат на отворено. И морав да го возам моето 25-годишно „пунто“. Наспроти препораките да не се возат автомобили по таква загаденост. Прво, затоа што со автомобилот предизвикувам уште поголема загаденост, а потоа и затоа што е ризично да се вози на такво време.

Па, како тогаш да ги завршам работите? Со градскиот сообраќај што е подеднакво изгубен во скопската магла? Еден пријател, лекар, ми вели да ги „протегнам нозете“, здраво било за крвотокот. Во ред, ама нема ли тогаш да дишам токсичен воздух? „Стави маска“, ми вели лекарот. А дали маската ги запира оние фамозни ПМ честички? „Не“, вели пријателот, „ама нема толку да ти ги иритира дишните патишта, а и психички ќе ти влијае дека си заштитен“.

Така отприлика изгледа и нашата стратегија против загадувањето – ништо не преземаме и се надеваме дека ќе дувне ветер. Во маглата.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија