Катна гаража „Валандовски конгрес“  

Колумна на Сашо Кокаланов

Откако насамарија едно чудо луѓе ветувајќи им сигурна аболиција за насилствата во Собранието, за потоа „одбраната“ да се сведе на блокирани две-три крстосници со една рака народ, ветувањата дека еден ден ќе ги прогласат за херои и дека ќе им кренат споменици, звучат доста, доста уверливо. Немам дилема дека и тоа што штрајкувачите со глад пројадоа има директно врска со помијата од херојски ветувања што пристигна од централата.

Се разбира, во Македонија никогаш не треба ништо да се исклучи, па ниту можноста лудаците повторно да ја добијат шансата да градат споменици и катни гаражи, а главен архитект и скулптор повторно да биде Никола Груевски, излезен од ќорка како некој македонски античко-комитски Нелсон Мандела.

Растргнати на сите страни како зомбија стојат на раскрсниците, чекаат да дојде 17 часот за да си ги стоплат телата и 23 декември за да си ги стоплат душите

Оттука, шансите во Жена парк да се исечат уште неколку дрвја и на нивно место да никне соцреалистички и буквалистички споменик (сличен на оној асномскиот) со кој ќе биде претставен херојскиот 27 април (Бетмен мочат, Владо носи вода, Дурло со мајкл-џордановски скок од Миланската скала на скалите во Собрание, а пет-шестмина маченици отвораат врати) никогаш не смее да се сведат на нула. Никој нема да биде заборавен.

Освен водачите, тука негде, низ Центарот, со помали димензии ќе бидат и скулптурите: Бронзениот скубач на Рада, Фантомот што ја бакна Бетка, Спасителот Влатко Ѓорчев гаси светло во својот кабинет, На интервју со Чомовски и една со политичко-религиозни мотиви – Свети Ѓорги ја убива ламјата Села.

Што знам, јас да сум Вале Стефановска ич не би губел време и веднаш би се фатил со изработка на макетите, барем додека не почнале притворите за „Скопје 2014“.

Но, најголем зафат за заблагодарување на хероите кои во меѓувреме, години, а можеби и децении, ќе скапаат по комуњарските зандани, сепак, нема да бидат спомениците. Се знае дека ВМРО најпатриотски се чувствува кога именува катни гаражи. Нема великан или настан од историјата на партијата што не добил своја катна гаража, па зошто и овие големци и убијци во обид да не ги дадат своите славни имиња за тие прекрасни барокни зданија во кои скопјани ќе паркираат нурнувајќи се длабоко во својата крвава и маченичка историја како занимација додека бараат слободно паркинг-место.

Секако дека на своја катна гаража може да се надева и историскиот Валандовски конгрес. Ако може еден Солунски конгрес на кој се донела помалку важната одлука за кревање на Илинденското востание да има своја гаража, зарем овој на кој Груевски ќе го постави Мицковски за свој наследник и ќе падне одлуката да се блокираат уште две нови крстосници во Скопје – да остане занемарен во историјата. Па, ве молам, едно Разловечко востание што траело пократко од министерувањето на војводата Оливер Андонов, има своја гаража, а да нема ова блокирање раскрсници со денови, и тоа на температури блиски до нулата.

Валандовскиот конгрес не е важен за Македонија само како историска разврска на која комитите избираат нов предводник на фалангата. Овој грандиозен собир и празник на надалеку познатата внатрепартиска демократија во ДПМНЕ може да значи и почеток на новата ера за општините Зрновци, Илинден, Петровец, Сопиште и Кавадарци, кои партијата ги контролира како слободни економски зони, херојски ослободени од чизмата на режимот на Зоран Заев, мали крушевски републики кон кои еден ден ќе се упатуваат коњанички комитско-антички бригади од Драчево за симболично да го одбележат македонскиот непокор и фактот дека македонскиот народ откако постои ВМРО, никогаш не бил без своја држава, или во најмала рака – без своја општина.

Нема македонска куќа во која на 23 декември, сабота, со јанѕа не ќе се исчекува белиот чад од Валандово. Денес ние Македонците сме поделени, некои сме за Мицко, други за Илчо, трети го притискаме Вилипчо да се кандидира, но по Валандовскиот конгрес сите ќе се обединиме околу победникот и ќе тргнеме храбро кон ослободување на целата територија на Македонија, на сите три дела, за пак да биде цела, или барем да ја прошириме на уште пет општини, а не е далеку денот кога 23 декември ќе се слави повеќе и од великиот 23 октомври.  

Ако по Валандово имаме во државава две прозападни водечки партии (заедно со сите прозападни партии на Албанците), тоа може да биде мрак за плурализмот во државава

Инаку, ако ја тргнеме историјата на страна, мене лично ми е сеедно кој од приложените кандидати ќе биде избран, сите се тие македонски синови, а на реалниот живот повеќе ми влијае кој ќе е претседател на куќниот совет во соседната зграда, отколку кој ќе е претседател на ДПМНЕ, но тоа не е важно сега. Важно е секој македонски граѓанин по Валандово да добие реален избор – покрај поданичкиве, платенички, проевропски, про-НАТО и албанофилски сили што сега се на власт, граѓаните заслужуваат да постои и опција која ќе биде анти-НАТО, евроскептична, албанскофопска, па на избори да може лесно да се определат. Ако по Валандово имаме во државава две прозападни водечки партии (заедно со сите прозападни партии на Албанците), тоа може да биде мрак за плурализмот во државава.

Во таа смисла, фаворитот Мицковски дури и ми стана антипатичен откако се обзнани дека тој е изборот на Западот и на странските служби што ја разнебитуваат Македонија. Ако е тоа вистина, кој ќе ги застапува интересите на Мирка, Миленко и Нинфомакс по Валандово? Кого утре ќе советува Ристо Никовски? Кој ќе ја пали американската амбасада во знак на солидарност со Србија и Република Српска кога ќе ги поднесат најавените тужби против НАТО? Кој ќе обезбеди руски знамиња за следниот голем партиски митинг? Кој ќе бара гасни комори за Албанците? Кој ќе штрајкува со глад во шатор пред Собрание за да не се учи на албански? Кој ќе ги спроведе десетте свети точки од заветот за десоросоизација даден на историскиот протест пред ДИК?

Многу историски импликации, многу кандидати, многу неизвесност. Ајде веќе нека доаѓа тој 23 декември, не се живее вака повеќе! Јанѕа нѐ јаде нас кои не сме членови на ДПМНЕ, а дури како им е на зачленетите вмровци. Имам такви пријатели, не може човек да ги гледа колку страдаат деновиве. Срцето им вели едно, разумот друго, а партиското раководство трето. Растргнати на сите страни како зомбија стојат на раскрсниците, чекаат да дојде 17 часот за да си ги стоплат телата и 23 декември за да си ги стоплат душите.

Иако, мислам дека дури и ним им е јасно дека веројатноста ДПМНЕ некогаш да се врати на власт не зависи од тоа кој ќе им биде лидер туку од бројот на изјавите што ќе ги даде Петре Шилегов до следните избори. Ако дава изјава секој ден, шансите на ДПМНЕ не се за потценување, а ако дава повеќе од една изјава дневно, партијата на Груевски, независно дали со Мицко, Влатче, Илчо, Вилипчо или Тончо на чело, сигурно се враќа на власт.