Јанка Пуста, пуста да остане

Домашната и светската јавност се возбудени од информацијата дека првенецот на ВМРО, под притисок на прогонот на властите и избегнувањето на законските санкции бега во Унгарија. Меѓутоа, набргу ќе се покаже дека Унгарија, иако значајна станица, не е никако и крајна цел на овој опеан, воспеан и обожуван вмровски деец…

Ова не е некој цитат за спектакуларното бегство на Никола Груевски во Унгарија, туку вака некако би можел да изгледа, а можеби и изгледал некој новински извештај од пред повеќе од осум децении, известувајќи за Марсејскиот атентат и за атентаторот на кралот Александар, „видниот вмровски деец“ Владо Черноземски.

Черноземски (вистинското име му е Величко Керин), поради ладнокрвните убиства на Димо Хаџи Димов и на Наум Томалевски (меѓу другите), кон крајот на 20-тите и почетокот на 30-тите години, дури двапати е осудуван на смрт, што е директна причина да емигрира од Бугарија во 1932 година и да му се изгуби секоја трага. Нешто подоцна се појавува во Унгарија, на денес веќе култниот усташки имот Јанка Пуста, кој служи како терористички логор за обука. Черноземски е инструктор на терористите на Анте Павелиќ, а на крајот и директен атентатор на кралот Александар во Марсеј, при неговата посета на Франција на 9 октомври 1934 година.

Начинот на кој почесниот претседател ја напушти сопствената партија и сопствената земја, јасно покажува дека целиот наратив, целата идеолошка матрица, целата организација на најбогатата партија во Европа, всушност не било ништо друго, туку – измама

Што е важно во аналогијата меѓу Черноземски и Груевски, освен, се разбира, фактот дека земјата која на двајцата им дала засолниште и логистичка поддршка е – Унгарија. Атентатот на кралот Александар е врвот на терористичката активност на тогашната ВМРО. Но, и покрај евидентното учество во организацијата и извршувањето на атентатот, тука ВМРО се појавува само како – платеничка организација!

И без оглед на фактот дека е тоа најзначајното убиство што го извршиле платениците на Ванчо Михајлов, овој атентат всушност го означува и крајот на ВМРО, која во тој период и организациски и секако поинаку, практично сосема се маргинализира на политичката, историската, па дури и на терористичката сцена.

Иако атентатот нема никакви позитивни ефекти врз македонскиот народ во Кралството Југославија, туку напротив, сепак, тоа не е причина ладнокрвниот убиец Черноземски да биде воспеван како голем војвода и патриот. Во испеаната песна за него, на пример, има еден стих кој вели дека Черноземски кога пукал во кралот извикал „Еве ти ја кралу Македонија“. Според некои извештаи, наводно Черноземски воскликнал „Да живее кралот“ (на српски јазик), веројатно за да го збуни обезбедувањето, а според други сведоштва – не рекол ништо.

Во неговата родна Каменица (денес населба во Велинград, Бугарија), главната улица го носи неговото име, додека на споменикот подигнат 2005 година, стои дека подигнале „македонските бугари“. За некое чудо, дури и во проектот „Скопје 2014“, Черноземски не најде место за сопствен споменик или барем некоја улица да го носи неговото име, веројатно поради фокусираноста на власта врз античкиот период.

Што е важно во аналогијата меѓу Черноземски и Груевски, освен, се разбира, фактот дека земјата која на двајцата им дала засолниште и логистичка поддршка е – Унгарија

Еве, речиси еден век подоцна, уште еден „виден вмровски деец“ го најде своето засолниште во Унгарија. И овој, како и Черноземски, е бегалец пред законот. И овој, како и Черноземски, најавува борба за Македонија од егзил. Но, овој, сепак не е терорист како Черноземски, или барем не е класичен терорист, но затоа периодот на неговото дејствување, слично како и кај претходникот, не само што нема да биде обележен како позитивен во македонската историја, туку напротив, како еден од најтемните периоди на овој народ.

Слично како и Черноземски, ниту овој лик нема да добие своја улица или свој споменик, барем не во главниот македонски град, а ќе продолжат да го воспеваат некои опскурни политички и историски маргиналци.

Логорот Јанка Пуста одамна не постои, иако нема да биде ништо необично тој да се возобнови, но со сосема друга намена. Имено, Јанка Пуста се наоѓа на некои десетина километри од хрватската граница, а со оглед на унгарската политика со емигрантите, нема да биде изненадување тука да се изнедри некаков бегалски логор. Груевски е, како што гледаме, ВИП-бегалец во оваа земја, па веројатно ќе му биде овозможено барем туристички да го посети Јанка Пуста, тој симбол на пропаста на ВМРО.

Главната аналогија е токму таа – пропаста на ВМРО! Начинот на кој почесниот претседател ја напушти сопствената партија и сопствената земја, јасно покажува дека целиот наратив, целата идеолошка матрица, целата организација на најбогатата партија во Европа, всушност не било ништо друго, туку – измама. Партијата сега мора да се дави во сопствената конфузија, да дише на жабри во целата политичка и идеолошка загаденост, што самата ја продуцираше. И како што сега стојат работите, тоа баш и не им успева. И бадијала сее сега сите поделби на „патриоти“ и „предавници“, „Квислиншки влади“ и „капитулантски договори“…

 Дури и во состојба кога СДСМ никако да покаже ефективност во своето владеење, најголемата опозициска партија останува – маргинализирана, првенствено поради сопствените погрешни проценки, а најмногу поради заблудите што ги сееја до таа мера, што на крајот и самите поверуваа во нив.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија без Груевски може да доживее само обратни ефекти – да се стабилизира како една сиромашна, но, сепак, нормална државичка на југот на Европа и конечно да почне да живее како нормална држава, ослободена од митовите и митологиите, од опседнатоста од сопствена вечност и вселенска битност и, пред сѐ, од месиите и пророците кои всушност го промовираат државниот тероризам, односно легалниот грабеж на сѐ што може да се грабне.

Некој умен некогаш рекол дека историјата има обичај да се повторува, но секогаш како фарса. Фарсата, ете, некогаш знае да биде и весело-трагична. Се надеваме дека ова, сепак, ќе биде последното поглавје од македонско-унгарската приказна наречена Јанка Пуста.